1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија го донесе спорниот закон за протерување

ЕМФ | АРД
23 април 2024

„Стоп за чамците“, гласи ветувањето на британскиот премиер Сунак: Секој што ќе дојде во Велика Британија без документи, треба да биде депортиран во Руанда. Парламентот сега го одобри овој контроверзен проект.

Британскиот премиер Риши Сунак на прес-конференција во Лондон
Британскиот премиер Риши Сунак на прес-конференција во Лондон (22.04.2024)Фотографија: Toby Melville/PA Wire/empics/picture alliance

На крајот, мнозинството пратеници во Горниот дом на парламентот се откажаа од својот отпор. Во текот на целата вечер (22.04) имаше неколку гласања во горниот и долниот дом, таканаречен пинг-понг процес, со барања за промени и амандмани. А, само до вчераутро лордот Карлајл за Би-Би-Си објаснуваше зошто, според него, е погрешно Руанда со закон да се ​​прогласи за безбедна трета земја: „Риши Сунак бара од парламентот да одлучи дека една невистина е вистина.“ Врховниот суд пресуди дека Руанда не е безбедна трета земја. А Руанда не ги спроведе договорите постигнати со Обединетото Кралство, изјави пратеникот.

Сунак дополнително го зголеми притисокот

Еве за што станува збор: По пресуда на Врховниот суд, депортациите во Руанда беа стопирани. Судиите аргументираа дека се прекршуваат неколку меѓународни договори: Конвенцијата за човекови права, Конвенцијата на ОН за бегалци и Конвенцијата против тортура. Образложение - во Руанда нема безбедни процедури за азил и нема заштита од прогон.

Конзервативната влада потоа го изнесе предлогот за прогласување на Руанда за безбедна земја за на тој начин да се спречи секаква можност за преземање правна акција против депортациите. Пред гласањето во горниот и долниот дом на парламентот, Риши Сунак повторно се појави пред новинарите и значително го зголеми притисокот. „Без приговори, летовите ќе одат за Руанда“, рече премиерот. Конзервативната влада е на мислење дека со депортациите се дава сигнал и бегалците се спречуваат да тргнат на опасното патување преку Ла Манш.

Парламентот гласаше за контроверзниот закон по т.н. пинг-понг процес, со барања за промени и амандманиФотографија: House of Commons/UK Parliament/PA Wire/empics/picture alliance

Првиот лет за десет до дванаесет недели

Договорот со Руанда го иницираше Борис Џонсон во 2022 година, додека беше премиер. Риши Сунак сака конечно да го спроведе ветувањето, непосредно пред регионалните и националните избори, кои најверојатно ќе се одржат во октомври. Рејтингот на Сунак во анкетите е на најниско ниво. Неговата влада сега го носи ова заплашување и со тоа го нарушува бизнисот на шверцерите, вели Сунак.

Првиот лет треба да се реализира за десет до дванаесет недели. Веќе е најдена авиокомпанија која ќе ги транспротира депортираните, а обучени се и 500 луѓе кои треба да ги придружуваат бегалците. „Успехот на одвраќањето зависи од натамошните летови што ќе ги реализираме во текот на летото, сѐ додека чамците не бидат запрени“, изјави Сунак.

Има уште многу отворени прашања

Британската влада сака да го оневозможи влезот и поднесувањето барање за азил во Обединетото Кралство за мигрантите кои пристигнале нерегуларно, без оглед на нивното потекло. Наместо тоа, тие треба да бидат однесени во Руанда и таму треба да поднесат барање за азил. Враќање во Велика Британија не е предвидено.

Експертите не се сигурни дека со депортациите навистина ќе бидат одвратени бегалци. Активистите за човекови права ова го гледаат како прекршување на меѓународните обврски за азилантска заштита и ја обвинуваат Руанда за кршење на човековите права. Опозицијата ги критикува високите трошоци. Се вели дека на Руанда ќе ѝ се исплаќаат стотици милиони фунти од британските даночни обврзници, а веројатно ќе бидат депортирани само мал дел од луѓето кои нерегуларно влегле во земјата. Премиерот Сунак вети дека ќе ја сузбие миграцијата и сака да го искористи ова прашање за да им помогне на своите конзервативци да го надокнадат заостанувањето во анкетите пред парламентарните избори годинава.

Дали авионите со бегалци навистина ќе полетаат за Руанда за неколку недели, веројатно ќе зависи од судовите. Затоа што, поединци сè уште можат да тужат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми