Варшавско востание 1944 - национална гордост и траума
1 август 2024Варшавското востание, кое започна на 1 август 1944 година и заврши со капитулација на востаниците по 63 дена жестоки борби, се смета за основачки мит за независната полска држава (или мит на кој почива независната полска држава). Тоа ја симболизира желбата за слобода и борбениот дух на Полјаците против окупацијата и тоталитаризмот.
По Втората светска војна, германските политичари не беа добредојдени на комеморациите и на годишнините од Варшавското востание. Дури по падот на Железната завеса во 1989 година дојде до пресврт.
Во 1994 година, полскиот претседател Лех Валенса го покани тогашниот германски претседател Роман Херцог во главниот град на Полска. Гостинот од новообединетата Германија не само што требаше да присуствува на одбележувањето на годишнината од Варшавското востание, туку требаше и да одржи говор - што беше храбра одлука на поранешниот лидер на полскиот синдикат „Солидарност“.
Херцог ги помеша востанијата
„Нас Германците нѐ исполнува срам што името на нашата земја и народ засекогаш ќе се поврзуваат со болка и страдање, кои им беа нанесени на Полјаците милиони пати“, рече Херцог на комеморацијата во Варшава. Тој ги молеше сите полски жртви на војната за прошка „за она што им го направија Германците“.
Посетата на Херцог беше контроверзна, бидејќи неговото учество на комеморацијата дојде прерано за многу Полјаци. Ветераните, кои со него го чекаа почетокот на комеморацијата, се спротивставија велејќи: „Овој Германец денес не ни треба овде“. Во едно интервју, германскиот претседател го помеша Варшавското востание со Востанието во Варшавското гето (1943), што дополнително го оптовари неговиот настап.
Резервираноста на Полјаците беше целосно оправдана, бидејќи масакрите извршени од Германците оставија длабока траума во колективната меморија на Полјаците. Нацистичкото раководство во Берлин не бираше средства да ја врати контролата врз градот, кога на крајот на јули 1944 година тенковските единици на Црвената армија стигнаа до источните предградија на Варшава.
Полската Татковинска (копнена) армија - Армија Крајова (АК), која дејствуваше во илегала, мобилизираше неколку десетици илјади борци, од кои секој осми имал само пиштол. Целта на водачите на полската армија АК, која беше подредена на антикомунистичката влада во егзил во Лондон, беше да ја ослободат Варшава од Германците - пред Советите да влезат во главниот град.
Советите се сметаа за закана за полската независност. По пет години германски терор, Полјаците сакаа сами да ги протераат окупаторите.
Садистички практики
Во првите денови од Варшавското востание, полските востаници успеаја да ослободат големи делови од главниот град. Сепак, стратешките објекти - мостовите на Висла, централната железничка линија, аеродромот и „германската населба“ - не можеа да бидат заземени.
Германските единици брзо започнаа контранапад. Хајнрих Химлер го задолжи шефот на полицијата, СС генералот Хајнц Рајнфарт да го задуши востанието. Меѓу неговите војници беше и озлогласената СС бригада Дирлевангер, позната по воените злосторства.
„Доаѓањето на Рајнфарт ја претвори битката во колеж“, пишува германскиот историчар Стефан Ленштад. Се проценува дека помеѓу 5 и 7 август 30.000 до 40.000 луѓе, главно цивили, биле убиени во дел од градот наречен Вола. во западниот дел на Варшава.
Полските историчари дури зборуваат за повеќе од 50.000 жртви. Во неколку болници, пациентите биле стрелани, медицинските сестри биле силувани и „убивани на различни садистички начини“, наведува Ленстет. „Што да правам со цивилите? Имам помалку муниција од затворениците“, прашувал Рајнфарт.
„Ексцесите биле планирани и посакувани“, нагласува Ленштад. Високиот функционер на СС и ополномоштеник на Хитлер за справување со бандите, Ерих фон дем Бах, на кого му беше подреден Рајнфарт, го намали насилството врз цивилите по неколку дена, бидејќи се плашел дека претерувањата можат да предизвикаат посилен отпор.
Црвената армија чекаше
Во наредните недели, германските трупи, поддржани од авијација, тенкови и тешка артилерија, ја освојуваа Варшава населба по населба. Советската помош беше отсутна и дури на 15 септември Црвената армија стигна до источниот брег на Висла.
Иако не е докажано, тоа многу кажува дека Сталин не сакал да им помогне на полските востаници. Било предоцна за ефикасна помош во тој момент.
Западните сојузници се ограничија на испорака на оружје од воздух, што не можело да го спречи поразот. На крајот, раководството на полската армија од подземјето беше принудено на капитулација, која беше потпишана на 2 октомври од командантот на АК Тадеуш Коморовски, познат под псевдонимот „Бор“.
Исходот од востанието е трагичен. Убиени се околу 18.000 бунтовници и до 180.000 цивили. Германските загуби изнесуваат помалку од 2.000 загинати војници и офицери.
Најмалку половина милион Полјаци се протерани од градот. Многумина беа однесени во германски концентрациони логори или на принудна работа.
200.000 мртви и страшно уништување
Химлер беше „исклучително задоволен“ од крвопролевањето. Во говорот на крајот на септември 1944 година, тој призна дека го сметал востанието за „благослов“ бидејќи, тоа овозможило уништување и срамнување на Варшава како „главен град, мозок и интелигенција на тој поранешен народ од 16-17 милиони жители - на народ кој не блокираше од исток 700 години“.
Од октомври 1944 година, СС почна систематски да го ограбува и уништува градот. „Секој блок од згради треба да биде запален и урнат“, гласеше наредбата на Химлер. Советските војници, кои на 17 јануари 1945 година влегле во градот, кој никој не го бранел, затекнале камења и урнатини - опустоштени и уништени градски населби без луѓе.
Одговорните за воените злосторства во Варшава не беа казнети. По војната, Хајнц Рајнфарт стана дури и член на парламентот на Шлезвиг-Холштајн и градоначалник на Вестерланд на островот Зилт.
Од појавувањето на Херцог пред 30 години, германско-полските односи, покрај ударите, се подобрија. Посетите на германските високи функционери на Варшава секој 1 август веќе не се исклучок.
Сепак, актуелниот германски претседател Франк-Валтер Штајнмајер, кој говореше вчера (31.07.2024) на плоштадот Красински - истото место како некогаш Херцог - немаше лесна задача.
И покрај напредокот во односите меѓу Берлин и Варшава по промената на власта во Полска во есента 2023 година, прашањето за репарации и воена оштета за жртвите на Третиот Рајх сè уште виси над двете земји како Дамоклов меч. Последните преживеани од Варшавското востание сакаат конкретни финансиски ветувања наместо уште едно признание за вина.