Преговорите за Газа продолжуваат - Хамас бара гаранции
8 октомври 2025
На третиот ден од разговорите за ставање крај на војната во Појасот Газа, високи делегации од САД, Катар и Турција се вклучуваат во преговорите. Премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, учествува на консултациите во египетскиот крајбрежен град Шарм ел-Шеик во среда, како што соопштија дипломатски извори во Катар.
Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, исто така пристигнуваат, според египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати. Турска делегација предводена од шефот на разузнавањето Ибрахим Калин се приклучува на разговорите, јави турската новинска агенција Анадолу.
Планот на Трамп и барањата на Хамас
Израел и радикалната исламистичка група Хамас од понеделникот (6 септември, 2025) водат индиректни разговори, со посредство на Египет, Катар и САД, за планот што го предложи Трамп за ставање крај на војната во Газа. Предлогот на американскиот претседател предвидува, меѓу другото, ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас, разоружување на Хамас и постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа.
Според планот, Хамас не треба да има никаква улога во идното управување со Појасот Газа. Сепак, исламистичката палестинска организација инсистира на право на учество во управувањето и досега не одговорила на барањето за нејзино целосно разоружување. Главниот преговарач на Хамас, Халил ал-Хаја, во вторникот побара од Трамп и посредниците „гаранции“ за крај на војната во Појасот Газа.
Комеморација за жртвите од 7 октомври, 2023
Американскиот претседател рече дека постои можност „да постигнеме мир на Блискиот Исток“. САД, во случај на прекин на огнот, „ќе сторат сè што е во нивна моќ за да се осигурат дека сите се придржуваат до договорот“, нагласи Трамп во вторникот во Белата куќа.
Војната во Газа беше предизвикана од бруталниот напад на Хамас и на сојузничките палестински групи врз Израел на 7 октомври 2023 година. Оттогаш, Израел презема масовни воени операции во Појасот Газа.
На втората годишнина од нападот на Хамас, илјадници луѓе во Тел Авив во вторникот вечерта им оддадоа почит на жртвите од нападот. Комеморацијата беше организирана од семејствата на заложниците на Хамас.