1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Владата го предложи Ненад Савески за нов државен обвинител

10 март 2026

Владата го предложи судијата Ненад Савески за државен јавен обвинител. Предлогот оди во Собранието, каде се потребни 61 глас за избор.

Јавно обвинителство
Владата го предложи Ненад Савески за нов државен обвинителФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата го предложи судијата од Кривичниот суд, Ненад Савески, за нов државен јавен обвинител. Предлогот ќе биде доставен до Собранието, кое треба да го изгласа со најмалку 61 пратенички глас.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција изјави дека при изборот се раководеле од принципите на професионалност, интегритет, стручност и доследна посветеност на владеењето на правото.

„Ненад Савески е судија во Кривичниот суд и има изградено репутација на правник со долгогодишно искуство, препознатлив по професионалниот интегритет и посветеноста на законитоста и правдата“, изјави Митева.

Професионалната биографија на Савески

Ненад Савески е роден во 1976 година и живее во Гостивар. Магистер е по казнено право, со магистратура од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје, каде што ги завршил и основните студии. Правосудниот испит го положил во 2003 година. 

Од 2016 година Савески е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.

Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а меѓу 2004 и 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар, каде што од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.

Во неговата биографија се наведува дека бил експерт во ОБСЕ – Македонија, Националната конвенција за ЕУ (Поглавје 23), како и во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД. Член е на повеќе работни групи за судски и законски реформи, а работел и на проекти поврзани со посебни истражни мерки, мерки на притвор и кривична постапка.

Критериуми за избор

„Изборот на државниот јавен обвинител е прашање од исклучителна важност за кредибилитетот на правосудниот систем“,  истакна Митева. Таа додаде дека Владата пристапила со особена внимателност, имајќи ја предвид потребата од професионализација и зајакнување на независноста на јавното обвинителство.

Според неа, предлогот се темели на стручни оценки и мислења од Советот на јавни обвинители, како и анализа на интегритетот, искуството и резултатите на кандидатот.

Процедура во Собранието и останати кандидати

За оваа висока позиција во трка беа петмина кандидати, од кои Советот на јавни обвинители позитивно оцени четворица: Анита Тополова-Исајловска (в.д. обвинителка), Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и Ненад Савески. 

Савески треба да го наследи Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември минатата година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми