1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВИ влегува во училниците - дали Балканот е подготвен?

Александар Манасиев
21 март 2026

Околу две третини од младите луѓе веќе користат програми за вештачка интелигенција за учење, пишување текстови или пребарување информации. Но, дали образовниот систем е подготвен за оваа технолошка трансформација?

дете работи на лаптоп
Фотографија: Dominic Lipinski/PA Wire/picture alliance

Во една училница во Крива Паланка, наставникот Добри Јовевски го подготвува следниот час по математика. Наместо долго пребарување по учебници и материјали, отвора алатка за вештачка интелигенција. За неколку минути генерира задачи за ученици со различно ниво на знаење.

„Вештачката интелигенција може реално да го подобри образованието, ако се користи паметно и со јасна педагошка цел“, вели тој. „Ми помага побрзо да подготвам материјали и да ги прилагодам активностите за ученици со различни потреби.“

„Кога технологијата е дел од наставата, учениците се многу поактивни“, додава Јовевски.

„Често дизајнирам едукативни дигитални игри со помош на алатки како Canva и Gemini. Така часовите стануваат поинтерактивни и поинтересни, а учениците учат преку игра и решавање проблеми“, вели тој.

Вакви сцени веќе не се исклучок, тие стануваат дел од секојдневието во училниците ширум светот. Вештачката интелигенција (ВИ), од чат-ботови до системи за анализа на податоци, постепено го менува начинот на кој се учи, предава и оценува знаењето.

Добри Јовевски: Вештачката интелигенција може реално да го подобри образованието, ако се користи паметно и со јасна педагошка целФотографија: Privat

Трендот е особено видлив кај младите. Според најновите податоци на Евростат, околу две третини од младите на возраст од 16 до 24 години во Европската унија веќе користеле алатки со вештачка интелигенција: најчесто за учење, пишување текстови или пребарување информации.

Но истовремено се отвора и поголемо прашање: дали образованието е подготвено за оваа технолошка трансформација?

Нова дигитална револуција

Експертите предупредуваат дека генеративната вештачка интелигенција не е само уште една технологија во долгата листа на дигитални алатки. Таа претставува нова фаза на технолошка трансформација.

„Во последните децении сведочевме на неколку дигитални револуции, компјутерите, интернетот, социјалните мрежи и мобилната технологија. Но ВИ можеби ќе ги надмине сите нив“, предупредува Стефанија Џанини од УНЕСКО.

Причината е едноставна: за првпат машините можат да генерираат текст, идеи и одговори што наликуваат на човечка комуникација.

„Машините можат да симулираат сложен разговор и да дадат одговори што звучат авторитативно“, предупредуваат експертите. Тоа отвора нови можности, но и нови дилеми.

Децата се доближија до науката преку вештачка интелигенција

03:13

This browser does not support the video element.

Студентите веќе ја користат

Додека образовните институции сè уште дебатираат како да реагираат, студентите веќе ја прифатиле технологијата.

Според анкета на платформата „Студентарија“, 85 проценти од студентите користат ВИ алатки речиси секојдневно за учење, подготовка на семинарски работи или објаснување на сложени теми.

„ВИ веќе го менува начинот на кој младите учат и пребаруваат информации“, вели основачот на платформата Гоше Николов.

„Наместо само да меморираат факти, тие можат побрзо да стигнат до суштината на материјата и да поставуваат подобри прашања.“

Според него, вистинската вредност на ВИ не е во тоа да ја замени работата на студентите, туку да го направи учењето поинтерактивно.

„Студентите можат да симулираат ситуации, да тестираат аргументи и да гледаат проблем од повеќе перспективи. Тоа порано бараше многу повеќе време.“

Гоше Николов: ВИ веќе го менува начинот на кој младите учатФотографија: Privat

Наставниците меѓу ентузијазам и скепса

Истражувањата покажуваат дека вештачката интелигенција веќе влегува и во наставничката професија. Во Естонија, на пример, 53 проценти од наставниците изјавиле дека веќе користат ВИ алатки во својата работа, додека во Франција 80 проценти од универзитетските професори веќе експериментирале со генеративна вештачка интелигенција, најчесто за подготовка на наставни материјали и курсеви.

Во многу училишта и универзитети, наставниците се поделени. Некои го забрануваат користењето на ВИ алатки, стравувајќи од плагијат или губење на критичкото размислување. Други, пак, експериментираат со новите методи.

„Во СТЕМ-областите веќе гледаме широка примена на ВИ, додека во општествените науки сè уште се експериментира“, вели Мирјана Пантиќ, професор по дигитално новинарство и комуникации на Универзитетот „Пејс“ во Њујорк.

Таа додава дека ВИ може да биде особено корисен во истражувањето и анализата.

Мирјана Пантиќ: Во СТЕМ-областите има широка примена на ВИ, додека во општествените науки сè уште се експериментираФотографија: Privat

„Многу е поефикасно да се пребаруваат научни трудови со помош на ВИ отколку со класични клучни зборови.“

Но најголемиот ризик, според неа, е губењето на критичкото размислување.

„Ако студентите немаат силна основа за критичко размислување, постои опасност да го ‘аутсорсираат’ сопственото размислување на машината.“

Новата улога на наставникот

Во македонскиот образовен систем, институциите внимателно ја следат оваа трансформација. Од Бирото за развој на образованието велат дека ВИ може да биде значајна поддршка, но само ако се користи правилно.

„Вештачката интелигенција овозможува персонализирано учење, прилагодено на темпото и потребите на секој ученик“, велат од институцијата.

ВИ може да помогне во подготовка на материјали, креирање квизови или интерактивни активности, што го прави часот поинтересен. Но клучно е нешто друго.

„Технологијата не треба да го замени наставникот, туку да го ослободи од рутинските задачи за да има повеќе време за креативна работа со учениците.“

Истовремено се нагласува и потребата од таканаречена „ВИ писменост“.

Учениците мора да научат како да проверуваат информации, како да препознаат пристрасност и како одговорно да користат дигитални алатки.

„Образовните институции имаат обврска да ги проценат ризиците од новите технологии пред да ги воведат во училниците“, се наведува во анализа на УНЕСКОФотографија: Alain Jocard/AFP/dpa/picture alliance

Балканот сè уште на почеток

Во споредба со некои западни земји, земјите од Западен Балкан сè уште се на почетокот на оваа трансформација.

„Живееме во време на големи промени. Некои експерти зборуваат за четврта образовна револуција“, вели Кирил Барбареев, редовен професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“.

„Задачата на образованието не е само да стане побрзо и подигитализирано, туку да помогне младите да станат позрели и покритични во размислувањето.“

Според него, регионот на Балканот има потенцијал за интеграција на новите технологии, но се соочува и со сериозни предизвици.

„Постојат силни генерации млади луѓе со висока дигитална адаптивност и растечки интерес за технолошки иновации. Но ограничената инфраструктура и недостигот од обука за наставниците го забавуваат процесот.“

Кирил Барбареев: Задачата на образованието не е само да стане побрзо и подигитализирано, туку да помогне младите да станат позрели и покритични во размислувањетоФотографија: Privat

Во повеќето држави во регионот, меѓу нив Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ВИ се споменува главно во контекст на дигитални вештини, без конкретни политики за негово интегрирање во образованието.

„Вештачката интелигенција најчесто се гледа како дел од пошироките стратегии за дигитализација, но без конкретни регулативи за нејзина примена во наставата“, се наведува во едно регионално истражување.

Србија засега е најнапред во регионот. Таму ВИ веќе се изучува во основните и средните училишта, а универзитетите нудат магистерски и докторски програми посветени на оваа област.

Во Северна Македонија, пак, постојат иницијативи за модернизација на образованието и развој на дигитални вештини, но конкретна национална стратегија за ВИ сè уште не е имплементирана.

Ризици кои не смеат да се игнорираат

Како и секоја нова технологија, и ВИ носи ризици. Покрај плагијатот и некритичкото користење на содржини, тука се и прашањата за приватност, пристрасност и манипулација. Младите, според анализите, се особено ранлива група.

ВИ системите можат да генерираат уверливи, но неточни информации, а учениците често ги прифаќаат без дополнителна проверка.

Во најнов извештај, ОЕЦД укажува и на таканаречениот „Crutch Effect“ или „ефект на патерица“- ситуација кога учениците со помош на вештачката интелигенција полесно ги завршуваат задачите, но истовремено може да заостануваат во вистинското разбирање на материјалот.

Затоа УНЕСКО повикува на внимателен пристап.

„Образовните институции имаат обврска да ги проценат ризиците од новите технологии пред да ги воведат во училниците“, се наведува во анализата на организацијата.

Вештачка интелигенција во наставата: каде е границата?

02:29

This browser does not support the video element.

Човечкиот фактор останува клучен

И покрај технолошката еуфорија, многу експерти потсетуваат на една важна вистина: образованието пред сè е човечки процес.

„Вештачката интелигенција нема да го замени наставникот, но сигурно ќе ја промени неговата улога“, вели Мирјана Пантиќ, професор по дигитално новинарство и комуникации на Универзитетот „Пејс“ во Њујорк. „Клучното прашање не е дали студентите ќе користат ВИ, тие веќе го користат, туку како образовните институции ќе научат да работат со таа технологија.“

ВИ може да помогне во учењето, но не може да ја замени интеракцијата меѓу наставник и ученик.

„Кога ВИ се користи со интегритет, може да ни заштеди време и да отвори простор за повеќе индивидуална работа со учениците“, вели наставникот Добри Јовевски.

Но, додава тој, суштината на наставата останува иста.

„Не треба да се плашиме од новото, туку да го разбереме. ВИ треба да биде асистент, а не автопилот.“ 

Фотографија: MBEIM.nrw

Овој материјал е подготвен во рамките на проектот за зајакнување и професионализација на новинарите во Северна Македонија, кој е поддржан од владата на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија @land.nrw @landtag_nrw

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми