1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветерот ќе ни носи 100 милиони евра годишно

25 јуни 2024

Странската инвестиција во ветерен парк вредна меѓу 400 и 450 милиони евра, треба значително да го подобри перформансот на енергетските капацитети на државата.

Ветерен парк
Ветерна фарма (архивска фотографија)Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Ветерна фарма во источниот дел од земјата помеѓу трите општини Карбинци, Штип и Радовиш, ќе биде новата странска инвестиција чија промоција за денеска ја најави премиерот Христијан Мицкоски. На вториот ден од мандатот на новата влада, на која еден од приоритетите е и енергетска ефикасност, ќе се промовира инвестиција што според првичните најави ќе обезбеди приближно 20% од целокупното производство на електрична енергија во земјата.

Вчерашната најава за новата инвестиција не е изненадувачка, бидејќи премиерот ја навести во периодот кога го доби мандатот за состав на владата, на учеството на седмиот Македонскиот енергетски форум.

„Ќе биде голема инвестиција  и според податоците со кои располагам, се предвидува производство на електрична енергија од приближно еден терават час, што е еден милион мегават часови, што е приближно 20% од целокупното производство на електрична енергија во земјава“, најави тогаш Мицкоски.

Атрактивна инвестициска дестинација

При вчерашната посета на Штип во првиот ден од неговиот мандат, премиерот најави дека инвестицијата во ветерниот парк е меѓу 400 и 450 милиони евра и е значаен проект во енергетското портфолио не само за тој регион, туку проект кој значително ќе го подобри перформансот на  енергетските капацитети на државата.

„Значајно е за овој проект е дека нема специјален закон, ниту загарантирана цена, туку инвеститор којшто ќе инвестира и производот ќе го пласира на слободниот пазар и тој пазар ќе диктира дали ќе биде за извоз или ќе заврши овде во Македонија. Она што е многу важно, за граѓаните и БДП ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно“, рече премиерот, и најави дека такви проекти ќе има низ целата територија на државата.

Според најавите, зад инвестицијата стои „Алказар енерџи“, инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург, со советодавен тим во Дубаи. Фокусиран е на проекти со обновлива енергија, а Западен Балкан го смета за особено атрактивен како инвестициска дестинација бидејќи регионот се обидува да се одвикне од енергијата на јаглен што штети на климата.

Внимателна енергетска транзиција

Сепак, енергетската транзиција на земјата бара внимателни и добро осмислени чекори заради нејзиното социјално влијание врз луѓето што се ангажирани во капацитети кои користат јаглен за производство на електрична енергија, и за да не го изгуби примарното производство. Мицкоски на овие аспекти се осврна и на неодамнешниот енергетски форум.

Премиерот Христијан Мицкоски ја најави новата странска инвестиција што според првичните најави ќе обезбеди приближно 20% од целокупното производство на електрична енергија во земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Кога зборувам за социјалното влијание од енергетската транзиција, зборувам за иднината на луѓето кои се веќе ангажирани во нашите  производствени капацитети кои користат јаглен,  произведуваат електрична енергија. Не треба да се занемари фактот дека моментално повеќе од 4. 000 семејства зависат од производството на електрична енергија од термоелектраните во Битола и Осломеј“, рече Мицкоски.

Ако се затворат тие производствени капацитети, ќе се изгуби примарното производство а без него побарувачката за струја ќе расте, што значи дека станува збор за сложен и скап процес кој не дозволува брзање и грешки.

Македонија може да се пофали со изобилство природни ресурси како што се ветерот, водата и сончевата енергија, што претставува значителен потенцијал за производство од обновливи извори на енергија. На почетокот на јуни во атарот на светиниколското село Богословец беше пуштен во употреба првиот приватен ветропарк, инвестиција од 61 милион евра, со инсталиран капацитет од 36 MW, од кој со струја ќе се напојуваат над 20 илјади домаќинства. Тој е еден од капацитетите кој треба помага во целта земјата да ја зголеми обновливата енергија за 50% до 2030 година. Но земјата сѐ уште е далеку од нивото да има стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори, бидејќи не се во прашање само потребите на домаќинствата, туку и побарувачката на стопанството.

Важноста на интерконекторот

За  безбедна енергетска иднина,  како што неодамна нагласи амбасадорката на САД во РСМ, Анџела Агелер, нужни се дополнителни иновации, но и напредок во тековните проекти, особено во финализирањето на грчко-македонскиот гасовод.

„Овој извор на природен гас ќе ги елиминира зависноста од Русија, како и заканите на одредени прекини во снабдување со гас.  Со интерконекторот  Северна Македонија исто така може да гради централи со погон на гас и да може да ја олесни транзицијата од јаглен“, рече Агелер на неодамнешниот енергетски форум.

Мицкоски посочи дека освен поврзувањето на македонскиот и грчкиот гасовод треба да се направат дополнителни интерконектори коишто ќе го поврзат македонскиот со српскиот гасовод, а понатаму и до Централна и Централноисточна Европа.

„Ова ќе биде особено важно за македонскиот енергетски пазар, земајќи предвид колкава е регионалната, не само локалната важност“, рече Мицкоски.

Во моментов во земјава се идентификувани повеќе од 600 јавни објекти што користат фосилни горива за греење, и со нови инвестиции се планира замена на изворите за греење на тие објекти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми