1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветерни паркови: спас од јагленот и од данокот за водород

Даниела Трпчевска-Зафировска
31 октомври 2024

Надежите се дека македонскиот ветер ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно во БДП, но и чиста енергија без употреба на јаглен

ветерници
Ветерни паркови: спас од јагленот и од данокот за водород Фотографија: BWE

Два дена откако седна на премиерското столче, Христијан Мицкоски на 25 јуни годинава најави инвестиција во областа на енергетиката вредна над 500 милиони долари, која ќе донесе големи придобивки за економијата, бизнис заедницата и граѓаните во Македонија. Станува збор за изградба на ветерен парк со 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават час (1.000 Gwh) електрична енергија. Ќе се гради меѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Изградбата се очекува да започне во втората половина на 2025 година и се очекува да се отворат нови 630 работни места. Зад инвестицијата стои приватната енергетска компанија „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембург. 

По најавите за инвестирање во Северна Македонија, тие своите бизнис планови неодамна ги проширија и во Србија. Потпишаа договор со развивачот RP Global за стекнување на правата за развој, изградба и управување со 968 MW обновливи извори на енергија. Договорот го вклучува ветерниот парк „Проект Целзијус 1“ со моќност од 200 мегавати лоциран на околу 25 километри источно од Белград, како и портфолио од 768 мегавати помали проекти за обновливи извори на енергија во земјата. 

Во септември 2023 година луксембуршкиот инвеститор во обновливи извори на енергија ги обелодени и намерите за изградба на ветерна електрана од 118 MW во Црна Гора на почетокот на 2025 година.

Плановите на компанијата се амбициозни - сака да стане најголема платформа за обновлива енергија во регионот. „Откако ќе бидат целосно оперативни, се очекува овие проекти да генерираат над 1700 GWh чиста енергија годишно, поддржувајќи ја транзицијата на Европа кон позелена, поодржлива енергетска иднина“, оценува магазинот „Енерџи глобал“. 

„Алказар енерџи“ ќе гради 55 ветерници во МакедонијаФотографија: Stelian Porojnicu/PantherMedia/imago images

Атрактивна инвестициска дестинација

„Алказар енерџи“ е одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург, кој е фокусиран на проекти за обновливи извори на енергија во обем на комунални услуги на пазарите во развој и тим на советници со седиште во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Нивниот „енергетски поход“ во регионот следи откако во мај годинава собраа 490 милиони долари за вториот фонд за обновливи извори на енергија поддржан од американската меѓународна финансиска корпорација за развој наречен „Alcazar Energy Partners II.  Фондот е поддржан и од австриската развојна банка и неколку индустриски групи.

Вториот фонд веќе започна со изградба на портфолио на средства во регионот на Западен Балкан, со две ветерни електрани со вкупна моќност од 456 мегавати, дел од стратегијата на фондот за развој на над 1,6 гигавати чиста енергија на голем број пазари. Откако ќе профункционираат, инвестициите на фондот треба да ги ублажат 3 милиони тони годишно емисиите на стакленички гасови, истовремено генерирајќи доволно електрична енергија за напојување на повеќе од 300.000 домаќинства, се најавите на компанијата „Алказар“.

Западен Балкан е особено атрактивен како инвестициска дестинација, бидејќи регионот се обидува да се одвикне од употребата на јагленот којшто штети на климата, како и од потпирањето на увозот на фосилни горива пред се од Русија. 

Даниел Калдерон, ко-основач и генерален директор на Алказар енерџи по презентацијата на проектот за 55 ветерници во Скопје на 25 јуни, во изјава за медиумите нагласи дека  инвестицијата ќе ѝ овозможи на Македонија да ја добие толку потребната чиста и пристапна електрична енергија, но и ќе креира работни места. „Со почеток на 2026 година во Европа се воведува данок за јаглерод, односно производите што содржат јаглерод плаќаат данок, така што, колку повеќе користиме ветерна, сончева или хидро енергија, толку помалку данок плаќаат производите при нивниот влез во Европа“, рече Калдерон.

За македонската Влада, овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетската независност, ќе го зголеми обемот на инвестиции, како и ќе отвори пат за нови инвестиции.

„Овој фонд е насочен кон регионот на Западен Балкан кој за нив е атрактивен како инвестициска дестинација, бидејќи регионот се обидува да се откаже од енергијата од јаглен. Регионот е атрактивен и од причина што земјите кои не се дел од ЕУ ќе настојуваат да ги намалат емисиите во мрежата за да им помогнат на извозниците да избегнат такси за нивните производи кога ќе ги продаваат во ЕУ, кој поставува построги правила врз основа на содржината на јаглерод“, објаснуваат од Министерството за енергетика за ДВ. 

За македонската Влада, овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетската независност, ќе го зголеми обемот на инвестиции, како и ќе отвори пат за нови инвестицииФотографија: Government of North Macedonia

Кој е бенефитот од инвестицијата?

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека изградбата на ветерниот парк ќе започне во втората половина од идната година, вредноста е нешто над половина милијада долари и тоа ќе претставува најголема инвестиција во регионот од областа на обновливите извори на енергетиката. Првото производство на електрична енергија, се очекува во втората половина на 2027 година.

Ветерниот парк во Северна Македонија треба да произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства. Најавите за во Србија, пак, се дека проектот Целзиус 1 ќе произведува доволно чиста енергија за напојување на повеќе од 31. 000 домаќинства годишно, притоа спречувајќи ослободување на приближно 426.000 тони CO2. Проектот, исто така, се очекува да отвори повеќе од 800 работни места во фазата на изградба, што ќе придонесе за локалната економија.

Според Калдерон, бенефитот од инвестицијата се странски директни инвестиции. „Ова се свежи долари кои што директно влегуваат во економијата на Македонија, создавање на работни места, односно 630 во текот на изградбата и дополнителни 200 во текот на работата, што е во траење од 20 до 30 години. Намалувањето на цената на чинењето на електрична енергија е она што го нарекуваме израмнување на трошоците на електрична енергија од ветерна енергија, што е поевтина од енергијата произведена од јаглен или гас“, рече Калдерон при презентирањето на плановите за инвестирање во земјата.  

Дали се исполнети условите за инвестицијата?

Целите на Северна Македонија се да стане енергетски независна во делот на електричната енергија и од земја увозник на струја, да стане земја извозник на струја. Новата инвестиција треба да овозможи производство на приближно еден терават-час електрична енергија, што е приближно 20 отсто од целокупното производство на електрична енергија во земјата. 

Мицкоски на 24 јуни во Штип најави дека македонскиот ветер ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно во БДП.  

Но, се наметнуваат неколку прашања околу најавената инвестиција, како на пример зошто Владата се реши да дозволи приватна инвестиција, дали инвеститорот има договорена продажна цена за електричната енергија, но и дали е реална исплатливоста на инвестицијата без да има загарантирана минимална цена за откуп на електричната енергија.

„Нема специјални  закони, нема загарантиран откуп по загарантирна цена за 20 – 30 години, туку инвеститор кој ќе инвестира 450 милиони евра, а државата ќе добие за 100 милиони евра поголем приход во БДП што треба да донесе 20 отсто од вкупното производство на струја што ќе ја направи енергетски балансирана земјава. Во периодот што следи ќе има уште вакви убави изненадувања“, нагласи тогаш Мицкоски. 

Со оглед на тоа што се работи за странска приватна инвестиција, од Владата за ДВ велат дека не се запознаени со деталите од нивниот бизнис план, односно за исплатливоста на инвестицијата, каде ќе се продава електричната енергија и слично.

„Како приватна инвестиција, тие ќе имаат право, исто како и сите досега изградени приватни обновливи извори на енергија (ОИЕ), произведената електрична енергија да ја продаваат на берза“, велат од Владата и од Министерството за енергетика за ДВ. 

„Не“ за загарантирани цени

Една четвртина од производството на енергија во земјата отпаѓа на обновливи извори на енергија. Целта на ЕУ е овој процент да се зголеми.  Во септември 2024 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, од 177 повластени производители на електрична енергија од обновливи извори во земјава произведени се 19.911.264 KWh, што претставува зголемување од 65,7% во однос на септември 2023 година.

Притоа, од 91 мали хидроцентрали, произведени се 5.357.735 KWh, од 79 фотоволтаични електрани произведени се 1.407.824 KWh, од две ветерни електрани произведени се 9.762.368 KWh и од пет термоелектроцентрали на биогас и термоелектроцентрали на биомаса произведени се 3.383.337 KWh. Учеството на произведената електрична енергија од повластени производители на електрична енергија од обновливи извори изнесува 5,93 %. Вкупно инсталираната моќност од повластени производители на електрична енергија од обновливи извори изнесува 177.642 MW.

Вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата изнесува 440 гигават часови, при што од сопственото производство се продадени 289 гигават часови односно 65 отсто, а од увоз се 152 гигават часа односно 34 отсто.

Според првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, инвестициите во обновливи извори на енергија, посебно во фотонапонски централи резултираат со пониски цени на електрична енергија во текот на денот кога има сонцеФотографија: DW/K. Delimitov

Анализа на берзански цени

Според првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, инвестициите во обновливи извори на енергија, посебно во фотонапонски централи резултираат со пониски цени на електрична енергија во текот на денот кога има сонце. Ова го покажуваат  податоците од направената анализа на берзанските цени. 

„Сепак треба да се има во предвид дека постојат повеќе фактори кои ја детерминираат цената освен понудатa и побарувачката. Во изминатиот период сведоци сме на драстично зголемени цени во регионот, поради т.н ’загушување на прекуграничните капацитети’, за што ние, заедно со Министерството за енергетика реагиравме до Енергетската заедница, додека земјите членки на ЕУ од регионот алармираа во Брисел“, вели Бислимоски за ДВ.

Во периодот што престои цената на енергенсите ќе биде под притисок од одлуката на ЕУ да ја затвори главната цевка за проток на руски гас преку Украина, со што ќе ги активира максимално останатите алтернативини цевководи за доток на природен гас. Промените кај еден енергенс, предизвикуваат ценовна дисторзија и кај останатите. 

„Пазарот е динамичен и комплексен и не може со сигурност да се предвиди ценовната флуктоација“, вели претседателот на регулаторното тело. 

Се бара нов модел

Од Владата најавуваат дека го напуштаат проектот на јавна поддршка на приватни инвестиции во ОИЕ со загарантиран откуп, со загарантирани цени, бидејќи тоа се покажа како непродуктивно за државата. 

„Но, ќе се обидеме да најдеме модел со кој дел од електричната енергија произведена од приватни ОИЕ би останал во државата“, потенцираат од Владата и додаваат: „Ние секако ќе продолжиме да даваме поддршка на приватните инвестиции во ОИЕ, бидејќи тие значат зголемување на инвестициите, отворање на нови работни места и зголемен извоз, во случајов на електрична енергија. Но, притоа ќе водиме сметка тие да не го загрозуваат нашиот енергетски систем и да бидат во согласност со важечката регулатива“. 

Енергија од ветер: изработка на генераторФотографија: Rexroth

Исто така, Владата има план за државни вложувања во капацитети од ОИЕ. Во програмата е зацртана изградбата на ветерни паркови во Богданци и Миравци, како и на уште еден капацитет од 200 мегавати. „Со нив и со други базни капацитети кои планираме да ги изградиме, а ќе користат природен гас, државата ќе има стабилен и сигурен енергетски систем и ќе ја спроведе зелената транзиција, односно напуштање на јагленот и декарбонизација на енергетскиот сектор“, децидни се од Владата. 

ДВ испрати прашања и до „Алказар Еџерџи“ околу  бизнис планот за профитабилност на инвестицијата, кога таа би почнала до носи профит и по која цена на електричната енергија инвестицијата би почнала да биде профитабилна, но до објавувањето на текстот не добивме одговори. 

Претставникот на Алказар, во јуни годинава на прашањето кои услови им биле понудени од страна на македонската влада и што Алказар енерџи побарал за реализација на инвестицијата, рече дека условите се исполнети. „Беа анализирани условите, дел зависат од Владата. Сите правни процеси беа спроведувани во меѓувреме, затоа што има многу чекори што треба да се поминат од типот на анализа на меѓусебната поврзаност, ангажираноста на земјиштето, добивањето на правата за интерконекции и слично. Дел од овие чекори зависат од Владата, дел не. Мора да направиме и анализа за животната средина, за социјалните аспекти и другите работи, кои што треба да се анализираат за сето тоа да биде подготвено и да може да се реализира“, рече Калдерон.

Она што е извесно од досегашните најави е дека во втората половина 2027 година се очекува да се видат првите бенефити од проектот.  

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми