1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште еден обид за протерување руски државјанин од Србија?

Уна Сабљаковиќ
31 август 2023

На рускиот државјанин Јевгениј Иржански српското МВР му ја укинало дозволата за престој со образложение дека постојат „безбедносни пречки“. Тоа е трет таков случај во последниот еден ипол месец.

Јевгениј Иржански
Јевгениј Иржански добил решение да ја напушти Србија поради „безбедносни пречки“Фотографија: Privat

Јевгениј Иржански во Србија дошол во април 2022 година.Се населил во Белград и отворил компанија за организирање јавни настани, пред сѐ концерти. Првата дозвола за престој ја добил набрзо по пристигнувањето. Втората дозвола, која била валидна до 2024 година, му е укината пред неколку дена.

„На почетокот на јуни добив повик да се јавам во полиција. Ми рекоа дека ќе биде регуларен разговор, но всушност беше вистинско испрашување. Отидов без адвокат, зашто немам што да кријам. Присутни беа тројца службеници, ме прашуваа кај сум роден, кои ми се родители, што мислам за Путин, дали го познавам Петер Никитин (руски државјанин и антивоен активист кој  живее во Србија, н.з.).  По тој разговор сепак добив втора дозвола за престој“, вели Иржански за Дојче веле.

Сепак, на 28 август, Иржански повторно добил повик да се јави во полиција. „Ми рекоа дека сакаат да проверат дали е сѐ во ред со работата, зашто дозволата за престој ми е врз основа на вработување. Реков дека организирам концерти. Потоа ме информираа декапривремениот престој во Србија ми е укинат. Морам да ја напуштам Србија во рок од една недела и забранет ми е влез до август 2024 година. Бараа во полиција да дојде и мојата сопруга, а на 29 и нејзе ѝ е укината дозволата за престој, издадена врз основа на семејно спојување“, објаснува Иржански.

(Не)законска одлука

Во образложението на решението кое ДВ го имаше на увид, пишува дека Управата за странци на Министеството за внатрешни работи е известена дека „орган задолжен за заштита на безбедноста на Србија се изјаснил за постоење безбедносни пречки“ за престој на Иржански во Србија.

Адвокатот Марко Штамбук, застапник на Иржански, не можеше да даде изјава за ДВ поради презафатеност, но и итност на случајот на Иржански.

Истовремено, адвокатот Чедомир Стојковиќ оценува дека одлуката за укинување на привремената дозвола за престој на Иржански не е во склад со српските закони- „пред сѐ зашто не е објаснето за какви безбедносни пречки се работи. Точно е дека Србија може на странски државјани да им поништи дозвола за привремен престој, кога тоа го бараат безбедносни причина за Србија. Но, тоа е материјално право, мора прецизно да се наведе конкретната причина, дали на пример планира бунт или на друг начин ја загрозува безбедноста“, наведува Стојковиќ за ДВ.

Жалба

Иако во решението стои дека жалба не го одложува укинувањето на престојот, Иржански верува дека ќе може да остане во Србија додека не биде донесена одлука за неговата жалба.

Адвокатот Михајло Павловиќ меѓутоа истакнува дека во принцип, постојат законски услови Иржански да биде депортиран од земјата, дури и ако се жали. „Дали тоа ќе биде направено, не знам, но постојат законски услови, бидејќи жалбата не го одлага извршувањето на решението“, вели Павловиќ за ДВ.

Кој е Јевгениј Иржански?

Иржански е роден во 1982 година во Санк Петербург. Во Русија завршил факултет, а во 2020 година заминал да живее во Шпанија. „Таму работев за компанија која имаше претставништва во Москва и Одеса. Моја работа беше да направам пробив на американски пазар. Ме преместија во Србија откако Русија ја нападна Украина, кога беше јасно дека трговското работење меѓу Русија и остатокот од светот е завршено. По два месеци престој во Србија, ја напуштив таа компанија и основав своја. Есеноска во Србија почнав да организирам концерти на руски музичари, зашто порано имав контакти во таа област“, вели Иржански.

Причина за укинување на престојот

ДВ упати прашање до Управата за странци на МВР на Србија и побара објаснување за причините поради кои на Иржански му е укината дозволата за престој, но одговор не добивме до објавување на текстов.

Иржански верува дека правото на престој во Србија му е укинато поради врски со Руското демократско друштво (организација која се наоѓа во Белград и е против војната во Украина и режимот на Владимир Путин, н.з.).

Додава дека и во Русија бил политички активен. „Но, не многу, бидејќи се плашев од последици. Еден мој познаник заврши во затвор поради политички активизам. Затоа и сакав да живеам во некоја слободна земја во ЕУ. Во Шпанија учествував на собирите против режимот на Лукашенко. Организирав собири во знак на поддршка кон (рускиот опозиционер) Алексеј Навални“, вели тој.

„Мислам дека ова се случува и поради тоа што во Белград организирам концерти на руски музичари кои имаат антивоени ставови и во Русија се на ‘црна листа'“, оценува Иржански.

Случаите на Никитин и Волохонски

МВР на Србија на Иржански му ја укина дозволата за престој еден ипол месец откако на рускиот и холандски државјанин, антивоениот активист и основач на Руското демократско друштво Петер Никитин, му беше забранет влез во Србија.

Петер Никитин на белградскиот аеродром во јули 2023 година Фотографија: privat

Никитин во средината на јули бил задржан 48 часа на белградскиот аеродром. Образложението било дека, според оценка на Безбедносно-информативната агенција (БИА), неговиот престој во Србија има безбедносни пречки. Потоа сепак му е дозволен влез во Србија. „Не ми дадоа никаков документ, никакво образложение во врска со одлуката дека сепак смеам да влезам во Србија“, вели Никитин за ДВ.

Десетина дена подоцна, престој во Србија му е одбиен на антивоениот активист од Русија, Владимир Волохонски. Образложението исто така се „безбедносни пречки“. 

„Се поставува прашање кои се тие пречки, но ние сите добиваме одговор: ‘Тоа не ве засега вас, тоа го одлучи БИА.' Единствено разумно објаснување во случајот со Волохонски и мојот се нашите антивоени активности, а во случај со Иржански, организација на концерти на музичари кои се против војната во Украина“, смета Никитин.

Адвокатот Михаило Поповиќ вели дека проблемот е токму во тоа што БИА не мора никому да ја стави на располагање својата безбедносна проценка, освен на судот ако тој ја побара. „Тогаш судот одлучува дали е таа проценка смислена или не“, објаснува Павловиќ.

Чувство на несигурност

Петер Никитин оценува дека странските државјани се во постојан ризик дека ќе им биде ускратен престојот во Србија.

„Сега испаѓа дека никој од странците нема никаква сигурност. Секому може да му биде забранет влез во земјата кога ќе се посака, без образложение. Не станува збор само за руски антивоени активисти, туку за било кој странец во Србија“, заклучува Петер Никитин за ДВ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми