1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија: Сунак најави избори на 4 јули

СН/агенции
23 мај 2024

Со месеци, британската опозиција притискаше за предвремени избори и го обвинуваше премиерот за тактизирање. Сунак сега повика на избори на 4 јули - и покрај тоа што неговата партија значително заостанува во анкетите.

Британскиот премиер Риши Сунак пред седиштето на владата на улицата Даунинг број 10 во Лондон
Британскиот премиер Риши Сунак пред седиштето на владата на улицата Даунинг број 10 во ЛондонФотографија: Stefan Rousseau/AP/picture alliance

Британскиот премиер Риши Сунак во средата (22 мај, 2024) соопшти дека парламентарните избори ќе се одржат на 4 јули, порано од очекуваното, а по 14 години конзервативно владеење, речиси е сигурно дека ќе победи Лабуристичката партија.

Завршувајќи ги повеќемесечните шпекулации за тоа кога ќе ги распише изборите, 44-годишниот Сунак објави пред неговата канцеларија во Даунинг стрит дека изборите ќе се одржат на почетокот на јули, што може да се покаже како ризична стратегија со оглед на тоа што неговата партија во анкетите заостанува зад лабуристите.

„Сега е момент Британија да ја избере својата иднина. Ќе имаме општи избори на 4 јули“, рече британскиот премиер.

Не само што Сунак тргнува во изборите со големо заостанување во анкетите зад лабуристите, туку тој е речиси изолиран од дел од неговата партија и се повеќе зависи од мал тим советници кои ќе го водат во она што може да биде немилосрдна кампања.

Кеир Стармер, лидерот на опозициските лабуристи во Велика БританијаФотографија: Henry Nicholls/REUTERS

Тој, сепак, оцени дека ризикот вреди со оглед на некои позитивни економски трендови, како што се падот на инфлацијата и најбрзиот економски раст во последните три години. Токму оваа агенда ќе ја претстави пред гласачите во борбата за нов мандат.

Поранешниот инвестициски банкар и министер за финансии пред нешто помалку од две години седна во премиерската фотелја и оттогаш не успеа јасно да дефинира за што се залага. Во исто време, тој е се повеќе фрустриран бидејќи, како што тој гледа, неговите успеси не се ценат.

Двете партии, кога е во прашање кампањата, цврсто се на стартните позиции од кои влегуваат во судир, пред се на економски и одбранбен план.

Ако лабуристите победат,Велика Британија, некогаш позната по својата политичка стабилност, ќе има шест премиери за осум години, што е првпат од 1830-тите години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми