Германија: Поради жештината, цути пазарот за клима уреди
ЖА / агенции
12 август 2025
Температури до 35 степени Целзиусови веќе не се невообичаени во Германија. Ова е една од причините зошто сè повеќе Германци купуваат клима уреди. Производството речиси се дуплираше минатата година.
Клима уредите се бараат како никогаш досега во ГерманијаФотографија: Pieter Stam de Jonge/ANP/picture alliance
Реклама
Со оглед на жешките лета предизвикани од климатските промени, во Германија се произведуваат и увезуваат многу повеќе клима уреди. Минатата година, производството скокна за речиси 92 проценти, на речиси 317.000 апарати, според Сојузниот завод за статистика. Во 2023 година, оваа бројка изнесуваше само 164.700 единици. Во рок од пет години, производството се зголеми за околу 75 проценти.
Во овој период беа увезени и значително повеќе клима уреди: нивната вредност се зголеми за 48,2 проценти од 2019 година, на 949 милиони евра во 2024 година. Ова за малку го промаши рекордот од претходната година од 957 милиони евра. Најважната земја добавувач беше Италија, од каде што доаѓа еден од четири увезени клима уреди. По неа следуваа Кина и Шведска. Климатизери за автомобили не се вклучени во извештајот.
Иако климатизацијата долго време се гледа со скептицизам во Германија, таа е доста вообичаена во земји како САД. И градовите со често високи температури, како што се Дубаи, Атина, Мадрид, Бангкок и Сингапур, тешко дека би го доживеале својот економски бум без климатизација.
Во Германија, многу канцеларии немаат климатизација или се лошо климатизирани, како и продавниците, хотелите и рестораните. Многу болници, исто така, немаат соодветна климатизација, што е проблематично за пациентите и персоналот. Од друга страна, овие денови во автомобилите ретко кој поминува без добра климатизација.
Дојче Бан (Германска железница) постојано се истакнува со дефекти на климатизацијата во своите брзи возови. Најголемата германска компанија за јавен превоз, Берлинер Веркерсбетрибе (БВГ), работи исклучиво со вентилација и не инсталира климатизација во своите метроа. Објаснувањето: Тие се „неекономични и штетни за животната средина“.
Германија и западна Европа се погодени од топлотен бран со високи температури. Некогаш невообичаени, ваквите топлотни бранови и други екстремни појави станаа редовни. Како климатските промени се одразуваат во Европа?
Фотографија: picture-alliance/S. Ziese
Рекордни топлотни бранови
Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент. Во јули, во Германија беше измерена највисоката температура досега од 42,6 Целзиусови степени. Франција го урна својот рекорд на горештина двапати во 2019 година, со највисока измерена температура од 46 Целзиусови степени во јули. Климатските промени ја зголемуваат фрекфенцијата на топлотните бранови.
Во ноември 2019 година, италијанскиот град архипелаг Венеција доживеа повеќе поплавувања и високо ниво на водата од 1,5 метри, кое беше достигнато трипати во една недела, за прв пат во историјата. Прогнозираното покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени може во иднина да ги направи овие настани уште почести.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina
Шумски пожари во Шпанија
Истиот топлотен бран што донесе рекордни температури во Франција ги предизвика најлошите шумски пожари кои ја погодија Шпанија во последните 20 години. На шпанскиот остров Гран Канарија, пожарите во август го уништија националниот парк на популарниот туристички остров. Повисоките температури и сувиот воздух како резултат на климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари.
Фотографија: Reuters/B. Suarez
Германските шуми изумираат
Комбинацијата од суша, невреме и екстремна топлина ги осиромашува германските шуми. Според БДФ, група за заштита на шумите, во Германија, повеќе од 1 милион дрва умреле од 2018 година. „Ова веќе не се поединечни невообичаени временски настани. Ова се климатските промени“, вели претставник на БДФ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Frey
Исчезнуваат глечерите на Алпите
Глечерот на италијанската страна на Мон Блан доживеа забрзано топење во 2019 година. И ентузијастите одржаа „погреб“ за глечерот Пизол на швајцарските Алпи, кој речиси целосно исчезна. Научниците велат дека климатските промени го забрзуваат топењето на глечерите на Алпите.
Фотографија: AFP/F. Coffrini
Сушата влијае врз производството на храна
Сушата во Германија две години по ред силно ги погоди земјоделците. Во 2018 година, рекордната суша предизвика големи загуби кај земјоделските култури, а топлотните бранови во 2019 година, дополнително ги оштетија земјоделските култури. „Климатските промени значат почести суши и екстремни временски услови во Германија“, изјави потпретседателот на германската служба за временски услови Паул Бекер.