1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интегрален текст - какви измени се предвидени во Уставот?

ДТЗ
18 јули 2023

Владата на денешната седница го разгледа и усвои текстот на предлогот за уставни измени, по што документот влегува во собраниска процедура. Кои се уставните измени за коитреба да гласаат пратениците?

Влада
Владата го усвои текстот за уставни измени и ја префрли топката во Собранието Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Владата на денешната седница го разгледа и усвои текстот напредлогот за уставни измени, по што документот влегува во собраниска процедура. Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група на Министерството за правда составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата како и претставници на политички партии.

Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието донесени на седницата одржана на 16.7.2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија и заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. 

Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.  

„Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност“, велат од Владата. 

Тие повикуваат на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и конечно да ги реализира европските перспективи.

Во продолжени го пренесуваме интегралниот текст за уставни измени којшто го усвои Владата: 

ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СО НАСОКИ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УСТАВОТ

I. ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ

Во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија заменета со Амандманот IV, а Амандманот IV изменет со Амандманот XXXIV, после делот од бошњачкиот народ се предлага да се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

II. ИЗМЕНИ ВО АМАНДМАНОТ XXXVI СО КОЈ Е ЗАМЕНЕТ ЧЛЕНОТ 49 И АМАНДМАНОТ II

Во Амандманот XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49и Амандманот II, после делот од бошњачкиот народ се предлага да се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

III. ИЗМЕНИ ВО АМАНДМАНОТ XII СО КОЈ Е ЗАМЕНЕТ ЧЛЕНОТ 78

Во Амандманот XII на Уставот на Република Северна Македонија што се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, во точка 1 се предлага да се измени бројот на членовите и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.

Кои се уставните измени за кои треба да гласаат пратениците?Фотографија: Reuters/T. Georgiev

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија (,,Службен весник на Република Северна Македонија‘‘ бр.161/22), донесени на седницата одржана на 16.7.2022 година, а во врска со точката 4 од Заклучоците на Советот на Европската Унија, усвоени на седницата одржана на 18.7.2022 година и точката 11 од Заедничкиот став и Воведната изјава на Европската Унија на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, одржана на 19.7.2022 година и точка 15 од Изјавата на Северна Македонија на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 18.7.2023 година усвои Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија.

Во духот на меѓународните стандарди за заштита и почитување на човековите права ислободи, содржани во Универзалната декларација на ОOН, како и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и во Европската конвенција за човековите права и основните слободи, а имајќи предвид дека Европската Унија се заснова врз вредностите за почитувањето на човековите права, слободата, еднаквоста, демократијата и заштитата од дискриминација, Република Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија е решена да ги спроведе обврските преземени во рамките на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19.7.2022.

Во таа насока, во Заедничкиот став на Европската Унија донесен на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија се очекува да се овозможи зајакнување на еднаквите права на заедниците заради усогласување со Копенхашките критериуми. За таа цел, Република Северна Македонија има преземено обврска за релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во неа и кои се дел од други народи.

Свесни дека нашата држава како меѓународен субјект преземала недвосмислени обврски што треба да ги реализира во добра воља и без разлика на легитимните политички разлики меѓу владеачкото мнозинство и опозицијата, уверени сме дека е потребна заедничка одговорност во остварување на стратешките цели, а најважна меѓу нив е полноправното членство во Европската Унија.

Во согласност со мулиткултурниот карактер на Република Северна Македонија со цел да се поддржи демократскиот развој, нужно е континуирано јакнење на политичкиот систем во насока на признавањето, негувањето, заштитата, афирмацијата и гарантирањето на културната различност, како и на опстанокот на различните културни групи кои што живеат на територијата на нашата држава, во согласност со веќе воспоставената уставна рамка за нормативногарантираниот мултикултурализам, а особено низ постоечките институти за гарантираното претставување предвидени со Уставот и во духот на Охридскиот рамковен договор.

Овој Предлог за измена и дополнување на Уставот, Владата го предлага поаѓајќи и од уставното начело дека граѓаните на Републиката мора да ја негуваат одговорноста спрема сегашноста и иднината и дека се свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби за создавање на самостојна и суверена држава Македонија, како и дека се одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и на се што е определено како специфична уставна вредност од Илинденското востание во 1903 година преку Народноослободителната борба од 1941 година до 1944 година заклучно со формирањето на современата независна и суверена македонска држава во 1991 година.

Република Северна Македонија во својата уставно правна традиција им ја гарантира слободата на изразување, негување и развивање на идентитетот и особеностите на своите заедници. Во рамките на таа гаранција, Република Северна Македонија ја афирмира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Оваа уставно правна традиција е започната уште во државно правните традиции на Крушевската Република, како и со правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, а продолжи со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, како и со амандманите на Уставот што произлегоа од Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Оттаму, овие уставни традиции се дел од стремежот на нашата држава за целосна интеграција во европското семејство на државите и народите, како демократска држава на рамноправни граѓани.

Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република СевернаМакедонија и му го поднесува на Собранието на Република Северна Македонија.

Во Предлогот се содржани измени и дополнувања на Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на вклучување на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ во Преамбулата на Уставот, Амандманот XXXVI со кој се заменува членот 49 и Амандманот II, како и Амандманот XII со кој е заменет членот 78.

Во делот на Преамбулата се предлага покрај македонскиот народ, како и граѓаните на Република Северна Македонија кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ и бошњачкиот народ да се додадат и граѓаните кои се дел од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ, египќанскиот народ.

Со Амандманот XXXVI со кој се заменува членот 49 и Амандманот II, уставната обврска на Републиката за грижа за дијаспората на македонскиот народ и за деловите од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, се предлага да се дополни со уставна обврска за грижа и за дијаспората на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Во Амандманот XII со кој е заменет членот 78 се предлага да се зголеми бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците од постојните 19 члена на 43 члена со цел да се вклучат и членови, претставници на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Притоа, се зголемува и бројот на членови, претставници на македонскиот народ и на делот од албанскиот народ од постојните 7 члена, претставници на македонскиот народ и 7 члена, претставници на делот од албанскиот народ на 16 члена, претставници на македонскиот народ и 16 членапретставници на делот од албанскиот народ со цел да се обезбеди гарантирана претставеност и да се задржи воспоставениот паритет утврден со амандманите на Уставот на Република Македонија, донесени во 2001 година, а што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми