1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Вајркард - ужасна желба да се биде измамен

Томас Колман
9 декември 2022

Почнува судскиот епилог од гигантската измама на наводната германска услуга за онлајн пари Вајркард. Судењето во Минхен ќе биде долго бидејќи измамата стигнала се до кабинетот на канцеларката Меркел.

Вајркард скандал
Почнува судскиот епилог од гигантската измама на наводната германска услуга за онлајн пари Вајркард.Фотографија: CHRISTOF STACHE/AFP/Getty Images

Кулата од карти почна да се руши со телефонски повик до новинарот на Фајненшл Тајмс, Ден Меккрум, од еден од неговите доушници од светот на парите во Австралија. „Кажи, дали те интересираат неколку германски гангстери?" 

Секако, новинарот уште тогаш го интересираше ова, во 2014 година всушност за прв пат слушнал за германската компанија Вајркард. Во самата Германија, многу луѓе веќе знаеја за неа, но во тоа време никој навистина не сакаше да верува во она што „неговиот човек“ од Австралија му го кажа на новинарот: дека нешто не е во ред со деловните сметки на Вајркард.  

Приказната за Вајркард започнува на крајот на деведесеттите години кога многу германски директори немаа ни најмала идеја за интернет трговијата и дигиталните финансиски трансакции. Основачите, Детлев Хопенрат и Питер Херолд, го сфатија ова како деловна можност и во предградијата на Минхен беше создадена компанија за дигитални финансиски услуги, Вајр кард. Директор беше Хопенрат, но иако инвеститор кој е создаден за вакви ИТ старт-ап, Технолоџихолдинг вложи неколку милиони марки, бизнисот не одеше како што тие замислуваа. 

Долгогодишниот директор, а сега првообвинет Маркус БраунФотографија: LUKAS BARTH/REUTERS

Доаѓа лисица во кокошарникот 

Имаше проблеми со техниката и самата програма, па во компанијата беше донесен „експерт“, Австриецот Јан Марсалек. Кои биле неговите вистински намери од почетокот, тоа допрва треба да се открие на ова судење, но Марсалек се впуштил во радикална промена на компјутерската програма и значителни трошоци - за кои не му кажал ниту на директорот Хопенрат.

Веќе во 2000 година, директорот повикал финансиски експерт од ревизорската компанија КПМГ, а таа го испратила Маркус Браун во Вајркард. Како што се испостави, тоа било како лисица да е испратена да го провери кокошарникот: Браун веднаш видел огромна можност да ги наполни џебовите. Веднаш заборавил на својата работа во ревизорската куќа и со задоволство прифатил позиција во Вајркард, а Хопенрат се пензионирал во надзорниот одбор. Браун заедно со Марсалек тргнале да ја преземат целата компанија. 

Хопенрат побара помош од ревизорската куќа КПМГ - и тие му испратија вистински криминалец. После тоа и во таа фирма имаше последици ...Фотографија: Imago/ZUMA Press

Поради зголемените финансиски тешкотии, кога Браун дојде во Хопенрат со понуда од инвеститорот Пол Бауер-Шлихтегрол да инвестира во Вајркард, тоа изгледаше како спас. Барем тогаш веќе беше јасно дека нешто „смрди“ овде: Бауер-Шлихтегрол ги заработи своите милиони на Интернет, но повеќе од сомнителни сајтови за коцкање и порно содржини. Последниот камен - отстранувањето на основачот од компанијата, е потег што беше лесно направен на начин што беше исцениран стечај - за што всушност имаше добри причини. 

„Германскиот одговор на Амазон“ 

Компанијата само малку го промени името - од 2006 година не беше Вајр кард, туку Вајркард на чело со Бауер, а главниот инвеститор, коцкар на интернет, се приклучи на надзорниот одбор. Барем на хартија, бизнисот започна одлично: сега имаше промет од десетици милиони евра, Вајркард се котираше на берзата, па дури и влезе во индексот на компании од ИТ секторот на германската берза. 

Според деловните книги од Сингапур, изгледало дека Азијците сакале да ги вложат сите свои пари во германската ВајркардФотографија: picture-alliance/Global Travel

Германските медиуми и политичари почнаа да зборуваат за Вајркард: Германија има што да понуди и во ИТ секторот, тоа е нашиот одговор на Амазон и Гугл. Во 2007 година, во Сингапур беше основан и Вајркард Азија Пацифик, а според деловните книги, се чинеше дека парите на азиските инвеститори се слеваат таму. Вајркард растеше и во Германија, вработувајќи над 5.000 соработници, и се чинеше соодветно дека ниту еден луксуз не е прескап за директорот Браун: имаше вили и авиони и огромни плати и дивиденди. 

Потоа, во 2014 година, кога Фајненшл тајмс (ФТ) ја објави својата прва статија за сомнителните биланси на Вајркард - како што се испостави сега, книгите од Сингапур беа навистина речиси целосна фантазија, не беше покрената истрага против одговорните во Вајркард, туку - против новинарот на ФТ. И после тоа - во 2017 година, Вајркард влезе во „првата лига“ на најголемите компании во германската економија, индексот Дакс, а во 2019 година, на патувањето во Кина, канцеларката Ангела Меркел се залагаше Вајркард да отвори простор на пазарот во таа земја.  

Канцеларката Меркел се залагаше за Вајркард за време на нејзината посета на КинаФотографија: Reuters/J. Lee

Проверки 

Наместо посериозна проверка - регионалниот директор за Германија на ревизорската куќа Ернст и Јанг, која со години сведочи за одличната солвентност на Вајркард, во меѓувреме е избркан, дури и германската комисија за хартии од вредност го прекина тргувањето со Вајркард акциите во 2019 година поради гласини за проблеми. Во меѓувреме, сменет е и директорот на БаФин.

Бидејќи наводите на Фајненшл тајмс ги истражуваа и медиумите во Германија, па конечно беше наредена посериозна проверка која го покажа целиот обем на оваа измама. Се разбира, вредноста на акциите веднаш падна во бездна - од 167 евра пред написот за ФТ на речиси нула, неизбежен беше банкрот во септември 2020 година. Милијарди исчезнаа без трага, многу приватни инвеститори и финансиски институции загубија тешки милиони, а државното правобранителство конечно почна да се занимава со Вајркард.  

Новинарот на „Фајненшл Тајмс“ Ден МекКрумФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Или неверојатна будала, или сериозен криминалец“ 

Резултатот е обвинение од 474 страници, а дури и за негово читање ќе биде потребно време кога ќе започне судењето овој четврток (8 декември) во судот во Минхен. Одговорините се обвинети за  „создавање криминална група за измама“ - и тоа обвинение може да ги чини и до десет години затвор, за проневера, пазарна манипулација, лажни изјави во деловни книги... Списокот е долг, можната казна е уште подолга.

Првообвинетиот, сега 53-годишниот Браун, бил уапсен откако „исчезнале“ околу 1,9 милијарди евра, но биле пронајдени само мал дел од тие пари. На обвинителна клупа седат и некои други поранешни шефови на Вајркард, но не и Јан Марсалек. Како што исто така доцна се дозна, тој очигледно имал врски и со некои тајни служби, а кога станало густо побегнал во странство. Се претпоставува дека нашол засолниште во Русија. 

 

Самиот поранешен директор Браун не сака да сведочи, па обвинителството ќе има тешка работа да ги докаже сите престапи за кои е обвинет - судот во Минхен во овој процес одреди датуми за цела 2023 година, па дури и почетокот на 2024 година. Но, како напиша еден од поранешните соработници на Вајркард, Јорн Леогранде, по 18 години на чело на Вајркард, на Браун му останува само еден избор: „Или ќе влезе во историјата како најглупавиот извршен директор на сите времиња - да признае дека никогаш не знаел од каде е повеќе од 75% од прометот на компанијата на чие чело е. Или ќе признае дека бил вмешан во измамата на целата банда што се собрала во Вајркард“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми