1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Орбан фантазира за воен напад од Украина врз Унгарија

27 февруари 2026

Орбан ѝ нареди на војската да ги напушти касарните и да ги чува енергетските објекти „од напади од Украина“. Но, јасно е дека главната цел на Орбан сега е да го спречи својот пораз на изборите со сите можни средства.

Маж со побелена коса и темен костум зборува пред повеќе микрофони и камера
Унгарија: Виктор Орбан распоредува војска среде изборната кампањаФотографија: Wiktor Dabkowski/picture alliance

Унгарскиот премиер  Виктор Орбан  повторно го подигна политичкиот притисок во земјата, само шест недели пред парламентарните избори закажани за 12 април. Во видео-обраќање објавено на 25 февруари 2026 година, тој соопшти дека наредил распоредување на унгарската армија, полициски сили и воени одбранбени системи за да чуваат енергетски постројки низ државата, обвинувајќи ја Украина дека подготвува активности за „нарушување на функционирањето на унгарскиот енергетски систем“. Конкретни докази за своите тврдења Орбан не наведе.

Надвиснати сомнежи околу демократскиот процес

Последните месеци Орбан, кој повеќе од една деценија го проектираше својот имиџ како неприкосновен лидер со силна поддршка, во јавните настапи делува сè понесигурно. Политички коментатори и противници забележуваат дека неговиот тон е нестабилен, понекогаш прекинат со молби до поддржувачите да се мобилизираат за да се обезбеди победа.

Иако  не е извесно дека Фидес ќе ја загуби власта,  анкетите сѐ појасно укажуваат на сериозна можност за изборен пораз. Истовремено, Орбан избегнува јасно да гарантира дека ќе прифати демократски пренос на власта во случај на пораз.

Дополнителен контекст на најновата одлука е фактот што од крајот на јануари Унгарија повеќе не добива руска нафта преку гасоводот „Дружба“, кој беше оштетен на украинска територија во близина на Броди. Иако украинските власти велат дека поправката ќе потрае, Орбан тврди дека Киев намерно ја прекинал испораката со цел да предизвика енергетска криза и да поддржи „проукраинска и прокризна“ влада во Будимпешта.

Според сегашната реторика на Фидес, една таква влада би го „финансирала војувањето во Украина на сметка на унгарскиот народ“.

Анкети: водство на опозициската Тиса

Дополнителен шок за Фидес дојде на денот на Орбановата објава: независниот институт „Медијан“ објави анкета која покажува дека новата опозициска партија Тиса води со 11 проценти меѓу сите гласачи и со 20 проценти меѓу оние кои сигурно ќе гласаат.

Опозицискиот лидер Петер Маѓар  предупреди дека Орбановите обвинувања кон Украина и активирањето на армијата може да претставуваат подготовка за инсценирани инциденти кои би послужиле како изговор за нарушување или откажување на изборите. Тој го повика премиерот да ја предаде власта мирно и да избегнува „руски тајни решенија“.

Политологот Андраш Биро-Наѓи, пак, изјави дека во сегашната состојба „не е јасно  до каде може да оди Фидес за да ја задржи власта“.

Можни истраги против Орбан и неговото опкружување

Орбан со децении го претставува Фидес како единствен легитимен претставник на унгарската нација, а политичките противници како „предавници“ или „слуги на странски интереси“. Таквата реторика е засилена во актуелната кампања, каде што Маѓар се опишува како инструмент на Киев и Брисел.

Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар зборува на митинг на неговата партија Тиса на 6 декември 2025 година во КечкеметФотографија: Tamas Vasvari/MTI/AP Photo/picture alliance

Но покрај политичкиот наратив, за Орбан е во прашање и материјална и правна безбедност. Под негово владеење е создаден т.н. „систем на национална соработка“, во кој блиски соработници, роднини и партиски кадри стекнаа огромни богатства преку  клиентелизам и корупциски практики.  Со евентуален пад од власт, овој систем би се распаднал, а истражните органи би можеле да покренат постапки против премиерот и неговиот круг соработници.

Затоа изборните аналитичари проценуваат дека „ништо не е исклучено“ во пресрет на изборите: ниту откажување на изборите, ниту масовни немири доколку избор кој го одразува народниот глас биде поништен.

Поддршка од Москва и дезинформациски наративи

Украинскиот политиколог и истражувач на екстремизмот Антон Шеховцов смета дека сценариото за поништување на изборите е можно. Иако директна кражба на избори, како во  Русија или Белорусија, би била пресилна за унгарскиот контекст, тој предупредува на „дезинформациски модел“ кој се гради со години.

Според него, Кремљ и руските разузнавачки структури му даваат значителна поддршка на Орбан, помагајќи да се создаде впечаток дека  „ЕУ  и Украина се здружиле со Петер Маѓар против Фидес“.

Владата тврди дека изборите ќе се одржат

На редовната владина прес-конференција на 26 февруари, шефот на премиерскиот кабинет Гергељ Гуљаш се обиде да ги смири сомнежите, нагласувајќи дека нема да се прогласи вонредна состојба и дека изборите на 12 април „ќе се одржат како што е предвидено“.

 

Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми