Пластика плови по Вардар - апели место казни за виновниците
28 октомври 2025
Илјадници пластични шишиња и амбалажа „запловија“ по Реката Вардар кај Тетово, предизвикувајќи лавина реакции во јавноста. Видеото коешто го објави селото Копанце на својата веб-страница на Фејсбук, со голема брзина се прошири низ социјалните мрежи. Граѓаните бараат одговори и одговорност за еколошката катастрофа. Надлежните институции возвратија со апели до граѓаните за поголема грижа кон животната средина.
Лоцирање на вината
Реката Вардар, којашто со години тивко умира од преголемо загадување и секаков вид отпад и шут којшто завршува во неа, е немоќна да се бори против бројните диви депонии коишто никнуваат во близината на нејзиното корито. Голем дел од овој отпад деновиве заврши и во речните води.
По појавата на пластичен амбалажен отпад во реката Вардар и другите поголеми и помали водотеци, Министерството за животна средина (МЖСПП) вината ја лоцираше кај локалните самоуправи, слабите комунални услуги во руралните средини, но и кај општинските инспектори.
Тие посочуваат на незадоволително ниво на комунални услуги од страна на операторите, особено во руралните средини.
„Во овие подрачја е евидентно присуство на помали или поголеми диви депонии на јавни површини, за чијa санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби“, велат од МЖСПП:
Каде се инспекторите?
Тие наведуваат дека заедно со Државниот инспекторат за животна средина континуирано укажувале преку ЗЕЛС дека е потребно постојано следење на состојбите со управувањето со отпадот и засилено присуство на општинските инспектори на терен. Тие апелираат до единиците на локалната самоуправа, комуналните претпријатија и граѓаните за заедничка одговорност и делување во насока на зачувување на чистотата на реките и водните текови.
Од ресорното министерство најавуваат дека Државниот инспекторат за животна средина подготвува измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со цел воспоставување на единствен систем на инспекциски надзор што ќе овозможи поефикасна и поефективна контрола во областа на животната средина во Македонија.