1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветото - кукавичко јајце во гнездото на ЕУ

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
11 февруари 2023

Цинизам е што ова кукавичко јајце на корупцијата и путинизмот, во контекст на војната во Украина, доби закрила од ЕУ како супститут на Путиновата „специјална операција". Пишува Димитар Димитров

Протести против францускиот предлог во Скопје, 12.07.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На денот на распуштањето, бугарскиот парламент изгласа уште една декларација со критика кон Македонија. Декларација се засновува врз оценка за влошените односи меѓу Бугарија и Македонија, проследени со „говор на омраза" и инциденти, што кулминирале со претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб Цар Борис Трети од Охрид. Непосредно по декларацијата, комшиската кавга, од улицата, социјалните мрежи и медиумите, се прошири во меѓусебно префрлање на министерствата за внатрешни и за надворешни работи, од кои македонското претходно се држеше крајно дефанзивно. 

Ова недоразбирање, со тенденција на лоша бесконечност, може да се сопре, ако се тргне од нешто за кое двете страни се согласуваат. Тоа е споделената оценка дека односите меѓу Бугарија и Македонија се влошиле после ветото, особено после неговата метаморфоза во „француски предлог". А ветото, декларативно, имаше  за цел синхронизација на тие односи. Тоа значи дека ветото како средство дошло во колизија со целта што требало да ја постигне. Понатаму тоа значи дека или е погрешно избрано средството, или станува збор за друга, скриена цел.

Симптоматично е дека, иако се констатира корелација меѓу ветото/„францускиот предлог" и влошувањето на билатералните односи, причината не се гледа во ветото, туку во неисполнувањето на условите, т.е. во неуважувањето на аргументите на ветото. Па се заговара радикализација на курсот, со алармирање на Брисел, Стразбур и Вашингтон. Некои политички субјекти (парламентарните БСП и Преродба и вонпарламентарните ИТН и ВМРО-БНД) бараат откажување на „францускиот предлог" и враќање на првобитното вето.

Лидерот на Преродба, со прекар Копејкин, отворен критичар на евроатлантската интеграција на Бугарија, декларацијата ја истакнува како единствена „добра вест" што 48-то НС ја донесло консензуално. Ваквиот „комплимент" го доби парламентот што не успеал да постигне согласност за формирање мнозинство и влада поради дефицит на демократски/европски капацитет (ПП и ДБ) и суфицит на коруптивна и проруска далдисаност. (ГЕРБ, ДПС, БСП, Преродба, БВ). Плус Радев како „руски агент на војната"

(И. Костов). 

Димитар Димитров, автор на колумнатаФотографија: privat

Ден пред декларацијата НС се потсети на годишнината (01.02.1945) од масовните ликвидации што го обележале почетокот на бугарската комунистичка држава. Копејкин и пратеничката група на БСП не се придружиле на едноминутното молчење во чест на жртвите на комунизмот.

Главен фактор на таа внатрешна бугарска неслога, претставува ГЕРБ, партија која редовно победува на изборите, а не може да состави влада, бидејќи се восприема како синоним за корупција и неуверлива евроцентричност. Наспроти тоа, кога е во прашање ветото, сите застануваат зад неа, иако тоа не донесува слога меѓу нив, а генерира неслога меѓу Бугарија и Македонија, и внатре во Македонија, на која (неслога) не може да ѝ се види крај. А ветото е рожба на коруптивната влада на ГЕРБ, чиј опстанок зависеше од ВМРО-БНД па „агентот Иван" ја презеде надворешната политика и, од европската перспектива што ја нудеше договорот за пријателство, билатералните односи ги фрли во балканска бара. Бугарското општество излезе поголемо. Не само што не ја унапреди ВМРО-БНД, туку ја исклучи од парламентот. Зашто во ветото прозре дефокусирање од непродуктивната и недемократската внатрешна политика. Дотолку приклонувањето кон ветото на ПП и ДБ, се чини, се должи на површен пристап, т.е. на неживеење со проблемот. Но тоа е најизодениот пат кон гревот. 

Продлабочување на јазот 

Ветото во Македонија го продлабочи јазот меѓу основните македонски партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), ги обедини партиите на етничките Албанци, го наруши меѓуетничкиот баланс воспоставен со Рамковниот договор. Владата на СДСМ со етничките албански партии, поставена врз тој дисбаланс, опозицијата ја восприема како антимакедонска коалиција, што СДСМ ја прави квислиншка формација. Во „францускиот предлог" ВМРО-ДПМНЕ гледа средство за бугаризација на македонскиот народ, поради што ги отфрла и договорите со Бугарија и со Грција. (Како ДПМНЕ да е наследник на Сојузот на комунистите, а СДСМ - наследник на ВМРО!)

Така ветото, од политика, поминува во антропологија и историја. Ја вовлекува Македонија во грешката што ја содржи самото тоа.

Партијата во која е инектирана бугарофобија уште со „бугарските летоци", си го продолжи проектот „Македонија вечна", го развеа знамето од Вергина на протестите против „францускиот предлог" и на чествувањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев! МАНУ и научните институти ѝ обезбедуваат научна легитимација на таа егзотика достојна на Хунзите. Автори од „надуената проза на историчарите обучени на југословенски начин" (К. Браун) и коавтори на античката Историја на македонскиот народ од времето на груевизмот, неуморно ријат против договорите со Бугарија и со Грција. 

Протести против францускиот предлог во Скопје, 12.07.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од своја страна Ахмети успешно ја продава етнонационалистичката политика како европска коалиција. Ковачевски, импресиониран од можноста за корупција што ја доби противправно и нестатутарно, ја игнорира и социјалдемократијата, и Уставот. Нему ништо не му значи „францускиот предлог" да се препознава како синоним за проевропска ориентација, а на дело да се тера коруптивна коалиција, па опозицијата и мнозинството граѓани кои се противат на тој предлог да се денунцираат како противници на ЕУ-интеграцијата.

Така ветото провоцира максимум демагогија, а минимум теориска компетенција; максимум зла волја, а минимум „добронамерна политика" (Ж. Желев). Луѓе, надвор од секаков теориски метод и систем, го трујат јавниот простор, со вербално каменување на другата страна, кое инспирира буквално каменување. 

Варварскиот аргумент 

Првиот камен Македонија го доби и беше блокирана како колатерална штета од внатрешната блокада на бугарскиот парламентаризам. Случајот со ветото е школска илустрација за тоа како внатрешната политика продолжува во надворешна. Политичкиот субјект кој дома воспоставил „мафијашка пирамида на власта" (И. Костов), немал ни грижа, ни трпение (во духот на договорот за пријателство) за конструктивно решавање на затечените проблеми и за унапредување на добрососедството во перспектива на евросојузништво. Па диверзијата на уставниот поредок дома ја префрли преку граница, како диверзија на договорот за пријателство - со ветото, со меморандуми и декларации, засновани врз аргументот дека Македонија е „вештачка држава", творба на Коминтерната и на Тито! 

Тоа е истиот Путинов аргумент за „специјалната операција" во Украина. Тоа е варварски аргумент што исклучува дијалог меѓу демократски субјекти и повикува имено путинско решение. Преку него можат да поминат политичари на кои корупцијата им ја изгорела честа и достоинството. Само тие можат да прифатат таков екстремен израз на говор на омраза како брана од говор на омраза на другата страна,  што се адресира и во најновата декларација. 

Одбележување на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев во СкопјеФотографија: P. Stojanovski/DW

Освен етичките грди импликации, „вештачката држава" издава и зачудувачко неразбирање на  светот воопшто. Спротивно на негативната конотација на придавката „вештачка" во кoнтекст на ветото, таа придавка го претпоставува човекот како творец. Кажува дека светот не е непосреден плод на еволуцијата на природата, туку е човекова творба. Негова заслуга и одговорност. Така што сите држави се вештачки. Посебно неодминливо во случајот е што почетокот на македонската држава и новиот почеток на бугарската држава, се детерминирани од исти „вештачки" фактори: од разврската на Втората светска војна, од блоковската поделба и од Коминтерната, како видови на ист тоталитарно-комунистички режим. Конституирањето на тој модел во  двете држави е обележано еднaкво со масовни ликвидации на претставници и соработници на победениот „фашизам" (всушност: националсоцијализам).

Демилитаризација на историјата 

Во меморијални белешки на годишнината на најмасовната ликвидација во Бугарија се посочува своевиден континуитет на „природната држава" (синтагмата е изведена по аналогија со „вештачката држава") од Георги Димитров како продолжена рака на Сталин, преку Тодор Живков како егзекутор до Бојко Борисов како негов телохранител и транзициски премиер. Во мемоарите на Киро Глигоров (Македонија е сѐ што имаме) се посведочува континуитет од првата македонска политичка гарнитура до него како прв претседател на самостојната РМ. Линијата на ликвидациите одела од Темпо (намесник на Тито), преку Е. Шашиќ (основач на ОЗН-а) до сите македонски раководители, кои, секој одделно, направиле списоци на соработници на „бугарскиот фашистички окупатор".  

Францускиот предлог како најголема пропаганда за евроскептицизмот

Заеднички симпозиум за оваа тема, со учество и на странски авторитети, може да биде вистинскиот почеток на плодна соработка на историчарите, во духот на прекрасната девиза на Унеско „демилитаризација на историјата". Начинот на кој се еднострано адресирани македонските ликвидации во контекст на ветото, одведува од соработка.

„Вештачката држава", ветото/„францускиот предлог", „Бугарите во Уставот", „бугарските клубови", се на линија на „бугарските летоци". Тоа е линија на натамошен раздор. При тоа, Бугарија комунизмот ѝ го подарува на Македонија. А реакцијата е: превид на комунизмот, само „македонски антифашизам" против „бугарскиот фашизам". 

Во таква атмосфера, преговарачкиот процес „францускиот предлог" го доведува во корелација со резултатите на заедничката историска комисија. Одвај може да се замислат понесоодветни услови за дијалог меѓу научници. И поголема неизвесност на преговарачкиот процес.  

Цинизам е што ова кукавичко јајце на корупцијата и путинизмот, во контекст на војната во Украина, доби закрила од ЕУ како супститут на Путиновата „специјална операција". ЕУ, НАТО и САД ќе придонесуваат за доброто на Бугарија и Македонија, не со концесии на Борисов и Радев, туку, обратно, со фокусирање и поддршка на бугарската односно на македонската демократија. Тоа е клучот, меѓу двете држави да нема место за вета и за грди зборови. Така ЕУ и НАТО ќе си ги заслужат едната и другата како свои достојни делови. И ќе добијат во силата и вредноста. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми