1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Вештачката интелигенција го измислува секој трет одговор

ВДР
30 октомври 2025

Нова студија на Европската радиодифузна унија открива алармантен број грешки кај популарните чет-ботови со вештачка интелигенција. Системите редовно измислуваат информации, па дури и цитираат лажни извори.

Лого од чет ботови
ChatGPT, Claude, Gemini и други четботови сочинуваат до 40 проценти од нивните одговори и ги презентираат како фактиФотографија: Jaque Silva/NurPhoto/picture alliance

Го прашуваат ChatGPT за резултатите од изборите, бараат од Claude да ги сумира вестите или од Perplexity да им даде основни информации за конфликтот на Блискиот Исток: стотици милиони луѓе секојдневно се потпираат на чет-ботови со вештачка интелигенција како извори на информации. Само ChatGPT секоја недела го користат околу 800 милиони луѓе ширум светот. За многумина, овие дигитални асистенти веќе претставуваат замена за традиционалното пребарување на Google.

Но, станува збор за ризична доверба. Тоа го покажува новата студија на Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Асоцијацијата на 68 јавни радиодифузери од 56 земји ја тестирала доверливоста на најпопуларните системи со вештачка интелигенција.

Резултатот е загрижувачки: ChatGPT, Claude, Gemini и други чет-ботови измислуваат и до 40 проценти од своите одговори – и ги претставуваат како факти.

Халуцинации: вештачката интелигенција уверливо лаже

Популарниот чатбот ChatGPT цврсто тврди дека папата Франциско сè уште е жив. Microsoft Copilot, кој е интегриран во програмите Word и Excel, не знае дека Шведска е во НАТО. А, Google Gemini смета дека повторниот избор на Доналд Трамп е „можен“, иако тоа одамна се случи.

„Системите звучат убедливо, иако повеќепати тврдат целосно лажни работи“, предупредува економистот Петер Пош од Техничкиот универзитет во Дортмунд. „Тоа ги прави особено опасни за неискусните корисници, бидејќи грешките често не се веднаш очигледни“.

Постои феномен што експертите го нарекуваат „халуцинација“ – вештачката интелигенција измислува информации што звучат логично и поврзано, но немаат фактичка основа. Тоа особено често се случува кај регионални настани, актуелни случувања или кога треба да се поврзат повеќе информации.

Ќе ви го украде ли вештачката интелигенција работното место?

00:59

This browser does not support the video element.

Закана за демократијата

Но, што значи тоа за општеството во кое сè повеќе луѓе добиваат информации од чет-ботови? Последиците веќе се видливи: лажни информации брзо се шират преку социјалните мрежи, бидејќи корисниците ги споделуваат „фактите“ што ги генерирала вештачката интелигенција без проверка. Ученици и студенти вклучуваат измислени податоци во своите трудови. Граѓаните можат да носат одлуки за кого ќе гласаат врз основа на неточни тврдења.

Особено е проблематично што многу корисници не се ни свесни дека чет-ботовите можат да „халуцинираат“. Тие претпоставуваат дека технологијата функционира објективно и фактички – што е опасна заблуда. Системите со вештачка интелигенција предупредуваат на можни грешки во условите за користење, но – кој воопшто ги чита тие услови?

Штета за угледот на медиумите

Друг проблем се однесува на веродостојноста на етаблираните медиуми. Чет-ботовите често тврдат дека нивните измислени информации потекнуваат од извори како германските јавни сервиси АРД и ЗДФ, иако тие никогаш не известиле за тоа – или известиле сосема поинаку. Корисниците потоа го губат доверението во реномираните извори кога вештачката интелигенција ги злоупотребува нивните имиња за ширење лажни информации.

Студијата на ЕБУ ги тестирала чет-ботовите со стотици фактички прашања: за историски настани, научни сознанија и актуелни вести. Во зависност од темата, стапката на грешки се движела од 15 до дури 40 проценти. Ниеден од тестираниве системи не работел беспрекорно.

Децата се доближија до науката преку вештачка интелигенција

03:13

This browser does not support the video element.

Зошто вештачката интелигенција греши?

Проблемот лежи во самиот систем: чет-ботовите всушност не разбираат што зборуваат. Тие пресметуваат кои зборови најверојатно ќе следат едни по други, врз основа на огромни количини текст, но не можат да проверат дали изјавата што ја создаваат е точна. Тие немаат вистинско знаење – имаат само статистички шаблони.

Технолошките компании се свесни за овие недостатоци и работат на решенија: интегрираат бази на податоци, го подобруваат наведувањето на извори и дополнително ги усовршуваат системите. Во развојот се вложуваат милијарди. Но, халуцинациите остануваат основен, нерешен проблем на оваа технологија.

Што можат да направат корисниците?

ЕБУ препорачува јасни правила за користење на чет-ботови: никогаш да не им се верува слепо, секогаш да се проверуваат важните информации, за вести и факти да се потпирате на етаблирани медиуми, а не на вештачка интелигенција. Особено внимание е потребно кога станува збор за политички теми, здравствени прашања или финансиски одлуки.

Училиштата и универзитетите треба да подучуваат медиумска писменост: како да се препознаат дезинформации создадени од вештачка интелигенција, кои извори се сигурни? Германската влада планира кампањи за подигање на свеста – но тие доцнат. Милиони луѓе веќе подолго време ја користат оваа технологија секојдневно.

Додека не стане посигурно, треба да се знае дека: чет-ботовите можат да бидат корисни за креативни задачи или како помош при пишување, но не се погодни како проверувачи на факти или извори на вести. И никој не треба целосно да се потпира на нив.

Секој што сака да биде добро информиран не може да ги заобиколи реномираните медиуми, каде уредници ги проверуваат изворите и ги оценуваат тврдењата и доказите. Дигиталната револуција може да промени многу нешта, но потребата за внимателно истражување и проверка на фактите останува иста.

 

Диела, албанската ВИ-министерка за борба против корупцијата

00:41

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми