1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Викнете полиција... Нешто чудно се случува во Апелација

17 декември 2022

Во одаите на скопскиот Апелациски суд се премотувале назад филмските ролни кога излезе аферата со прислушувањето за да се вратат настаните на почеток и иднината да се прекомпонира. Пишува Љупчо Поповски

Кога мечот удира – тој сече (архивска фотографија)Фотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Сведоците кои биле скриени во некои долапи, а еден имало бесшумен, како сенка, зад завеса гледале чудни настани. Како во филмот „Враќање во иднината“ во одаите на скопскиот Апелациски суд се премотувале назад филмските ролни кои почнаа да се снимаат кога излезе аферата со прислушувањето за да се вратат настаните на почеток и иднината да се прекомпонира. Барем до моментот кога тогашниот претседател Ѓорге Иванов ги даде оние „божествени“ аболиции.

Еден од тие скриени сведоци доверливо успеал да ѝ се јави на неговата сигурна врска и да каже само две реченици: „Викнете полиција... Нешто чудно се случува во Апелацискиот суд“. И потоа го снемало. Се разбира, полицијата кај нас не може да влегува во такви храмови на демократијата, како што се судови и парламентот. Па таа не е како белгиската полиција и бриселските обвинители деспердски да влегуваат во Европскиот парламент, да пломбираат канцеларии, да апсат европратеници, нивни советници, да вршат претреси во десетици домови, да пронаоѓаат милиони евра во кеш, па уште и да ги сликаат тие купишта пари. Згора на тоа, онаа европратеничка од Солун да седи во затвор додека не се појави пред судија идната недела. Па уште веднаш да биде отстранета од функцијата потпретседател на Европскиот парламент, да биде исфрлена од групата Социјалисти и демократи, а нејзината сопствена партија, Пасок, за еден час да ја исклучи од нивните редови. Тоа се такви нарушувања на правата на осомничените што се незамисливи во една демократија како македонската. Нашите правила за презумпција за невиност се на неколку нивоа повисоки од европските. Затоа и сакаме да влезе во ЕУ – да ги научиме на вистинската демократија.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Затоа и вознемирувачкиот повик на скриениот сведок останал и како и да не се случил. Кој би смеел да се занимава со чудните работи во Апелацискиот суд. Само треба да чекаме што треба да соопшти што решил петчлениот совет кој одлучувал по жалбата на осудените во „Таргет-Тврдина“, мајката на сите случаи за нелегалното прислушување што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Кога тоа соопштение стигна вчера, во петокот, на сите им олесна. На целата јавност ѝ олесна.

Во него пишуваше: „Апелацискиот суд Скопје при разгледување на пресудата констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“.

Кој може да најде забелешка на оценката на апелациските судии дека имало суштествени повреди од Законот за кривична постапка од „апсолутен карактер“? Кој би требало да се посомнева во нивната правичност и непристрасност? Се разбира дека никој не би требало да има храброст ниту право да зачекори на тоа поле. Штом тие пресекле како со меч, тогаш нема ни потреба да се дава образложение што ги довело судиите да донесат таква одлука. Тоа може да биде бадијала потрошено време кога повредите биле од „апсолутен карактер“, а и „жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна“, како што соопштија.

Како што немаше потреба да дадат образложение ни за одлуката од 25 ноември, кога ги прифатија жалбите на осудените во случајот „Трезор“и го вратија предметот на повторно судење. Тогаш соопштението беше слично, иако малку различно: „Апелацискиот суд Скопје при разгледување на пресудата констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“.

Ете, оттогаш поминаа три недели, па нема ни назнака дека би можеле да дадат образложение на одлуката што тогаш ја донесоа. Тоа се ефемерни детали на кои не треба да се троши многу време.

Со првостепената пресуда која се укинува, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворФотографија: Petr Stojanovski

Но затоа може да се троши многу време на случајот со превозот на учениците во Битола познат како „Транспортер“, во кој беа осудени поранешниот градоначалник Владимир Талески и уште дваесетина други лица. Тие што пресудуваат како со меч во скопскиот Апелациски суд две години и девет месеци не можат да одлучат затоа што тоа бил голем предмет, како што изјави портпаролката на судот за „Независен“.

А тоа таму-кај-што-треба го соопшти и еден од сведоците во одаите скриен како сенка. На масите биле распослани стотици документи, изјави, сведочења за кои требало неверојатно голема аналитичка систематизација и прочување за да не се стори некаква грешка. Затоа што, кога удира мечот - тој сече. Па Талески може да си ја преседи и целата затворска пресуда во куќен притвор и за тие две години и девет месеци од пресудата да добива плата од Битолскиот театар (каде што е вработен) по 52.000 денари месечно (или досега околу 30.000 евра). И најпосле да ја тужи државата за судење во неразумен рок и да добие и отштета. Но тоа е, кога мечот удира – тој сече.

- повеќе од авторот: Анџела Агелер како Џон Ленон

А тој пресече за Сашо Мијалкови компанијата многу побрзо: во Трезор за една година и осум месеци, а за „Таргет-Тврдина“ за една година и 10 месеци. Во последниот случај било најлесно – имало повреди на Кривичниот законик од апсолутен карактер.

- повеќе од авторот: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во тајниот клуб на агентите на хаосот?

Каква врска може да има евентуалноста дека некои од овие случаи може да застарат? Апелациските судии не сакале ни да помислуваат на тоа – како може нечија туѓа лоша работа (како на судиите во Кривичниот суд) да биде префрлана врз нивен грб, па макар толку долго ги одложувале сопствените пресуди? А и како што изјави уште еден најскриен можен сведок, кој нема ни сенка, во една супертаинствена група наречена германски асоцијативно „Граѓани на македонскиот рајх“, на едно дреново стапче забалежувале рецки од остварувањата на специјалната операција. Најдебелата од нив, па дури украсена со некакви чудни орнаменти, била онаа кога се укина Специјалното јавно обвинителствово операција изведена како според крими роман или лоша Нетфликс серија. Во таа група се шепотело со скриени насмевки – сега ќе оди сѐ полесно. Не може да се каже дека и не одеше така.

- повеќе од авторот: На Западниот фронт сѐ по старо

Тој најскриен можен сведок, како што дознавме преку десет шифрирани канали, успеал да фати и дел од разговорот полн со мимики на овие „Граѓани на македонскиот рајх“ како со подбивање го коментирале доаѓањето на американскиот тим за санкции. Бесполезно и промашено, наводно велеле некои. Но овој сведок, кој успеал да ја скрие и својата сенка, не можеше да биде целосно сигурен дека имало целосна релаксираност – кај некои дури се гледал и облак на загриженост. Но, облак како облак, доаѓа и си оди.

Како и гневот во јавноста, вчудоневиденоста на обичните луѓе. Нашите тајни сведоци велат дека има точка, моќна и невидлива како Саурон, која командува со сите познати и непознати мрежи. На крајот јавноста и властите, особено судските, треба да паднат во очај и да се потчинат. И да завршат како Ифигенија, жртвено јагне за слободата на Империјата, која секој ден возвраќа еден по еден удар.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми