1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Вештачки идиотизам или научна револуција

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
28 март 2023

Немам пристап до внатрешни информации, или способност да предвидувам идни настани, е одговорот на вештачката интелигенција CHAT GPT чет бот, на прашањето кога С. Македонија ќе стане членка на ЕУ. Пишува Ерол Ризаов

Симболичен печат ChatGPTФотографија: Torsten Sukrow/SULUPRESS.DE/picture alliance

Мојата прва средба со почетокот на ерата на вештачка интелигенција со CHAT GPT чет бот кој се уште е во пробна експериментална фаза  беше без големи очекувања и речиси никакви предзнаења. Ја отворив таа апликација, за која  се кршат копја не само во светот на науката, со големо љубопитство. Првото искуство од едно единствено прашање и одговор поставено за нашите актуелни и деликатни состојби  освен брзината не предизвика изненадување на кое се надевав, поточно кажано фантазирав дека на повидок е најголемиот изум, поголемо чудо и од постанокот на човекот.

Прашав: дали знаеш кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ. За само една две секунди стаса одговорот: „Како модел за вештачка интелигенција, немам пристап до внатрешни информации, или способност да предвидувам идни настани. Но, сепак можам да ти кажам дека Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и има постигнато значаен напредок во исполнување на неопходните барања за пристап. Во март 2020 година Европскиот Совет и даде на Северна Македонија статут на кандидат за членство во ЕУ и ги отвори пристапните преговори со земјата. Преговорите се очекува да траат повеќе години, и Северна Македонија ќе треба да исполни широк спектар на политички, економски и социјални критериуми пред да пристапи кон ЕУ. 

Точната временска рамка за пристапот на Северна Македонија кон ЕУ е неизвесна и зависи од разни фактори, вклучувајќи реформи, политичката ситуација во земјата и во ЕУ и резултатите од преговорите“

И толку, точен, или приближно точен одговор не добив. Престанав да прашувам бидејќи во одговорот нема ништо повеќе од она што веќе го знаеме. Дури и под тоа ниво со повеќе неточности. Вештачкиот „гениј“ нема пристап до внатрешни информации и нема способност да предвидува иднина. За почеток како за експериментална фаза  не е разочарувачки, но далеку е од големите најави за генијален изум што ќе го промени светот.    

Засега повеќе  ме привлекуваат полемиките кои одат дотаму дека се работи за нова ера во која вештачката интелигенција  ќе го променат светот до тоа дека станува збор за вештачки идиотизам. На пример Бил Гејтс раскажува за неговата прва средба со тимот кој го развил овој чат-бот и како со своето знаење откако ги положил сите испити по биологија на ниво на факултет, му поставиле едно „човечко“ прашање: „Што ќе му кажеш на татко со болно дете ? “ Одговорот ги запрепастил сите, бидејќи бил многу повнимателен од тоа како би одговорил било кој во салата. Така вели Бил Гејтс.

Чомски е категоричен во оценката дека CHAT GPT во својата моментална состојба е неспособен критички да размислуваФотографија: rook/YAY Images/IMAGO

Жижек: Мајмунирање на човековата свест

Славој Жижек, еден од најголемите филозофи на денешнината пак во својата колумна за Прожект синдикејт вели: „нема ништо ново за „четботовите“ кои се способни да одржуваат разговор на природен јазик, да ја разберат основната намера на корисникот и да понудат одговори врз основа на претходно поставени правила и податоци. Но, капацитетот на таквите чет-ботови е драматично зголемен во последниве месеци, што доведе до виткање раце и паника во многу кругови.

Многу е кажано за четботите кои го навестуваат крајот на традиционалниот студентски есеј. Но, прашање кое бара поголемо внимание е како четботовите треба да реагираат кога човечките соговорници користат агресивни, сексистички или расистички забелешки за да го поттикнат ботот да ги претстави сопствените фантазии за возврат. Дали вештачката интелигенција треба да се програмира да одговараат на исто ниво како и прашањата што се поставуваат?

Проблемот не завршува тука, пишува Жижек. Како што предупредува уметникот и писател Џејмс Бридл, новите вештачки интелигенции (ВИ) се „засновани на големо присвојување на постоечката култура“, а верувањето дека тие се „всушност познавања, или значајни е активно опасно“. Оттука, треба да бидеме многу претпазливи и за новите генератори на слики со вештачка интелигенција. „Во нивниот обид да ја разберат и реплицираат целината на човечката визуелна култура се чини дека тие ги пресоздадоа и нашите најмрачни стравови. Можеби ова е само знак дека овие системи се навистина многу добри во мајмунирањето на човечката свест, сè до ужасот што демне во длабочините на постоењето: нашите стравови од нечистотијата, смртта и корупцијата.

Проблемот не е што четботите се глупави, вели Жижек  туку дека тие не се доволно „глупави“. Не е дека се наивни, нема иронија и рефлексивност. Вистинската опасност, значи, не е дека луѓето ќе го помешаат четбот со вистинска личност, туку дека комуникацијата со чет ботови ќе ги натера вистинските личности да зборуваат како четботови – пропуштајќи ги сите нијанси и иронии, опсесивно кажувајќи го точно само она што некој мисли дека сака да го каже. Новите четботови многу добро ќе се сложуваат со идеолози од сите бои, од денешната „разбудена“ толпа до националистите „МАГА“ кои претпочитаат да останат заспани.

Чомски: Тоа е технологија која ќе остане играчка

Славниот интелектуалец Ноам Чомски, татко на модерната лингвистика и голем критичар на злоупотребите на американската надворешна и внатрешна политика, неодамна напиша текст за Њујорк тајмс за CHAT GPT, каде ги наброја сите разлики меѓу човековиот ум и вештачката интелигенција, а програмите на чет бот ги нарече „лажни ветувања“.

„Денот кога механичките умови ќе ги надминат човечките умови  може да дојде, но се уште не е тука, иако тоа можеме да го прочитаме во претераните медиумски написи и да насетиме неразборити медиумски вложувања во таа индустрија“.

Колку и да се тие програми корисни во некои тесни домени во компјутерското програмирање, ние знаеме дека тие, ни разум ни јазик, не користат на ист начин како луѓето.

Чомски е категоричен во оценката дека CHAT GPT во својата моментална состојба е неспособен критички да размислува и често се цензурира, што значи дека не може да води тешки разговори кои доведоа  до големи откритија во науката, културата и филозофијата . Што можеби е и подобро, бидејќи неточностите кои повремено  ги нуди можат да придонесат за теориите на завери, а постои и ризик личноста која ги користи да ја принуди на некои опасни одлуки. Поради тоа Чомски заклучува дека тоа е технологија која веројатно ќе остане играчка и повремен алат,  а не значаен дел од нашите животи. Чет бот одбива да заземе став за било што, се повикува на незнаење и на недостиг на интелигенција, а на крај наведува дека само ги следи наредбите, префрлајќи ја одговорноста на своите креатори.

Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Не е можна вештачка без природна интелигенција

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев повеќе пати јавно укажува на новата ера на вештачката интелигенција која ќе го промени светот. Притоа предупредува дека треба да бидеме подготвени за тоа: „Мислителите и филозофите во однос на вештачката интелигенција често застапуваат дијаметрално спротивставени ставови: за едни, вештачката интелигенција ниту е можна ниту е морална, додека, за други, вештачката интелигенција наскоро ќе биде многу помоќна од човечката интелигенција.

-Холокаустот на Македонците, најновото откритие на академик Коцарев

Брзиот развој на вештачката интелигенција неминовно го наметнува прашањето за постоењето на сингуларност. Што ќе се случи ако човечката и вештачката интелигенција се изедначат? Технолошка сингуларност е хипотеза дека ненадејното пронаоѓање на вештачката суперинтелигенција ќе предизвика технолошки раст, што ќе резултира со промени во човечката цивилизација коишто не можат целосно да се разберат. Прашањето за сингуларноста е еден од најинтригантните дискурси со кои се занимаваат денес водечките светски футуристи и научници, но и обични луѓе. Иако сингуларноста сѐ уште е во доменот на хипотетичката размисла, голем број членови на научната заедница веруваат дека прашањето не е дали ќе се случи сингуларноста, туку кога ќе се случи и дали воопшто можеме да бидеме подготвени за тоа, преупредува Коцарев.

Сепак најмногу ми се допадна ироничниот кус комантар кој доаѓа од соседна Бугарија, дека вештачката интелигенција најдобро функционира каде што има  природна интелигенција. Балканот уште се дави во својот примитивизам и провинцијализам во откривање на предавници и непријатели, странски платеници и изроди кои го распродаваат националниот идентитет. Многу е поблиску до заколнување пред камата и револверот, сеење омраза и ковање на завери, отколку до природна интелигенција која прераснува секој ден се повеќе во вештачка глупост.      

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми