Вистинската цена на најскапото Светско првенство во фудбал
Артур Саливан
18 ноември 2022
Светското првенство наскоро ќе започне во Катар. Контроверзната одлука пустинската земја да биде домаќин е донесена пред 12 години. Се покажа дека првенството ќе биде многу, многу скапо.
Реклама
Сè уште не можат да се проценат трошоците за Светското првенство. Сепак, едно е веќе јасно: тоа ќе биде најскапото во речиси 100-годишната историја на Мундијалите, која што започна во Уругвај во 1930 година. Постојат проценки дека турнирот би можел да чини повеќе од сите вкупно одржани првенства досега, а станува збор за 21 мундијал.
Според различни извештаи и експертски мислења, цената значително ќе ја надмине границата од 200 милијарди долари. За споредба, последните две првенства беа најскапите во историјата на Светските првенства. Бразил во 2014 година и Русија во 2018 година чинат помалку од 15 милијарди долари.
Ден Пламлеј, експерт за спорт и финансии од Универзитетот Шефилд Халам, вели дека уште во 2010 година, кога на Катар му беше ветено дека ќе биде домаќин, се проценуваше дека Светското првенство потенцијално ќе чини 65 милијарди долари. „Тоа сигурно ќе биде најскапото Светско првенство според трошоците, а не ни знаеме колку ќе чини на крајот.
А сметката?
Американската советодавна компанија за спортски финансии Front Office Sports проценува трошоци од 220 милијарди долари. Хасан Ал Тавади, шеф на организацискиот комитет на Светското првенство, вели дека инфраструктурните проекти ќе чинат повеќе од 200 милијарди долари.
Причината за неизвесноста е што долго пред првенството, владата инвестираше најголем дел од своите милијарди во нефудбалска инфраструктура: нов систем на метро, меѓународен аеродром, околу 100 нови хотели, нови патишта и забавни паркови. Повеќето од овие инвестиции се дел од поширокиот проект наречен Катар Национална визија 2030 година.
„Светското првенство делуваше како катализатор за напорите на Катар да ја развие инфраструктурата на земјата“, вели Киеран Мегваер, специјалист за фудбалски финансии на Универзитетот во Ливерпул. „Тоа е она на што се фокусираа. Во споредба со другите првенства, ова е многу поскапо“.
„Вистинските цели што ги следи Катар се некомерцијални“, вели Пламли. „Меѓународните односи се клучен мотив за одржување на вакви настани. Парите секако не се проблем за Катарците. Очигледно е дека земјата може да си го дозволи тоа и е подготвена за огромни трошоци. На многу начини, Светското првенство во 2022 година е финансиска аномалија“.
Темно наследство
Дури и да е финансиска аномалија, како и сите други домаќини на СП, Катар мора да се справи со прашањето за „наследството“. Поентата е дека турнирот носи опиплив напредок за општеството, напредок што ги оправдува трошоците за само четири недели меѓународен фудбал. Тоа е сериозен предизвик за сите светски турнири, но во случајот со Катар има сериозни сомнежи.
Ова е најочигледно кога станува збор за стадионите. За потребите на Мундијалот целосно се изградени седум стадиони. Според владините податоци, тие чинат 6,5 милијарди долари. Кога ќе заврши СП, земјата со само 2,8 милиони луѓе нема да има корист од тоа.
Другите домаќини на Светското првенство имаа слични проблеми, но Катар ќе оди многу подалеку: натпреварите сепак ќе се играат на три стадиони, но пет ќе бидат демонтирани, користени за други цели или драстично намалени. Мегваер смета дека со оваа нова инфраструктура Катар ќе биде кандидат за домаќин на големи европски натпреварувања, како Лигата на шампионите или Европската лига.
Катар сака да го „пегла“ имиџот
01:32
Жртви на инфраструктурата
Прашањето за трошоците за Светското првенство е засенето од судбината на гастарбајтерите кои се мачеа во Катар во последните десет години и за кои земјата се соочи со огромни критики од организациите за човекови права.
Во 2016 година, Амнести интернешенел (АИ) го обвини Катар за употреба на принудни работници на стадионот Калифа. Има информации и дека илјадници странски работници ги загубиле животите во Катар од 2010 година.
Во февруари 2021 година, весникот Гардијан објави дека околу 6.500 работници од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка починале во Катар од 2010 до 2020 година. Експертите за човекови права велат дека голем број од нив дошле во Катар токму поради работата на инфраструктурата за Светското првенство.
Катар најави некои реформи за заштита на работниците, но остануваат големи проблеми, според АИ и во извештајот од октомври тие наведуваат: „Кршењето на човековите права се уште е широко распространето“.
ФИФА е победник
Ниту загинатите работници, ниту вртоглавите трошоци не прават разлика за светската фудбалска асоцијација ФИФА, која одлучи Катар да биде домаќин на првенството. Ден Пламлеј како објаснување го посочува претходното Светско првенство во Русија 2018 година, кое и донесе многу пари на федерацијата:
„За ФИФА, Светските првенства се основата на приходите. Таа ги користи за плаќање на сите активности во своите четиригодишни циклуси. Настанот може да биде многу скап за Катар, но во интерес на ФИФА е да обезбеди успех на Светското првенство“.
Илустрирана историја на светските фудбалски првенства
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски рпваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но според гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.