Венецуела ги обвинува САД за нова „провокација“
27 октомври 2025
Венецуела го осуди испраќањето дополнителни американски воени бродови на Карибите како „провокација“. „Венецуела ја осудува воената провокација на Тринидад и Тобаго во соработка со ЦИА, со цел да се предизвика војна во Карибите“, соопшти во неделата владата на венецуелскиот лидер Николас Мадуро. Претходно, американскиот разурнувач. УСС Грејвли пристигна во карипската држава Тринидад и Тобаго, која се наоѓа непосредно пред Венецуела, откако Пентагон веќе го испрати американскиот носач на авиони Џералд Р. Форд на Карибите.
Владата на Тринидад и Тобаго го најави пристигнувањето на американскиот воен брод УСС Грејвли уште во четвртокот. Разорувачот треба да остане пред главниот град Порт оф Спејн до четврток, во кој период, според официјалните информации, американските маринци ќе одржат заеднички вежби со вооружените сили на островската држава.
Само неколку часа откако УСС Грејвли се закотви пред Тринидад, венецуелската влада во Каракас соопшти дека уапсила „платеничка група“ осомничена за врски со американската разузнавачка служба, ЦИА. Групата наводно подготвувала „напад под лажно знаме“ што би можело да ескалира во „целосна воена конфронтација“.
Во исто време, Каракас ги критикуваше најавените воени вежби за наредните денови и, во врска со ова, соработката на Тринидад и Тобаго со САД. Тоа е „непријателска провокација против Венецуела и сериозна закана за мирот на Карибите“.
Според владата на карипската островска држава, посетата на американскиот воен брод има за цел „зајакнување на борбата против прекуграничниот криминал“. Истовремено, отпорноста на земјата треба да се гради преку „обука, хуманитарни активности и соработка во безбедносните прашања“.
Исто така, владата на Тринидад и Тобаго ги нагласи своите односи „со венецуелскиот народ“, нагласувајќи ја заедничката историја на двете земји и посветеноста на Карибите „за безбеден, посилен и попросперитетен регион“.
САД испратија вкупно осум воени бродови, десет борбени авиони Ф-35 и една нуклеарна подморница на Карибите од август. Според Министерството за одбрана во Вашингтон, бродовите се дел од голема операција против шверц дрога која трае со недели. За време на операцијата, американската војска досега отвори оган врз десет бродови, при што загинаа голем број луѓе. Ова дополнително ги зголеми тензиите со Венецуела.
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвинува венецуелскиот претседател Мадуро за контрола на нарко-бандите. Венецуелското раководство го отфрла ова и ги обвинува САД дека сакаат да ја соборат левичарската националистичка влада во Каракас.