1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висока е поддршката за НАТО во Северна Македонија

15 март 2024

Околу 63% од граѓаните на РСМ сакаат земјата да остане членка на НАТО, а 64% се уверени дека членството ја намалува веројатноста нивната земја да биде нападната

Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

Две третини од граѓаните на Северна Македонија сакаат нивната земја да остане членка на НАТО. Ова се дел од податоците во годишниот Извештај на  Генералниот секратар на НАТО Јенс Столтенберг  за 2023 година, кој го презентираше вчера, во година кога Алијансата ќе одбележи 75 години од нејзиното основање.

На прашањето „Ако можеш да гласаш за или против членството на вашата земја во НАТО, како би гласал?“, во истражување на крајот од минатата година 63% од анкетираните во Северна Македонија одговориле „јас би гласал мојата земја да остане членка на НАТО“. За земјата да го напушти НАТО би гласале 24%, а останатите се изјасниле дека „не знаат“.

Висок процент од граѓаните од Северна Македонија се согласиле со изјавата „Нашето членство во НАТО  ја прави помала веројатноста дека странска нација ќе ја нападне земјата“. Со оваа изјава се согласиле 64%, не се согласиле 22%, а останатите се во категоријата ниту се согласувам, ниту не се согласувам/не знам.

Како и во 2022 година, глобално 82% од граѓаните веруваат дека е важна соработката меѓу Северна Америка и Европа за безбедносни прашања. Северна Македонија е меѓу земјите каде граѓаните со највисок процент (меѓу 81 до 100%) се изјасниле дека таа сорабoтка е „важна“.

Временска рамка за целите

Иако  РСМ стана членка на Алијансата во 2020 година,  таа денес ги исполнува целите што Алијансата ги постави на самитот во Велс во 2014 година. Тогаш членките на НАТО се согласија во следната деценија да достигнат одвојување на 20% од буџетот за одбраната за нова опрема и модернизирање на одбранбените сили, при што тој услов тогаш го исполнувале само седум сојузници, а минатата година 28. Другата цел беше земјите-членки во истиот период да се стремат кон издвојување на најмалку 2 отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП) за одбрана. Во 2014 година само 3 сојузници ја имале постигнато таа цел, до 2022 година 7, а во 2023 година 11 сојузници.

Генералниот секратар на НАТО Јенс Столтенберг во Скопје во ноември 2023 годинаФотографија: Government of North Macedonia

„На почетокот на 2024 година овој број се зголеми на 18“, се наведува во Извештајот на Генералниот секретар на НАТО.

„Oваа година две третини од сојузниците ќе ја постигнат целта од 2%“, рече вчера Столтенберг, нагласувајќи дека со тоа годинава ќе вложат вкупно 470 милијарди долари во одбраната. Се проценува дека вкупните воени трошоци на НАТО во 2023 година биле околу околу 1,1 трилиони американски долари.

РСМ ја исполни целта

Северна Македонија е една од 18-те земји членки кои од годинава го исполнуваат критериумот на НАТО за одвојување на 2% од БДП за одбрана. Според МО, од 2024 година се издвојуваат 2,05 проценти од македонскиот бруто-домашен производ (БДП) или 327 милиони евра за одбранбениот буџет на земјата. За споредба, македонскиот буџет за одбрана за 2023 година изнесуваше 274,6 милиони евра (1,85% од БДП), кој пак беше за 24,45 проценти поголем од буџетот за за одбрана во 2022 година кога изнесувал 1,57 % од БДП.

И годинава, исто како и минатата, речиси една третина од буџетот за одбрана е наменет за  модернизација и опремување на Армијата,  со што се исполнува и критериумот за зацврстување на капацитетите на националната и колективната одбрана на НАТО.

Кај Северна Македонија особено е видлив растот на трошоците за опрема и модернизација, како дел од вкупните трошоци за одбрана. Ако во 2014 година издвојувањата за нова опрема биле меѓу 6 и 7%, според Извештајот, во 2023 година тие изнесуваат 34,2%.

„Северна Македонија е целосно посветена на обврските од членството, преку јасната заложба за стабилно финансирање на одбраната, континуираниот развој на одбранбените капацитети и способности согласно стандардите на Алијансата, придонесот кон мисијата на НАТО на Косово и во Ирак, како и мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија“, посочил државниот секретар Владимир Анчев, кој вчера во седиштето на НАТО во Брисел предводел делегација од Министерството за одбрана во мултилатерални разговори на НАТО со Северна Македонија.

Воена вежба на НАТО во Криволак, Северна Македонија, мај 2022 годинаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

На состанокот, сојузниците го поздравиле напредокот на Северна Македонија и ја охрабриле земјата да продолжи да ја развива одбраната. Претставниците на повеќе земји членки изразиле благодарност за  одличната билатерална одбранбена соработка, активното учество на земјата во регионалните одбранбени иницијативи и  придонесот кон безбедноста на Западен Балкан.

Регионална стабилност и поддршка за Украина

Северна Македонија е меѓу 27 сојузници кои со свои војници учествуват во Мисијата на КФОР на Косово. Во вкупното присуство на околу 4.700 војници, РСМ учествува со 60.

„Присуството на НАТО во Косово останува клучно за стабилноста на регионот на Западен Балкан (...) Дијалогот е главна платформа за изнаоѓање решение кое ги почитува правата на сите заедници и за градење траен мир, што е од корист за безбедноста ширум Косово и за стабилноста низ целиот регион на Западен Балкан“, се наведува во Извештајот.

Во него се потсетува и дека Генералниот секретар лани во ноември во Северна Македонија одржа состанок со лидерите на земјите членки од регионот.

Покрај стабилноста на регионот, во фокусот и натаму останува поддршката за Украина.

„Две третини од граѓаните во членките на Алијансата сакаат да продолжи помошта за Украина. Тоа е важно, затоа што поголемиот дел од помошта доаѓа од држави на НАТО“, порача вчера Столтенберг.

„На Украинците не им снемува храброст, ним им снемува муниција“, изјави Генералниот секретар на НАТО и упати апел до сојузниците за поголема воена поддршка на Украина.

Голем јубилеј

Во 2024 година се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО aлијансата, кога во 1949 година 12 основачки членки го потпишаа Северноатлантскиот договор: Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Обединетото Кралство и САД. Во годините потоа уште 20 земји се приклучија на НАТО: Грција и Турција (1952), Германија (1955), Шпанија (1982), Чешка, Унгарија и Полска (1999), Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија (2004), Албанија и Хрватска (2009) и Црна Гора (2017). Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО на 27 март 2020 година и годинава ќе одбележи 4 години од членството во Алијансата. Со зачленувањето на Финска (2023) и Шведска (2024), НАТО со вкупно 32 земји-членки ќе го дочека 75-годишниот јубилеј. Генералниот секретар истакна дека на самитот во Вашингтон во јули, каде ќе се прослави овој јубилеј, очекува сојузниците да преземат натамошни чекори за поддршка на Украина, да ја зајакнат одбраната на НАТО, да обезбедат ресурси и да ги продлабочат своите партнерства ширум светот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми