1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Виткоф: Напредок во преговорите Русија–Украина

ЖА / агенции
18 февруари 2026

Преговорите Русија–Украина со посредство на САД донесоа „значителен напредок“, соопшти американскиот пратеник Стив Виткоф по шестчасовната рунда во Женева, каде делегациите разговараа за безбедносни и хуманитарни прашања

Претставници на делегациите на трилатералните преговори меѓу Украина, САД и Русија на маса, зад нив знамиња на Русија, САД, Швајцарија и Украина
Трилатерални преговори меѓу Украина, САД и Русија во ЖеневаФотографија: Ekaterina Chesnokova/SNA/IMAGO

Првиот ден од директните преговори меѓу претставници на Москва и Киев, одржани со посредство на  Соединетите Американски Држави  со цел запирање на војната во Украина, донел „значителен напредок“, изјави американскиот специјален претставник Стив Виткоф.

Во објава на платформата X во средата, Виткоф истакна дека е „горд што под водство на претседателот Доналд Трамп работи на завршување на крвопролевањето во овој  ужасен конфликт“.

Според него, двете страни се согласиле да ги информираат своите претседатели за текот на разговорите и да продолжат да работат на можен договор. Денеска (среда) во швајцарска Женева се очекува  нова рунда разговори.

Шестчасовна, напната сесија

Според извори блиски до руската делегација, средбата во вторникот траела шест часа и била оценета како „многу напната“.

Украинскиот главен преговарач Рустем Умеров пред почетокот на средбата изјави дека темите ќе ги опфатат безбедносните и хуманитарните прашања, додавајќи дека Украина учествува „конструктивно“ и „без преголеми очекувања“.

Од руската страна, заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков претходно посочи дека остануваат „обемни прашања“ кои треба да се разјаснат, нагласувајќи дека Москва бара не само прекин на огнот, туку „траен“ договор.

Меѓународно посредување во Женева

Како  американски посредници  во Женева пристигнаа Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер. Според извори од германската влада, во разговорите учествува и советникот за надворешна и безбедносна политика на канцеларот Фридрих Мерц, Гинтер Заутер.

Италија, Франција и Велика Британија исто така испратиле свои безбедносни советници, потврдија италијански владини извори.

Разлики во позициите на Москва и Киев

Двете претходни рунди преговори одржани во Абу Даби не донесоа резултати. Главните позиции на Москва и Киев остануваат далеку од усогласување.

Русија бара целосно повлекување на украинските сили од Донбас како услов за прекин на воените дејствија — барање што Украина категорично го отфрла.

Претседателот  Доналд Трамп  пред почетокот на разговорите повторно ја повика Украина побрзо да постигне договор со Москва, изјавувајќи дека Киев треба „што поскоро да седне на преговарачка маса“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази незадоволство што  САД ја притискаат само Украина да прави отстапки.

Зеленски сака директна средба на врвот со Путин

Во својата вечерна видео порака, украинскиот претседател  Володимир Зеленски  повтори дека кај Русија не постои каква било вистинска подготвеност за преговори, а последните воздушни напади врз украинските градови, тврди тој, се доказ за тоа.

Зеленски продолжува да го отфрла барањето на Русија за повлекување на украинските трупи од преостанатите делови од источните региони Луганск и  Доњецк.  „Емоционално,  народот никогаш нема да го прости ова.  Никогаш“, изјави претседателот за новинскиот портал Аксиос. Неговите сонародници не би разбрале зошто треба да се откажат од дополнителна територија. Според Зеленски, неговата влада и владата во Вашингтон се согласиле дека секој договор бара одобрение од украинскиот народ преку референдум.

Украинскиот претседател сака да ги реши спорните територијални прашања, по можност на директен самит со рускиот претседател  Владимир Путин.  Тој ѝ наложил на украинската делегација да го покрене ова прашање во Женева. Иако Кремљ не отфрла директно таков самит, постојано изјавува дека таков состанок мора да биде правилно подготвен. Сепак, Москва сè уште не покажала никаков интерес за конкретни подготовки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми