1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаВенецуела

Венецуела и нафтата: Клучот е кај Шеврон

Астрид Пранге де Оливиера
6 јануари 2026

Никој не може да го прескокне американскиот нафтен гигант - Шеврон произведува четвртина од нафтата за извоз од Венецуела и не е предмет на санкции. Компанијата се чини е клучна за економскиот развој на Венецуела.

100 години во Венецуела: Американската корпорација Шеврон
100 години во Венецуела: Американската корпорација Шеврон има јасна предност пред новите инвеститориФотографија: Yuri Cortez/AFP/Getty Images

Во моментот кога американските ракети паѓаа врз Венецуела и по наредба на американскиот претседател  Доналд Трамп  беше уапсен венецуелскиот претседател Николас Мадуро, американската компанија Шеврон ја одбележа 100-годишнината откако почнала со работа во земјата.

Американскиот нафтен гигант во моментов е единствената голема американска нафтена компанија во Венецуела. Веќе сега е јасно дека Шеврон ќе игра клучна улога во идниот економски развој на Венецуела. 

„Шеврон може да има непосредна корист од потенцијалното отворање на венецуелскиот пазар на нафта“, оценува за новинската агенција Ројтерс, д-р Франциско Џ. Моналди, експерт за латино-американската енергетска политика при институтот Бејкер на универзитетот Рајс во Хјустон, Тексас.

Големи резерви, мали производствени количини

Венецуела, со околу 300 милијарди барели, располага со најголемите поединечни резерви на нафта во светот, односно околу 17 проценти од откриените резерви на нафта глобално. Во моментов, според податоци на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Венецуела произведува околу еден милион барели нафта дневно, од кои една четвртина отпаѓаат на компанијата Шеврон.

Според ОПЕК, извозот на сурова нафта бележи драматичен пад, од речиси два милиони барели дневно во 2015 година на нешто помалку од 500 илјади барели дневно во 2021 година. Од 2023 година повторно се забележува благ пораст. Во 2024 година извозот достигна 655 илјади барели дневно, а во ноември минатата година се искачи на 921 илјади барели дневно. 

„Растот на производството на нафта во Венецуела е благодарение на Шеврон“, објаснува Моналди во интервју за ДВ од декември 2025 година. Тој наведува дека  САД го овозможиле позитивниот тренд бидејќи строгите американски санкции за Венецуела биле ублажени неколку пати по руската инвазија во Украина.

 

Нема санкции за Шеврон

Службата за контрола на странски имот при американското министерство за финансии, во ноември 2022 година на американската компанија за минерални масла Шеврон ѝ издаде вонредни дозволи за повторно отпочнување со извозот на сурова нафта од страна на нејзините подружници со здружен капитал во Венецуела.

Во октомври 2025 година, Шеврон повторно доби дозвола за производство на нафта во Венецуела.  Претседателот Николас Мадуро  беше толку задоволен што на државната телевизија ТелеСУР рече: „Шеврон веќе сто години е присутен во Венецуела и си посакувам компанијата и натаму да може да работи тука уште 100 години без проблеми“.

Танкерот на Шеврон, Јоник Анакс, во близина на пристаништето Бахо Гранде, е изземен од санкциите на САД и може да пловиФотографија: Isaac Urrutia/REUTERS

Пред воведувањето на  американските санкции  против државната нафтена компанија на Венецуела ПДВСА (2019), како и блокадата на нејзиниот пристап до американскиот финансиски пазар (2017) од страна на администрацијата на Трамп, САД беа најголемиот купувач на венецуелска нафта. Потоа и производството и извозот на нафта забележаа голем пад. 

Во моментов Кина е најголемиот купувач на  венецуелска нафта.  Според анализа на американската Служба за енергетски информации (ЕИА), во 2023 година речиси две третини од извозот на венецуелска нафта биле за Кина, а 23 проценти за САД.

Удар за Кина?

Според аналитичарите, тоа може да е и една од причините што  ембаргото на САД  опстојува во однос на венецуелската нафта. Трамп на 3 јануари изјави дека тоа ќе остане на сила во полн обем, што особено би ја погодило Кина, губејќи голем извор на нафта со намалена цена.

Иако Кина е голем купувач на венецуелска нафта, земјата во својство на инвеститор се повлече од Венецуела уште пред повеќе од десет години. Државните кинески банки како Кинеската банка за развој и Ексимбанка, уште во 2016 година престанале да даваат кредити на Каракас, според извештајот на Центарот за глобална развојна политика.

Шеврон има удели во неколку рафинериски комплекси во Венецуела, вклучувајќи ја и Хозе Антонио Анзоатеги, која работи како заедничко вложување со венецуелската државна компанија ПДВСА Фотографија: Diego Giudice/IMAGO

„Кинеските власти беа многу разочарани од обемот на корупција и расипништво. Затоа инвестициите и кредитите беа укинати“, објаснува Парсифал Д'Сола Алварадо, експерт за кинеско-латиноамерикански односи.

Алварадо е директор на Фондацијата Андрес Бело со седиште во Богота и Мадрид. Тој беше дел од тимот на венецуелскиот опозициски политичар Хуан Гваидо и во тие рамки одговорен за односите со Пекинг. Повлекувањето на Кинезите од Венецуела не се должи првенствено на санкциите на САД, па затоа Алварадо не верува дека нешто ќе се промени за Кина дури и во случај на промена на режимот во Каракас.

Национализација под Уго Чавез

И американски корпорации имаат претрпено значителни загуби во Венецуела. На пример „ЕгзонМобил“ ја напушти земјата во 2007 година откако тогашниот претседател  Уго Чавез  (1954-2013) нареди државната нафтена компанија ПДВ да има удел од најмалку 60 проценти во сите проекти поврзани со тешки минерални масла.

И фирмата „КонокоФилипс“ беше погодена од бранот на национализација во венецуелскиот нафтен сектор. Од нејзиното повлекување во 2007 година, таа е вмешана во долги арбитражни постапки против Венецуела.

Нов нафтен бум во Венецуела?

По соборувањето на Мадуро, американскиот претседател Трамп се надева на нов нафтен бум во Венецуела. „Ќе ги испратиме нашите големи американски нафтени компании во Венецуела за да инвестираат милијарди долари, да ја поправат многу оштетената инфраструктура, нафтената инфраструктура и да почнат да заработуваат пари“, рече Трамп на прес-конференција во саботата.

Американскиот институт за нафта, најголемото трговско здружение во американската нафтена и индустрија за гас, во еден првичен став од 4. јануари беше многу повоздржан. „Внимателно го следиме развојот во Венецуела, вклучително и можното влијание врз глобалните енергетски пазари“, рече портпарол на Институтот за новинската агенција Ројтерс. 

Извршниот директор на Шеврон, Мајк Вирт, сè уште јавно не зазема став по соборувањето на Мадуро. Но, директорот со одлични релации и со администрацијата на Трамп, и со владата во Каракас, ги коментираше растечките тензии меѓу Вашингтон и Каракас уште минатиот ноември на Инвестицискиот форум меѓу САД и Саудиска Арабија во Вашингтон. Од денешна перспектива неговите зборови се чинат речиси како пророштво.  „Размислуваме долгорочно. Сакаме да сме присутни кога околностите ќе се сменат, за да ја обликуваме и ние обновата на венецуелската економија“, рече Вирт. Прославата на 100-годишнината може да започне.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми