Промени во СДСМ - Филипче предложи нов потпретседател
13 ноември 2025
Лидерот на СДСМ,Венко Филипче, на прес-конференција најави кадровски промени во раководството на партијата по резултатите од локалните избори. Како дел од освежувањето, тој ќе го номинира Александар Трајановски за нов потпретседател на СДСМ.
„На потпретседателската позиција ќе го предложам д-р Александар Трајановски, член на Извршниот одбор. Тој е исклучително посветен на партијата, имаше одлична кампања и привлече големо внимание. Сметам дека ова е значајно кадровско зајакнување“, изјави Филипче.
Кој е Александар Трајановски?
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Аеродром. Тој е специјалист ортопед и трауматолог, поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија и реанимација и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Досега беше член на Извршниот одбор на партијата.
Причини за кадровските промени
Оваа промена следи по оставката на потпретседателката Ана Чупеска по вториот круг од локалните избори. Филипче најави дека вечерва ќе се одржи состанок на Извршниот одбор, каде ќе бидат презентирани плановите за кадровски и политички промени.
„Внимателно одиме низ овој процес и барам трпение од членовите и симпатизерите,“ додаде тој.
Реакции и деманти на шпекулации
Филипче категорично ги демантираше шпекулациите дека понудил раководна позиција на поранешен градоначалник и дека бил одбиен. „Тоа е апсолутна невистина. ВМРО-ДПМНЕ наместо да се занимава со суштински и големи проблеми за државата, се занимава со такви кафански муабети“, рече лидерот на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ деновиве на неколку прес-конференции излезе со тврдење дека Филипче по завршувањето на локалните избори во Македонија има проблем да формира ново раководство и дека големи поддржувачи на партијата му одбиваат функции.
Единство во партијата
На прашањето за поделби, Филипче нагласи дека нема раслојување, туку напротив – партијата е обединета.