1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Важна средба - на маса Планот за раст на Западен Балкан

22 јануари 2024

Со комбинацијата на реформи и инвестиции планот за раст има потенцијал да ја удвои економијата на Западен Балкан во следните 10 години. Од состанокот се очекуваат и други пораки за регионот.

Белгија | самит ЕУ-Западен Балкан
Плакат на самитот ЕУ-Западен Балкан во Белгија, 13.12.2023Фотографија: Virginia Mayo/AP Photo/dpa/picture alliance

Претседателот на македонската Влада, Димитар Ковачевски, денеска е домаќин на состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст за Западен Балкан, усвоен од Европската Комисија. Планот кој кон крајот од минатата година на балканска турнеја го претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предвидува помош за државите од регионот од 6 милијарди евра за периодот од 2024-2027 година. Од нив 2 милијарди евра се неповратна помош, а 4 милијарди евра во поволни кредити. Помошта е условена и ќе биде исплатена ако земјите ги спроведат неопходните реформи.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски (л.) со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји (д.)Фотографија: Government of North Macedonia

На состанокот, покрај Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската Комисија, Герт Јан Копман, ќе присуствува и помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан, што според регионалните аналитичари укажува дека освен за економскиот раст на западнобалканската шесторка, ќе бидат испратени и други важни пораки. Во година во која ќе има европски избори, и избори во САД, се очекува да бидат испратени пораки до регионот за неопходноста од спроведувањето на клучните реформи, меѓу кои - Косово и Србија конструктивно да го продолжат дијалогот, но и да бидат на ист геополитички и геостратешки пат, како и Северна Македонија која е пред избори да остане цврсто на европскиот пат.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој вчера (21.01) му посака добредојде на О`Брајан, потенцира дека сојузништвото и соработката со САД кои траат со децении се клучни за стабилноста и напредокот на РСМ на патот до членство во ЕУ.

„Верувам дека ќе реализираме плодоносна средба со што ќе ја зацврстиме успешната реализација на евроинтеграцијата на нашата држава и регионот на Западен Балкан до 2030 година“, обави Маричиќ на Фејсбук.

Потенцијал за носење храбри одлуки

Неформалната средба меѓу лидерите на Западен Балкан почна синоќа со вечера во скопски ресторан.

„Во пријателска атмосфера со лидерите од Западен Балкан ги потврдивме нашите ставови за интеграција на регионот во ЕУ. Местото на сите држави од регионот е во ЕУ и го имаме потребниот лидерски потенцијал за носење на храбри одлуки за подобра иднина. На сите нас - и на Западен Балкан и на Европа, ни се потребни единство и стабилност“, напиша Ковачевски на неговиот Фејсбук-профил, објавувајќи фотографии од пречекот на гостите.

На една од нив, покрај Ковачевски се и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Косово, Албин Курти, генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман, помошникот државен секретар на САД, Џејмс О’Брајaн, претседателот на Фондацијата „Отворено општество“, Александар Сорос, како и претседателот Стево Пендаровски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и првиот вицепремиер Артан Груби.

Пред почетокот на денешниот состанок во скопскиот хотел „Хилтон“ изјави за медиумите ќе дадат лидерите на земјите од Западен Балкан, а по состанокот предвидена е нивна заедничка прес-конференција.

Четири столба

Новиот План за раст за Западен Балкан за кој ќе се разговара на денешниот состанок, се заснова на четири столба. Првиот е - јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, под услов Западен Балкан да се усогласи со правилата на единствениот пазар и да отвори соодветни сектори и области за сите соседи во исто време, во согласност со заедничкиот регионален пазар. Предложени се седум приоритетни активности: слободно движење на стоки; слободно движење на услуги и работници; пристап до единствената европска платежна област (SEPA); Олеснување на патниот превоз; интеграција и декарбонизација на енергетските пазари; единствен дигитален пазар; интеграција во индустриските синџири на снабдување.

Вториот столб е јакнење на економската интеграција во рамките на Западен Балкан преку заеднички регионален пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, што потенцијално би можело да додаде 10% на економиите во тие земји.

Третиот столб се однесува на забрзување на темелните реформи, поддржувајќи го патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ, унапредувајќи одржлив економски раст преку привлекување странски инвестиции и јакнење на регионалната стабилност.

Четвртиот столб предвидува зголемување на финансиската помош за поддршка на реформи преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година, во вредност од 6 милијарди евра, кои ќе бидат исплатени ако земјите од Западен Балкан спроведат одредени социо-економски и темелни реформи.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за време на ланската турнеја низ земјите од Западен Балкан посочи дека сите земји од Западен Балкан имаат пристап до новиот План за раст, но оти сѐ ќе зависи од резултати во реформите.

„Реформите се услов. Ако се спроведат реформите, тогаш доаѓаат и средствата. Јасно ни е дека за реформите е потребно време, но ако ништо не се направи, ако не се спроведат реформи, средствата ќе се префрлат во другите земји од Западен Балкан што постигнуваат резултати. Ова е поттик за сите да работат, да напредуваат и да ги искористат економските можности“, посочи претседателката на ЕК.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Christophe Licoppe/EU

Клучна е економската конвергенција

На денешниот состанок ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, како и нивните колеги од земјите од Западен Балкан. Ќе бидат присустни и претставници на Регионалниот совет за соработка, на ЦЕФТА и на Коморскиот инвестициски форум на Зaпaден Балкан- 6, на УСАИД, Фондација отворено општество, Центарот за Европа, Атлантскиот совет и повеќе меѓународни финансиски институции - Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка. Економската конвергенција се смета за клуч за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ. Оценето е дека нивото на конвергенција меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ во моментов не напредува доволно брзо. Просечниот БДП по глава на жител изразен во паритет на куповната моќ на Западен Балкан е меѓу 30% и 50% од просечниот БДП по глава на жител во ЕУ.

Претходното искуство покажало дека за надминување на тој јаз клучна е интеграцијата со единствениот пазар на ЕУ.

„Интеграцијата со единствениот пазар на Европската унија беше главниот двигател на економскиот раст за сите земји кои пристапија во Унијата. Позитивното влијание врз БДП и висината на приходите на одредена земја како резултат на интеграцијата со единствениот пазар на ЕУ е јасно видливо“, беше една од оценките во Планот за раст.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми