1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високи очекувања од предлогот за висока раководна служба

9 февруари 2026

Предлог-законот за висока раководна служба претставува клучен реформски чекор за департизација, професионализација и зајакнување на мерит-системот во јавната администрација.

Рака на маж става печат на хартија. Лево се гледаат повеќе печати
На хартија останаа ветувањата дека изборот на високи раководни служби во органите на државната управа во иднина ќе биде заснован на принципот на заслуги и способност на кандидатитеФотографија: Shotshop/IMAGO

Закон за висока раководна служба: за него се говори повеќе од една деценија, во последните седум години доживеа три нацрт-верзии, но до денес не е донесен. На хартија останаа ветувањата дека изборот на високи раководни служби во органите на државната управа во иднина ќе биде заснован на принципот на заслуги и способност на кандидатите, преку стандарди на избор и селекција, наместо праксата за „садење“ партиски имиња, на штета на квалификувани професионалци со компетенции.

Во отсуство на закон, но и политичка волја, распределбата на раководни позиции продолжи да се третира како поделба на постизборен политички плен, кога политичката подобност на кандидатот предничи пред квалитетот и компетенциите, а селекцијата се прави во партиите/коалициите. Второ, и натаму остана праксата да се користи позицијата в.д. како начин за поставување директори без да се распише конкурс, наместо тоа биде можност само во крајна неопходност за функционирање на институцијата.

Трета среќа

Патот до овој закон се покажа долг. Предлог решение беше изработено во 2019 година, и тоа стигна до собраниската Комисија за политички систем. Но по една година од поднесувањето, предлогот беше повлечен пред да биде разгледан од пратениците на пленарна седница. Образложението беше дека е потребна доработка и доуредување на членовите за усогласување со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници. Во 2022 година на ЕНЕР беше објавен нов нацрт-закон, се дебатираше за него, ДКСК во 2023 година достави свое мислење за предложените решенија, но и тој не беше усвоен. Во декември 2025 година на ЕНЕР стигна и третиот нацрт-предлог, кој е дел од поширок реформски пакет заедно со Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор.   

Праксата за „садење“ партиски имиња, на штета на квалификувани професионалци со компетенции трае со деценииФотографија: picture-alliance/ZB

Според концептот, целта е да се гарантира професионалноста и да се зајакне отчетноста и одговорноста на носителите на високи раководни позиции. Како клучни новини во законот се истакнати начинот, критериуми и постапка за избор на раководни функции, кратењето на бројот на членови на управните одбори на максимум три (за разлика од досегашните 5, 7 или 9) и ограничувањето на позицијата вршители на должност (в.д.) максимум на шест месеци. 

За илустрација, опсежното истражување на Центарот за управување со промени (ЦУП) од 2023 година, покажа дека од 247 директори, дури 105 или 42% биле именувани за вршители на должност и неретко повеќепати, последователно.

Ефект на прелевање

Во „Анализа на дискрециони овластувања при именување и назначување на раководни структури во органите на државната управа“ од 2024 година, ЦУП опиша како функционира системот на сврзани садови во корелација со партиските вработувања, односно партиски избор на раководни структури. 

„Вработувања по партиска линија наместо по пат на заслуги е можно доколку на таков начин се именувани/назначени раководните структури на институциите. Станува збор за домино ефект или ефект на прелевање. Односно, раководните структури (директорите и членовите на управни одбори) треба да бидат своевидна „заштитна брана“ за коруптивни и криминални дејствија во институцијата, како што се вработувањата по пат на корнизам, клиентелизам или патронажа. Но, тие не можат да извршуваат ваква „заштитничка“ улога доколку и тие самите се избрани по пат на корнизам, клиентелизам или патронажа“, се наведува во анализата. 

Во изминатите три децении, дискреционото назначување и разрешување на високи државни службеници на раководно ниво остана најслабата точка, при што во македонското законодавство не постои јасна дистинкција меѓу политичкото и професионалното ниво во администрацијата. 

Простор за политичко влијание

Досега постоеше едногласност во оценките дека овие проблеми најдобро и најефикасно ќе бидат решени со Закон за висока раководна служба, но не постои согласност дека последното предложено решение води кон поочената цел. Најмногу критики доаѓаат од невладиниот сектор. 

Раководните структури (директорите и членовите на управни одбори) треба да бидат своевидна „заштитна брана“ за коруптивни и криминални дејствија во институцијатаФотографија: Andrey popov/IMAGO

„Анализата покажува дека предложеното решение не воспоставува суштинска деполитизација и професионализација на високата раководна служба“, објави пред една седмица Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС). 

Во документот се нотираат неколку клучни ризици: врзување на мандатите на државните секретари со мандатот на Владата, што ја задржува политичката зависност; селективен опфат на институции, што создава фрагментиран систем; целокупниот процес на избор и именување е концентириран кај извршната власт, без никакви елементи на незавизен или надворешен надзор; разрешување без јасни критериуми и мерливи индикатори - ризик од политички реваншизам; правото на неизбор на кандидат како механизам за злоупотреба;

„Наместо автономен и меритократски систем, вака конструираниот предлог-закон повторно остава широк простор за политичко влијание и клиентелизам. Потребно е да се направат суштински интервенции со цел воспоставување јасен, унифициран и меритократски систем на висока раководна служба, отпорен на политички влијанија“, оцени ИДСЦС.

Политички функции

Од опфатот е изоставен Генералниот секретар на Владата, што практично ја одразува дистинкција меѓу политичките и менаџерските позиции во институциите. Прашан за ова,  министерот за администрација, Горан Минчев, ги објасни причините.

„Ќе се произнесе владата за таквите забелешки, ако ме прашате за мој личен став - јас мислам дека не треба Генералниот секретар и Заменик-генералниот секретар да бидат во рамки на овој закон, затоа што тие се извршни функции кои што ги именува Владата и кои што практично ги следат односно ги спроведуваат политиките на Владата. Тие се дел од Владата“, изјави за РСЕ, Минчев. 

Министерот за администрација, Горан Минчев се надева дека со реформите во јавната администрација ќе се намалат 40% буџетски корисници.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој обелодени дека во работната група имало дебата дали и државните секретари да бидат опфатени со овој закон.

„Политичките партии излегуваат на избори и добиваат доверба на граѓаните. Државниот секретар е главниот двигател, шеф на сите вработени и тој треба да биде професионална, кавлитетна високобразована личност, која ќе оди на конкурс. Но, во исто време ќе мора да ги спроведува политиките на Владата. Замислете ситуација кадешто министерот и државниот секретар не градат заеднички политики. Тогаш немаме ништо од брзи резултати и реформи кои се бараат од нас“, оценува Минчев.

Интегрирање и кастрење

Следното решение што го најавува министерот е Законот за организација и работа на органите на државната управа. Решенијата во него треба да ги регулираат сите институции кои што се под капа на државата.

Работна група подготвува решенија за спојување или интегрирање на одредени позиции, во однос на институции кои имаат слични или идентични активности или преклопување на надлежностите со други институции. Министерот се надева дека со него ќе се намалат 40% буџетски корисници.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми