Вадефул во Киев: „Украина ќе победи“
22 август 2026
Непосредно пред 35. Ден на независноста на Украина, кој ќе се одбележи во понеделник, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул допатува во Киев за да ја потврди континуираната поддршка на Германија за Украина во нејзината одбрана од руската агресија.
„Стоиме покрај Украина“, изјави Вадефул по неговото пристигнување во украинската престолнина. Тој нагласи дека Украина „ќе го добие овој воен судир“.
Вадефул потсети дека Украина во текот на летните месеци била изложена на „најжестоки“ руски напади. Тој ја обвини Москва за „неселективно убивање цивили“, како и за намерни напади врз енергетската инфраструктура. Според него, Русија сака да ги уништи основните услови за живот на населението и на тој начин да ја скрши волјата на Украинците за отпор.
Министерот изјави дека јули и август оваа година биле најсмртоносните месеци за украинското цивилно население во повеќе од четири години. Според него, Русија никогаш претходно не истрелала толку многу ракети врз соседната земја. „Го гледаме страдањето, гледаме како оваа земја се бори и ќе продолжиме да ја поддржуваме“, порача Вадефул.
Подготовка за зимата
Вадефул го обвини раководството во Москва за „сè понекохерентна пропаганда и сè пототалитарна репресија“. И двете, рече тој, се „знаци на очајот на режимот“.
Германскиот министер за надворешни работи најави конкретна помош за претстојната зима, кога се очекуваат засилени напади врз енергетската инфраструктура. Според германското Министерство за надворешни работи, помошта ќе опфати испорака на генератори, резервни делови и мерки за заштита на критичната инфраструктура.
Вадефул исто така нагласи дека Германија ќе продолжи тесно да соработува со Франција и Велика Британија во поддршката на Украина. Тој најави дека следната недела ќе разговара со американскиот државен секретар Марко Рубио за натамошните дипломатски напори за постигнување мир. Изрази надеж дека Соединетите Американски Држави и натаму ќе имаат „активна улога“ во тој процес.
Воздушна тревога за време на настан со Зеленски
За време на настан на кој присуствуваа украинскиот претседател Володимир Зеленскии Јохан Вадефул, во Киев беше прогласена воздушна тревога. Според извештаите, Русија го нападнала предградието Бориспил со балистички ракети. Местото, каде што се наоѓа меѓународниот аеродром затворен од почетокот на војната, се наоѓа на помалку од 30 километри источно од Киев.
Вадефул пристигна во Киев во саботата наутро со специјален воз. Ова е негова четврта посета на Украина откако пред 16 месеци ја презеде функцијата министер за надворешни работи. Како и вообичаено, посетата од безбедносни причини не беше однапред најавена, а деталите од неговата програма во Киев не беа објавени.
Украина ја стекна независноста од тогашниот Советски Сојуз во 1991 година. По повод годишнината, која ќе се одбележи во понеделник, се планирани бројни свечености, пред сѐ во Киев.