Велигден: Зајаци што носат јајца и пилиња што носат среќа
Сузане Кордс | Кевин Чирзе
30 март 2024
Велигден во Германија е пред врата, а со него и шарените јајца, чоколадните зајаци и богатата симболика. Велигденските пилиња, велигденскиот зајак и велигденскиот оган имаат долга традиција зад себе.
Реклама
Германија, како христијанска земја, на Велигден го слави воскреснувањето на Исус. Околу самиот празник, меѓутоа, има и многу обичаи кои имаат паганско потекло и им носат пред сѐ радост за децата.
Јајца во блескави бои како симбол за живот и плодност
Во културната историјата на човештвото јајцето се среќава од дамнина. Тоа симболизира плодност и нов живот. Во стар Египет јајцата се положувале во гробовите за да се посочи на животот по смртта. И Римјаните и германските племиња се служеле со ваквата симболика. Во средниот век, кираџиите на Велигден со јајца и зајаци го порамнувале долгот спрема стопанот. На таквиот дамнешен начин на плаќање се базира и денешниот обичај да се подаруваат велигденски јајца.
Зајакот ги крие јајцата
Многу германски деца растат со традицијата на барање јајца на Велигден. Јајцата ги носи велигденскиот зајак, и не само нив, туку тој носи и чоколада, други слатки нешта и подароци. Зајакот како симбол датира од 17-ти век, а неговата улога како носач на јајцата се проширила низ целиот свет. Барањето јајца, пак, веројатно е измислица на граѓанството, затоа што приказната дека зајакот ги носи јајцата, а не дека ги снесува кокошката, тешко можела да им се продаде на децата од село. Тоа што на зајакот му припаднала таквата улога се должи веројатно на фактот дека животните прегладнети по долга зима се симнувале во селските атари и градините на куќите за да бараат храна. Бидејќи зајаците се по природа плашливи и всушност избегнуваат близина со луѓето, се верувало дека доаѓаат за да ги остават шарените јајца.
Тоа што токму зајакот е специјалист за боење и криење на јајцата е поврзано и со неговата плодност. Имено, Велигден кај христијаните важи како симбол за нов живот, како што првично тоа бил пролетниот празник за германските народи. Значи не е ни некое чудо што токму зајакот во таквата симболика има клучна улога, ако се земе предвид дека женките можат да родат и повеќепати во годината. Поради тоа, уште во времето на германската божица на плодноста Остара зајакот бил обожуван како свето животно.
Велигденски обичаи
Велигден е најважниот празник на христијанските цркви. Најпознатите велигденски симболи и обичаи меѓутоа само делумно имаат религиозна заднина.
Религија и народни обичаи
Велигден е најважниот празник на христијанските цркви. Најпознатите велигденски симболи и обичаи меѓутоа само делумно имаат религиозна заднина. Велигденските јајца, велигденските зајачиња и велигденското јагне со столетија се одомаќинија како народни обичаи и се претопија со паганските обичаи. Дека Велигден е празник на воскреснувањето на Исус Христос, знаат се’ помалку Германци.
Фотографија: st-fotograf - Fotolia.com
На Велики четврток
католичката црква потсетува на Тајната вечера, која Исус ја прославил со своите следбеници. Тука го скршил лебот и со сите пиел од една чаша. Ритуалот прерасна во централна христијанска прослава при богослужбите и е многупати овековечен во уметничките дела и црковните песни.
Фотографија: imago stock&people
Велики петок
потсетува на смртта на Христос. На некои места во таа чест се одржуваат процесии кои го претставуваат патот на страдањето на Исус. Велики петок во католичката црква е ден на голема жалост. Тој е ден од велигденските празнувања, кои траат до ноќта на Велигден. Религиозната традиција, во петок да не се јаде месо, се поврзува со Велики петок.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденски јајца
Нема Велигден без шарени јајца. Според традицијата, родителите ги скриваат јајцата во недела на Велигден, за децата да ги бараат. За христијаните јајцето е симбол на воскреснувањето. За време на постите уште од средниот век било забрането јадење на месо и јајца. За да не пропаднат, јајцата се вареле, се кителе и честопати се подарувале.
Фотографија: Fotolia/anoli
Велигденско зајаче
Биолошки нема смисла зајак да носи велигденски јајца. Но тоа одговара на годишното време и се смета за предвесник на пролетта. Освен тоа, поради многубројниот подмладок, тој е стар симбол за плодноста. Во минатите столетија исто така и кокошките и штрковите носеа голем број подароци. Денес нив ги носи само зајачето: пред се’ шарени јајца, и спротивно на порано, многу слатки.
Фотографија: picture-alliance/ZB
Велигденско јагне
Велигденското јагне се поврзува со еврејски ритуал, на празникот Пасха се коле јагне. Обичајот потсетува на отселувањето на израелските племиња од Египет. Нивните врати ги одбележуваа со крв од јагниња, за заштита од смрт. Во христијанството јагнето е симбол за невиното страдање на Исус. Но, кога станува збор за велигденкото јагне како колач, оваа приказна речиси и да не е присутна.
Фотографија: Fotolia/Thomas Geuking
Велигденска свеќа
Првично велигденската свеќа ја осветлуваше богослужбата на велигденската ноќ. Нејзината светлина е симбол за просветлување на верниците со враќањето на Христос во живот. Таа ја симболизира победата на Исус над смртта и умирањето. Со велигденската свеќа се палеа сите други свеќи. На тој начин просветлувањето симболично се предава.
Фотографија: AFP/Getty Images
Велигденски оган
Обичајот за велигденски оган го знаеа уште старите Германи. Оганот што пламти требаше да ја истера зимата со нејзините одрекувања, но и духовите и демоните. Освен ова сјајот на огнот требаше да донесе среќа. Денес огнот го палат семејствата и селските заедници во внатрешноста, за заеднички да го прослават Велигден.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденски ѕвона
В недела на Велигден црковните ѕвона ја објавуваат радосната вест за воскреснувањето. Во католичките цркви тие престанаа на бијат на Велики четврток. Во некои католички региони тогаш децата ѕвечкаат и тропаат по улиците и ги потсетуваат верниците на молитва и одење в црква.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденска вода
Некои обичаи - како земање велигденска вода - се речиси изумрени. Ноќта пред неделата на Велигден млади жени црпат вода од река. Велигденската вода се смета за симбол на животот. Таа треба да ги одржува луѓето млади и убави и ја поттикнува плодноста, ако се молчи по патот, на идење и на враќање. Кај словенското малцинство Сорби во источна Германија овој обичај се’ уште постои.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кршење со јајца
Победува оној кај кого јајцето останува цело. Кршење со велигденски јајца е омилена игра при појадокот на Велигден, во различни региони на Германија. Пред се’ во Баварија и Рајнската област. Обичај без никаква религиозна поврзаност и заднина.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденска прошетка
Она што денес се смета за освежување по велигденското јадење, има традиционална заднина. При велигденската прошетка се поздравува пролетта и расцветаната природа, по долгата и студена зима. Поетот Гете ја има овековечено во една позната песна. Денес на традиционална велигденска прошетка канат пред се’ црковните заедници.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Велигденски маршеви
Првиот велигденски марш во Германија се одржа во 1960 година. Оттогаш тие се традиција овде. Првично учесниците протестираа против планираното вооружување на Бундесверот со атомско оружје и воопшто атомското вооружување во периодот на Студената војна. Денес во демонстрационите поворки се здружуваат различни мировни групи и заштитници на природата.
13 фотографии1 | 13
Велигденското гнездо
Велигденските јајца и подароци во Германија традиционално се кријат во гнезда во дворот или дома. Барањето на јајцата симболизира барање радост и среќа. Тоа е симбол на следбениците на Исус Христос кои го барале празниот гроб на месијата и конечно ја објавиле среќната вест за неговото воскреснување.
Покрај криењето и барањето на велигденски јајца, има и многу други разиграни традиции, кои се омилени пред сѐ кај децата за време на Велигден, како натпреварите кој ќе најде повеќе јајца или изработувањето на разни украси за Велигден.
Реклама
Велигденското пиленце - симбол на воскреснувањето
Во христијанството, велигденското пиленце е симбол на воскреснувањето на Исус Христос по распнувањето на крстот. Штотуку испиленото пиленце симболизира нов живот и нов почеток, кој се поврзува со Велигден. Затоа без него веќе не може да се замисли велигденска декорација.
Велигденски оган
Во многу земји, а особено во Европа, палењето велигденски оган е стара традиција. Огнот ја симболизира светлината која Христос ја донел на светот и често се пали во саботата спроти Велигден. Тоа било обичај уште на старите германски племиња. За нив огнот го симболизирал сонцето, кое овозможува живот на земјата. Со велигденските огнови напролет се поздравувало сонцето како заштитник на плодноста и на новиот раст. На некои места луѓето во долините пуштале запалени тркала, на други пак на запален крст врзувале кукла од сено која го претставувала Јуда, предавникот на Исус Христос. Во многу земји, а особено во Европа, палењето велигденски оган е стара традиција.
Велигденски процесии
Во некои верски заедници во Германија има и процесии, во кои често се претставуваат сцени од Библијата или се носат верски симболи. Стар обичај во покраините Бранденбург и Саксонија е велигденското јавање со крстот или други христијански симболи низ полињата. Така треба да биде благословена сеидбата за да има богата жетва напролет.
Меѓународни варијации на симболите
Додека во Германија најпознати симболи се велигденскиот зајак и пилето, во светот има различни варијации на празникот. Во некои региони јајцата не ги носи зајакот, туку велигденската лисица. Во Шведска тоа е задача на велигденскиот петел, а во Швајцарија на кукавицата, која инаку е попозната дека краде јајца. Во некои култури јајцата ги носат митолошки суштества. Во Австралија пак, работата со јајцата ја презема еден вид глодар загрозен од изумирање - го викаат „Билби“.