1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Вадефул: Германија нема да се вклучи во војната против Иран

СН/агенции | дпа
2 март 2026

Германскиот министер за надворешни работи предупредува: Иран не го загрозува само Израел, туку и Германија и Европа – со ракети, сајбер-напади и поддршка за Русија. Како реагира Берлин на оваа опасност?

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул дава изјава за новинари
Вадефул: Сојузна Република Германија дефинитивно нема намера како било да се вклучи во воените операции против Иран. Фотографија: Dursun Aydemir/Anadolu/picture alliance

Германија, според министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул, нема да учествува во воени акции против Иран. „Сојузната влада нема намера да се вклучува“, изјави Вадепфул за германското радио Дојчландфунк . За разлика од Британија, која им дозволува на САД да ги користат британските бази во регионот за уништување на иранските ракети и ракетните лансирни рампи, Германија таму нема такви бази. „Ние исто така немаме ни соодветни воени средства“, рече Вадепфул. „А Сојузна Република Германија дефинитивно нема намера како било да се вклучи.“

Можно е, сепак, „нашите војници од Бундесверот, доколку бидат нападнати, да се бранат дефанзивно“, додаде тој. „Натамошни мерки освен овие, од германска страна нема да има.“ Во моментов единици на Бундесверот се стационирани во Јордан и во Ирак. 

Иран го нападна аеродромот во градот Ербил во Ирак. Во оваа земја има стационирано војници на Бундесверот.Фотографија: Shvan Harki/AFP

На прашањето дали нападот на Израел и на САД врз Иран е спротивен на меѓународното право, Вадепфул рече: „Секако дека постојат сомнежи за тоа, тоа е јасно. Но мора да направиме севкупна проценка на политичката и безбедносната димензија со која се соочуваме. Тоа е наша одговорност како сојузна влада – да кажеме што значи тоа за нас овде. А Иран е значителна закана, не само за Израел и регионот таму, туку и за Германија и за Европа.“

Поконкретно, оваа опасност значи дека во Иран „повторно постои значајна програма за балистички ракети“, објасни Вадепфул. „И тоа се ракети со дострел што ја загрозува и Европа.“ Иранскиот режим, според него, „во секое време бил подготвен да дејствува и против Европа и европските интереси“ и „не’ загрозува и терористички тука во Германија“. Од Иран во насока на Германија „се изведуваат сајбер-напади“. Земјата, исто така, ја поддржува руската војна против Украина. „Не можам да го игнорирам тоа“, рече Вадепфул.

„Доколку овој режим биде спречен барем да не може против нас да постапува како што постапувал во минатото, тоа ја зголемува нашата безбедност тука во Германија. И тоа за мене е клучен аспект“, додаде Вадепфул.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми