1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалИталија

Вечниот Буфон вели „баста“

ЕМФ / сид
2 август 2023

Џанлуиџи Буфон се пензионира на 45 години. Италијанскиот голман својот најголеми триумф го прослави во Берлин.

Џанлуиџи Буфон
Џанлуиџи Буфон оди во пензијаФотографија: Luca Amedeo Bizzarri/Zumapress/picture alliance

Стадионот во Дортмунд, 4 јули 2006 година. Полуфиналниот натпревар на Светското првенство во фудбал помеѓу Германија и Италија се игра во продолженија. Лукас Подолски ја добива топката и во 111. минута упатува силен удар од 13 метри, но Џанлуиџи Буфон со брилијантен рефлекс спречува водство на Германија. Пет дена подоцна, голманската икона в раце го држи трофејот на Светското првенство.

„Без Буфон никогаш немаше да станам светски шампион“, изјави деновиве Марко Матераци. Поранешниот напаѓач на Бајерн, Лука Тони го опишува Буфон како „најголемиот во историјата“. И Андреа Пирло, и самиот икона, го нарече „Гранде Џиџи“ како „супермен на светскиот фудбал. Тој е херој на нашето време засекогаш“.

Но, дури и за фудбалските херои некогаш доаѓа моментот да се простат од својата голема страст. Сега тој момент дојде за Буфон, објави тој денеска (2.08) на социјалните мрежи. „Тоа е тоа момци“, напиша Буфон на Инстаграм, „Ми дадовте сè. Јас ви дадов сè. Победивме заедно“.

Претходно, за претстојната одлука на долгогодишната ѕвезда на Јувентус пишуваше и „Газета дело спорт“. „По 28 години фудбалска историја, Буфон го затвора голот и станува легенда. Џиџи вели Баста“, пишува Газета: „Победникот од Светското првенство во 2006 година во Берлин стана колективен мит“.

Буфон постигна многу во својата долга професионална кариера. Со Јувентус десет пати ја освојуваше шампионската титула. Покрај тоа, италијанскиот Суперкуп го освои седум пати, а Купот шест пати. Трипати беше со Јуве во финалето на Лигата на шампионите, трипати загуби, но тоа не се одрази на неговиот статус.

Буфон имаше договор со второлигашот Парма до 2024 година, каде што му беше дозволено сам да одлучи кога ќе замине. „Буфон успеа да го засени митот за Дино Ѕоф“, пишува „Кориере дело спорт“.

Сега Буфон го чека нов живот. Патот е предодреден. Тој треба да ја преземе улогата на шеф на делегацијата на италијанската репрезентација. Шефот на Италијанскиот фудбалски сојуз, Габриеле Гравина, веќе го опиша како вистинскиот човек за оваа позиција.

Буфон 178 пати бранеше за италијанската репрезентација, а покрај финалето на Светското првенство, играше и финале на ЕП во 2012 година. Squadra Azzurra тешко би можела да посака подобар модел.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми