1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Ова е тежок пораз на Владата

ДТЗ
26 септември 2024

Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата. Тоа ја убива надежта дека земјата може да напредува и се развива, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче

Венко Филипче
Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата, вели Венко ФилипчеФотографија: SDSM

Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Тоа ја убива надежта дека Северна Македонија може да напредува и се развива. Ова е првичната реакција на опозициската СДСМ, откако беше лиферувана информацијата дека амбасадорите на државите-членки на ЕУ донеле одлука Албанија да ги продолжи преговорите и да се раздвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ. 

„Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот Кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал по оваа нова пропуштена шанса, ќе се одрази на многу семејства, и на уште една цела нова генерација“, изјави на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој оцени дека премиерот Христијан Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата. 

Кој е планот и кои се роковите? 

Лидерот на опозицијата смета дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервирале една голема изборна измама и оти преку куп лаги и манипулации се обиделе да ја скријат вистинската намера, а таа е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива кон ЕУ. Тој ја запраша власта кој е планот и кои се роковите за евроинтеграциите.

„Кои се роковите на планот, ако воопшто го има? До кога нема да преземате одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја? Сега Македонија останува изолирана без јасен план и стратегија, како ќе продолжиме напред?“, праша Филипче.

Тој смета дека најголема трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија. „Треба на сите да им е јасно - спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од таков, да го внесеме во рамки на преговорите. Ние веќе не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ. Целта е повторно да се отвори билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош договор. Свесен е, но тоа очигледно е и целта“, рече Филипче. 

Гаши: Се залагам за консензус 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите изјави дека е голем поборник за членство во ЕУ и секое заостанување на тој пат не е добро.

„Посакувам во Собранието што побрзо да имаме договор да ги почнеме процедурите за уставни измени. Се залагам за консензус што побрзо да се договориме и да одиме напред“, изјави Гаши. 

„Голем поборник сум за членство во ЕУ и секое заостанување на тој пат не е добро“, вели ГашиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сиљановска - Давкова: „На Договорот со Бугарија да му пристапиме на друг начин“ 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ги повтори своите ставови - дека не треба повеќе да се прифаќаат услови без гаранции на сметка на национални отстапки. Место диктат, тој повика на разговори за одложено дејство за уставните измени, откако Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за Македонија во ЕУ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МИА вели дека не би можела точно да одговори дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата кој неодамна беше презентиран во Брисел. Таа повторува дека во Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има, бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, вели таа, можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот. 

На Договорот со Бугарија да му пристапиме на друг начин, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова (архивска снимка)Фотографија: President RNM

„Тогаш ние всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова  - културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон договорот, посочува Сиљановска Давкова.

Претседателката учествува на неформална средба на лидерите од Западен Балкан во Њујорк, каде високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел им порача дека членството во ЕУ е на дофат, но под услов исполнување на клучните реформи. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми