1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По 12 февруари - налепници со нова ознака „НМК“ на возилата

ДТЗ
2 февруари 2024

Промената следи согласно Преспанскиот договор. Налепниците со новата ознака „НМК“ ќе чинат од 30 до 50 денари, а ќе можат да се набават во станиците за технички преглед.

Скопје
По 12 февруари сите возила треба да имаат налепници со ознака „НМК“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Покрај притисокот за замена на личните документи и пасоши до 12 февруари, граѓаните ги очекува уште една обврска која што произлегува од Преспанскиот договор. Сопствениците на возила, заклучно со 12 февруари годинава мора да извршат промена на ознаката  „МК“ на регистарските таблички со новата ознака „НМК“. Налепниците со новата ознака „НМК“ ќе чинат од 30 до 50 денари, а ќе можат да се набават во станиците за технички преглед.

Налепници по симболична цена

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците.

Последните информации се дека налепниците деновиве треба да бидат доставени во МВР, а потоа дистрибуирани до станиците за техничките прегледи, каде граѓаните навреме ќе можат да ги набават. Станува збор за неколку типа на налепници, со што и цената ќе варира од 30 до 50 денари.

Обврската за користење на кодот „НМК“ на регистарските таблички произлегува од Договорот со Грција. Македонија на 17 јуни 2018 потпиша договор со соседна Грција за промена на името во Република Северна Македонија, по што се овозможи влез во НАТО. Овој договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година, што значи дека личните документи, патните исправи и регистарските таблички треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.

Налепниците со новата ознака „НМК“ ќе чинат од 30 до 50 денари, а ќе можат да се набават во станиците за технички преглед.Фотографија: DW/K. Ozimec

Роковите притискаат

Првично беше планирано менување на регистарските таблички, но поради големите прошоци и тесните рокови за исполнување на обврската се премина на едно поедноставно решение - набавка на налепници коишто ќе го содржат новиот код на државата. 

Иако роковите притискаат, се уште е неизвесно дали може да се одложи исполнувањето на обврската за замена на документите, со оглед на тоа дека голем број граѓани ги немаат заменето документите со нои на кои ќе стои новото име на државата. Последните најави од грчки официјали лица беа дека постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми