1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеСоединети Американски Држави

Ужасните последици од зомби-дрогата

АРД
25 ноември 2023

Во САД зависниците од дроги во поново време користат и средство за смирување кое всушност било развиено за ветеринарна медицина. Ксилазин не само што го засилува ефектот на наркотиците, туку предизвикува и длабоки рани.

Лекови собрани за уништување во Бабертон САД
Лекови собрани за уништување: Кризата со опиоиди е проблем во САД Фотографија: Keith Srakocic/AP/dpa/picture alliance

Генераторот на мобилната помош за нарко-зависници од округот Хауард, јужно од Балтимор, трешти. Денес пренаменетата камп-приколка стои на инаку запуштен паркинг покрај установа за бездомници.

Крег, со пропаднати очи и црно безбол капче на главата свртено наопаку, стои на вратата од приколката и уште размислува дали сака да прави брз тест за хепатитис Ц. „Веќе десет години користам опиоиди. Но, сега во нив има и Ксилазин. Од него веднаш заспиваш. И кога ќе се разбудиш веднаш сакаш нова доза“, раскажува Крег, а неговата пријателка Натали енергично клима со главата.

Нежната девојка која делува многу помлада од 27-те години што ги има, со години е зависник. На почеток не ни знаеле точно што консумираат, раскажуваат двајцата. Дури откако направиле тест за дроги што го нуди мобилната помош знаат што е тоа и сега го сакаат само „розовото нешто”, како што го нарекуваат. Затоа што тоа им го засилува чувството на дрогираност.

Ткивото изумира

Натали, која не се боцка, туку ги вдишува дрогите, има неколку рани на носот и по цело лице - и голема модрица на брадата. Крег објаснува дека тоа е „од оној пат кога падна. Всушност така погледнато и тоа беше Ксилазинот, бидејќи таа едноставно се онесвести и се преврте”. Ксилазин е фактички силно средство за смирување од ветеринарната медицина и кај многу зависници предизвикува големи и длабоки рани. Ткивото изумира.

Активистите префорсирани

Такви кожни тумори Крег и Натали уште немаат. Затоа пак може да се видат кај многу други зависници кои во мобилната помош може да добијат чисти игли, стерилизирана вода и сѐ друго што им е потребно за да се избегне покрај зависноста од дрога да се заразат и со ХИВ-вирусот или други болести. „Денес се појави еден со рани кај гениталиите. Му дадов малку завој”, вели Арон Хол, еден од ангажираните лица од Службата за јавно здравје.

Како и сите останати кои работат тука, и овој 42-годишен маж порано бил и самиот зависник од наркотици. Денес ги советува другите како да живеат колку-толку здрав живот со нивната зависност или каде може да добијат помош за одвикнување од дрогите. Со Ксилазин и раните кои ги предизвикува лекот, тој и неговите колеги се префорсирани. Тој вели: „Не сум лекар и не знам точно како треба да биде исчистена таква рана. Не ги допирам. Да се на раката - можеби, но на гениталиите? Хм.”

Значително зголемен број

Во изминатите месеци кај мобилната помош доаѓаат три пати поголем број луѓе отколку пред две години, вели Арон. Иако не водат статистика, многу од нив консумираат Ксилазин. Измешан со високопотентниот и затоа честопати и смртоносен Фентанил, една доза може да се добие веќе за пет долари.

Зависниците од дроги користат и ФентанилФотографија: Franziska Kraufmann/dpa/picture alliance

Од големите градови во руралните места

До пред неколку години консумирањето Ксилазин се концентрираше во големи градови, како Филаделфија. Сега веќе е многу проширен и во рурални области. Емили Келер е специјален државен секретар за борба против кризата со опиоиди во Мериленд.

„Статистички погледнато неговиот удел во илегалните дроги се намалува. Но, му се посветува многу внимание во медиумите и тоа е добро. Луѓето треба да знаат што земаат за да превенираат”, вели Келер.

„Зомби дрогата”, како што ја нарекуваат затоа што зависниците во екстаза се одликуваат со отсечни и неконтролирани движења, уште повеќе го отежнува откажувањето од дрогите, вели Келер. „Ако некој има сериозна повреда и сака да започне со одвикнување, клиниките не се остручени за згрижување на такви рани. Така се комплицира дополнително и онака сериозната ситуација”, вели Келер.

„Уморна сум од ваквиот живот“

И Крег и Натали од Џесап сакаат да започнат терапија за одвикнување. „Едноставно ми е смачено од ваквиот живот”, вели Натали. Со месеци двајцата живеат во автомобил или хотел. Таа заработува со онлајн сексуални услуги. Но, Натали знае дека при следната екстаза со Ксилазин и Фентанил тоа повторно нема да ѝ биде важно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми