Вдовицата на Кирк сака да ја продолжи неговата работа
13 септември 2025
Два дена по фаталниот напад врз влијателниот десничарски активист Чарли Кирк, неговата вдовица, Ерика Кирк, за првпат проговори јавно. Обраќајќи му се на напаѓачот кој го застрела Кирк во средата (10.09) на кампусот на Универзитетот Јута Вали во Орем, Јута, таа рече: „Немате поим што штотуку започнавте во оваа земја“.
Изјавата на Кирк беше емитувана на Јутјуб каналот на Turning Point USA, организацијата на нејзиниот сопруг, која е исклучително популарна во САД, особено меѓу младите луѓе, и го поддржува претседателот Доналд Трамп. Turning Point USA, рече Ерика Кирк, не само што ќе преживее, туку „ќе биде поголема од кога било“. Таа сака да ја направи најголемата организација „што оваа земја некогаш ја видела“.
Милиони луѓе го следеа Кирк на социјалните медиуми
Планираната турнеја на американските универзитети ќе продолжи, рече Кирк. „Ќе има уште повеќе турнеи во наредните години“. Годишната конференција Turning Point USA исто така ќе продолжи да се одржува, а ќе продолжи и поткаст-шоуто. Милиони луѓе во САД ги следат подкастите и каналите на Кирк на социјалните медиуми.
Кирк се сметаше за глас на Доналд Трамп за младите луѓе. Во интервјуа, како поткастер и на дискусии, тој ширеше десничарски теории и не се плашеше од лаги и дезинформации.
Ерика Кирк директно му се обрати на Трамп во својот говор: „Мојот сопруг Ве сакаше, и знаеше дека и Вие го сакате него. Навистина беше така. Вашето пријателство беше неверојатно. Го поддржувавте толку добро, исто како што тој Ве поддржуваше Вас“.
Трамп по смртта на Кирк нареди знамињата да се спуштат на половина копје и објави дека ќе присуствува на погребот.
Вдовицата на Кирк, исто така, им се заблагодари на потпретседателот Џ.Д. Венс и на неговата сопруга, Уша. „Му оддадовте голема почест на мојот сопруг со тоа што го доведовте дома. И двајцата сте неверојатни“, рече таа.
Нема признание од осомничениот
Трамп објави дека е уапсено осомничено лице, кое наводно на Кирк пукало со репетиторска пушка. Наводно, за 22-годишниот Тајлер Р. властите добиле информација од неговото семејство откако тој наводно посочил дека го застрелал Кирк. Сепак, засега нема признание за делото.
Републиканскиот гувернер на американската сојузна држава Јута, Спенсер Кокс, рече дека Р. „станал пополитичен“ во последниве години. Тој додаде дека изјавите од неговото семејство укажуваат дека тој ги отфрлува ставовите на Кирк. Истражителите, исто така, откриле две неискористени чаури со антифашистички слогани во близина на местото на злосторството.
Гувернерот на Јута повикува на помирување
Гувернерот, исто така, го искористи своето појавување пред медиумите за да упати силен апел до длабоко политички поделената Америка. „Ова е нашиот момент: Дали ќе ескалираме или ќе најдеме излез?“, праша Кокс. Насилството и омразата не смеат да бидат проследени со уште повеќе насилство и омраза, предупреди тој. „Тоа е проблемот со политичкото насилство. Тоа метастазира затоа што секогаш можеме да го покажеме прстот кон другата страна. Но, во одреден момент, мора да најдеме излез - во спротивно, ќе стане многу, многу полошо.“
Кокс е гувернер на Јута од 2021 година. Од почетокот на својата политичка кариера, републиканецот постојано повикуваше на натпартиска соработка и со своите помирувачки изјави повеќепати беше присутен во медиумите ширум САД.
Атентатот врз Кирк предизвика голема загриженост во САД. Нападот го осудија и поранешните демократски претседатели Џо Бајден и Барак Обама.