1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ужасот во Магдебург ќе ја промени изборната кампања“

Обработка: Немања Рујевиќ
21 декември 2024

Зошто божиќниот пазар во Магдебург не беше блокиран за да не може да се влезе со автомобил? И како нападот ќе ја промени изборната кампања во Германија? Тоа прашуваат медиумите ден по смртоносниот напад.

напад Магдебург
Популистите ќе се обидат да го инструментализираат нападот во МагдебургФотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

Ден по смртоносниот напад на божиќниот пазар во Магдебург, германските медиуми се убедени во две работи.

Прво, имало безбедносен пропуст бидејќи просторот на  божиќниот пазар не бил опкружен со бариери  за да не може да навлезат автомобилите.

Второ, овој напад ќе влијае на предизборната кампања која практично веќе започна  во Германија.

„Овде станува збор за дупка во обезбедувањето. Бидејќи влегувањето на божиќните пазари со возила е познато сценарио,  од Брајтшајд плоштадот  и други напади со возила во други земји“, изјави за радио Дојчефунк Јакоб Шиндлер, експерт за тероризам и екстремизам.

Тој потсети на нападот на  плоштадот Брајтшајд во Берлин  пред точно осум години, кога терорист со камион уби дванаесет лица. На прашањето колку се безбедни божиќните пазари воопшто, Шиндлер вели:

„Тие се всушност многу безбедни. Постојат барикади, камери, полиција во униформа и цивилна облека. Се прави се за да се обезбедат вакви масовни собири. Кога се ќе биде направено како што треба, како што видовме на Европското првенство, тогаш се е безбедно“.

Зошто божиќниот пазар во Магдебург не беше блокиран за автомобили, прашуваат весницитеФотографија: Ebrahim Noroozi/AP Photo/picture alliance

Чудна биографија на сторителот

Засега е познато дека сторителот од Магдебург е лекар (50) по потекло од Саудиска Арабија. Тој е во Германија од 2006 година, а наводно се сметал за критичар на исламот.

„Нетипично е поединечните сторители да се постари. Во последните години гледаме дека сторителите стануваат се помлади“, вели Шиндлер.

„Доколку се потврди идентитетот што го објавија медиумите, тогаш е исто така нетипично дека  овој човек бил критички настроен кон исламот,  дека се плашел од исламизација на Германија и дека извршил напад таму каде што се Германците“, додава тој.

Весникот „Рајнише пост" коментира: „Се уште се шпекулира дали се работи за напад или дивеење од ментално болен човек“. Важно е што поскоро да се расчисти работата, брзо да се дознаат мотивите“.

„Без разлика дали станува збор за верски или политички мотивиран терористички напад од екстремист или не - трагичниот и смртоносен настан во Магдебург ќе предизвика несигурност. Повторно“, пишува весникот, потсетувајќи се на некои од исламистичките напади во претходните месеци и години.

Магдебург тагува по жртвите од нападотФотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

„Сега е време да се застане, да се држиме заедно како општество. Време е за сочувство. А не за изборна кампања“, заклучува весникот.

Популистите веќе го користат нападот

Ова се однесува на тоа што Германија ја чекаат предвремени избори веќе на 23 февруари. Темата за миграцијата и безбедноста беше една од поважните, а сега, се сомневаат повеќето коментатори, може да избие целосно во прв план.

Така, „Берлин Моргенпост" пишува: „Само едно е веќе јасно и тоа е горчливата вистина: Кој сака да нападне, ќе најде начин“. Нема потреба од експлозиви, секој автомобил може да биде смртоносно оружје. Оној кој тврди дека може да спречи сто проценти од нападите, измислува“, се наведува во коментарот.

„Шокирачкиот бран од оваа вечер ќе се протега до изборите. Сите во изборната кампања ќе бидат под лупа - каков одговор нудат на ваквите закани? Како и секогаш, колку е поголем стравот, толку погласно популистите нафрлаат едноставни решенија“.

Весникот „Аугсбург алгемајне“  пишува дека популистите ќе се обидат нападот да го протолкуваат како последица на „прекумерното доселување“ на мигранти. Сепак, како што предупредува коментаторот, погледот на профилот на сторителот покажува дека тука ништо не е едноставно - тој се сметал за критички настроен кон исламот.

„Тешко е да се разбере зошто овој 50-годишник не бил спречен од бетонски бариери. Таквите безбедносни мерки денес се вообичаени, особено на такви големи божиќни саеми како овој во Магдебург“, пишува весникот.

„Хоророт во Магдебург ќе ја промени изборната кампања, тоа е сигурно. Одговорните политичари треба да наметнат како стандард на однесување решително да се спротивставуваат на популистите кои ќе го искористат ова злосторство за омраза и поделби“, заклучува весникот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми