1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Уште една фудбалерка на Иран се откажа од азил во Австралија

Андреас Штен-Цимонс
16 март 2026

Фудбалерки на Иран по Азискиот куп се одвоија од тимот и сакаа да останат во Австралија. Сепак, притисокот од нивната татковина очигледно е толку голем што сè повеќе ирански фудбалерки се предомислуваат.

АФЦ Женски Азиски Куп 2026 | Група А | Иран против Филипини | Иранските играчи за време на националната химна
По нивниот тивок протест на Азискиот куп, иранската женска фудбалска репрезентација очигледно е ставена под огромен притисокФотографија: Dave Hunt/AAP/dpa/picture alliance

Петта по ред припадничка на иранската женска фудбалска репрезентација го повлекла барањето за азил во Австралија и ја напуштила земјата. Повикувајќи се на иранските државни медиуми, австралиските медиуми известуваат дека фудбалерката за која станува збор е капитен на тимот. Таа, според наводите, во текот на ноќта ја напуштила Австралија.

Тимот престојува во Малезија

Тоа значи дека пет од седумте жени во тимот на кои австралиската влада им додели хуманитарни визи по Азискиот куп, сега ги повлекле своите барања за азил. Тие се приклучиле на остатокот од тимот, кој веќе ја имаше напуштено Австралија и моментално се наоѓа во Малезија. Директно враќање во Иран во моментов не е можно поради тековните бомбардирања.

Преостанатите две фудбалерки сакаат да останат во Австралија.

По турнирот, првично пет репрезентативки побараа азил и заедно со министерот за внатрешни работи на Австралија, Тони Барк го прославија одобрувањето на нивните барања. Кратко потоа, уште една иранска фудбалерка и член на тимот исто така добија азил.

Тивок протест предизвика проблем

Судбината на иранскиот тим минатата недела привлече големо внимание. Тимот се соочи со критики на домашен терен поради тивкиот протест за време на Азискиот куп што се одржа во Австралија. Имено, за време на првиот натпревар од групата, репрезентативките молчеа за време на интонирањето на иранската национална химна. Тоа во Иран беше протолкувано како отворен протест против режимот на мулите. Државните медиуми подоцна репрезентативките ги етикетираа како „предавнички“, иако на следните натпревари тие повторно пееја, па дури и поздравуваа за време на химната.

Набљудувачите стравуваат дека на жените во Иран им се закануваат сериозни последици, или дека нивните семејства би можеле да бидат под притисок – доколку тие не се вратат дома. „Тие беа изложени на голем стрес. Не знаеја што да прават, беа загрижени за своите семејства, за имотот во Иран и се прашуваа која одлука сега би била најдобра“, наведе Нагме Данаи, советник за миграција на австралиската влада, откако минатата недела разговараше со барателките на азил.

Тимот чека инструкции за враќање дома

Петте репрезентативки кои сакаат да се вратат дома се „згрижени на најдобар начин“ во Малезија, изјави генералниот секретар на Азиската фудбалска конфедерација, Виндзор Пол Џон. Како федерацијата, така и Фудбалската асоцијација на Малезија, обезбедуваат сеопфатна логистичка, морална и емоционална поддршка, вели тој: „Тие точно знаат дека може сами да одлучат каде и кога ќе заминат. Ние сме тука за на најдобар можен начин да ги поддржиме во донесувањето на нивните одлуки.“

Тимот моментално чека инструкции од нивната федерација и организација на можни летови.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми