1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ван дер Белен: Уставните измени не треба да се драматизираат

ДТЗ
29 март 2023

Австрискиот и македонскиот претседател на прес-конференција порачаа дека земјата мора да ги спроведе уставните измени и ја повикаа опозицијата активно да се вклучи во донесувањето на важните одлуки за во ЕУ.

Александер ван дер Белен Стево Пендаровски
Австрискиот и македонскиот претседател на на прес-конференција порачаа дека земјата мора да ги спроведе уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Австрискиот претседател Александер ван дер Белен, кој престојува во неколкудневна официјална посета на Македонија, упати порака дека е неопходно да се направат уставните измени за да продолжи процесот на евроинтеграција на земјата. „Патот е тежок, но ве молиме немојте да ја изгубите целта од вид“, вели Белен.  На заедничка прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски порачаа дека не постои план Б за евроинтеграцијата, дека земјата мора да ги спроведе уставните измени, дека таквиот процес не треба да се драматизира и ја повикаа опозицијата активно да се вклучи во донесувањето на важните одлуки за во ЕУ. 

Пример за заштита на малцинствата во регионот

Белен е убеден дека земјата ќе успее да го направи неопходниот чекор за уставните измени, со цел да продолжи кон ЕУ. „Република Северна Македонија е пример во регионот во однос на заштитата на малцинствата и тоа не се однесува само на албанското малцинство, туку на сите“, вели австрискиот претседател.

За да може брзо да продолжи процесот на интеграција во ЕУ уште еден дополнителен видлив знак би била уставната промена. „Имам огромно разбирање за фрустрацијата која е присутна за времетраењето на преговорите со Унијата. Но, затоа е важно овој моментум, ова ново забрзување и зајакнатиот интерес на ЕУ, да биде искористено и да не се дозволи да се изгуби дополнително време. Се надевам дека овој чекор наскоро ќе се реализира. Австрија останува сигурен партнер на РСМ“, порача Белен. 

Одговарајќи на новинарско прашање дали Австрија ќе се вклучи во европската дипломатија за убедување на ВМРО-ДПМНЕ да се премисли за уставните измени, тој рече дека не сака да зборува за внатрешно-политички прашања. Но, најави дека во говорот во македонскиот парламент ќе ги замоли сите пратенички групи да размислат добро околу долгорочниот ризик.

„Заштитата на малцинствата и онака е нешто што се подразбира, така што овој следен чекор со уставните измени е нешто што не треба да се драматизира“, дециден е гостинот од Австрија. 

Австрискиот претседател Александер ван дер Белен упати порака дека е неопходно да се направат уставните измени за да продолжи процесот на евроинтеграција на земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема план Б

Сигурно нема државата да пропадне ако го вклучиме и бугарското малцинство, коешто брои околу 3.500 граѓани во РСМ, вели и македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој е дециден дека земјата презеде обврска и ја усвои европската преговарачка рамка. „Оние што мислат дека таа не е добра  - не знаат како функционираат механизмите во ЕУ. Ако некој успее да издејствува нова подобра преговарачка рамка, јас ќе бидам првиот што ќе им честита. Но, нека не се обидуваат, оти нема наскоро да има таква шанса“, порача претседателот. 

Идната недела ќе биде составена работна група од експерти, во која свој предлог за експерт ќе испрати и претседателот. Тие треба да ја состават содржината на амандманите, по што ќе започне собраниската процедура. 

Уставните измени нема да се одложат

Што ќе се случи ако нема двотретинско мнозинство за уставни измени? „Ако не го усвоиме предлогот до крајот на ноемри, ќе бидеме повторно блокирани на патот кон ЕУ, овојпат со сопствена одлука. Единствен начин е да се разговара со опозицијата за да се обезбеди потребното мнозинство гласови. Аргументите се на страната на оние што веруваат дека ни на еден начин ова нема да ја загрози македонската сувереност, независност и европскиот пат на земјата.“

Пендаровски се надева дека по уставните измени, нема да има нови барања и условувања коишто би се нашле на маса.  Тој смета дека ЕУ не треба да дозволи која било членка да проблематизира влез во Унијата на друга членка која што ги исполнила реалните критериуми. „Да блокирате држава во однос на идентитетски или историски прашања е недозволено и не треба да биде дозволено во модерна Европа“, порача претседателот. 

И премиерот Димитар Ковачевски денеска беше дециден дека уставните измени нема да се одложат. 

„Верувам дека нашата држава има капацитет, пред се, демократски и европски капацитет и визија и оваа одлука за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, а којшто е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес којшто значи обезбедување на полноправно членство во ЕУ. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат во ЕУ, но тука во својата држава, а не во туѓина“, рече Ковачевски при посета на компанијата „Везе Шари“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми