1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ќе се задолжува и кај граѓаните

Костадин Делимитов
6 мај 2023

Планот на власта да прави бизнис и со парите на граѓаните отвора можности, но и многу дилеми. Клучната - во каква реално финансиска состојба е државата.

Државни задолжувања
Државни задолжувањаФотографија: Fotolia

Наместо во акции, заштеди во банките, или чување „под перница“, македонските граѓани наскоро ќе можат да ги вложуваат своите пари во државата,односно директно во буџетот.Идејата за воведување на т.н. граѓанска или народна обврзница, која одамна се најавува, добива на конкретност. Планот според Владата е таа да се воведе пред летните одмори и да им овозможи на граѓаните да добиваат одреден надомест, односно камата.

„Ќе се обидеме да ги убедиме нашите граѓани да имаат доверба во државата, да инвестираат во сигурни хартии од вредност и за тоа да добијат сигурен прилив“, порачаа од Министерството за финансии.

Повисока камата

Колку средства би се собирале и со какви бенефиции за граѓаните засега не се прецизира. Од она што е досега познато, веројатно би се одело на опција за двегодишна обврзница со минимум уплата од десет илјади денари. Каматната стапка исто така допрва треба да се утврди, но очекувањата се дека таа ќе биде сигурно доста повисока од онаа која што ја нудат банките за депозитите.

Од Владата велат дека искуствата од овој инструмент ќе бидат позитивни, а како пример го посочуваат оној во Хрватска каде по овој основ биле обезбедени околу една милијарда евра. За експертската јавност кај нас, оваа новина е добредојдена и ќе придонесе за раздвижување на пазарот на капитал:

„Оваа мерка која што ја промовира Владата не е воопшто лоша, би рекол е одлична пазарна мерка од која ќе има повеќекратни бенефити. Прво, станува збор за алтернативна можност за финансирање за граѓаните, освен во банките како депозити, се добива можност за уште едно безризично финансирање. Второ, ова ќе има позитивно влијание на пазарот на капитал. Бенефит ќе има и државата која ќе обезбеди уште еден извор за финансирање на јавните расходи кои ќе се финансираат и преку овој начин. Дополнително, ќе се развие и конкуренција, еден вид конкурентност која ќе влијае и на каматните стапки“, изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Новиот инструмент за вложување на парите на граѓаните ќе значи и сериозна конкуренција на банкитеФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

Сигурна инвестиција

Новиот инструмент за вложување на парите на граѓаните ќе значи и сериозна конкуренција на банките каде лежат милијарди депозити на граѓаните. Но исто така треба да мотивира вложување и на дел од она што традиционално се чува „под перница“. Оттука и дилемите, дали и колкава ќе биде и довербата кај граѓаните да влезат во овој нов начин на бизнис директно со Владата. Според Ивановски, од овој аспект не треба да се имаат големи дилеми оти државата е најсигурен гарант за инвестирање во хартии од вредност:

„Што се однесува пак до сигурноста на вложувањето за граѓаните, мора да се напомене дека станува збор за еден стабилен начин бидејќи тука е гарант државата и со самото тоа граѓаните кои ќе се решат да инвестираат во оваа можност можат да бидат мирни, иако не очекувам дека овој начин ќе донесе и некое позначајно поместување, односно за купувањето државни обврзници не мислам дека ќе има и доста повисоки каматни стапки. Но сепак државата е гарант дека парите кои ќе ги вложуваат граѓаните ќе се враќаат без проблем, Зоран Ивановски

Полнење буџетски дупки

Дел од упатените не гледаат проблем што се воведуваат вакви инструменти, но изразуваат загриженост од тајмингот во кој се најавува оваа стратегија:

„Ова укажува дека се потребни пари во буџетот среде трошењата на кои сме сведоци како она со конзорциумот 'Бехтел и Енка' за изградбата на автопатските коридори. Гледаме дека досега задолжувањето дома достигна 117 милиони евра, односно имаме толкаво задолжување по внатрешен основ кое и се зголемува. Ваквиот тренд ги стеснува можностите за стопанството и фирмите, односно наместо кај нив, парите од банките завршуваат во буџетот како постабилна и побезбедна опција. Но сведоци сме какви се потребите на бизнисот, посебно периодов во услови на криза. Оттука мислам дека треба и да се внимава во овој процес“, коментира за Дојче веле Трајко Славески, поранешен министер за финансии.

Што се однесува пак од аспект на можностите кои се нудат со овој инструмент, изгледите според него се позитивни:

„Оваа мерка ќе донесе одредено раздвижување и инструментот како таков веќе беше и најавен од министерот за финансии како еден од начините за справување со инфлацијата. До одреден начин е позитивно, бидејќи ќе обезбеди простор и можност за граѓаните да остваруваат приход, посебно доколку каматната стапка која би се добила по овој основ биде поатрактивна. Таа мислам дека ќе биде фиксна, но веројатно и повисока од онаа која ја нудат банките за депозитите која е многу ниска и која инфлацијата ја јаде“, укажува Славески.

Државната каса гори!?

Неговиот поранешен колега по функција, Џевдет Хајредини пак предупредува дека најавата на граѓанската обврзница само потврдува дека во државната каса гори, а власта по секоја цена бара начин да ги пополнува буџетските дупки.

„Ова е би рекол последна можност за Владата да најде пари за да ги покрие потребите за нивните трошења. Ситуацијата е таква што очигледно дека мораат тоа да го прават, оти потребата од финансии е драматична. Се земаат пари од секаде, се зема од надвор, се зема од банките. Тешка е очигледно ситуацијата и не се прикажува реално состојбата. Црпат средства за ливидност и претпазливост од ММФ, издаваат еврообврзница по многу поскапа камата, државни обврзници издаваат и ги собираат парите од банките наместо тие да се инвестираат во стопанството. Многу е лоша очигледна состојбата, а јавноста нема точни информации што се случува“, предупредува Хајредини.

Ваквите инструменти на задолжување според него не се непознати за останатите земји, но ретко каде, вели тој, некоја Влада користи секакви начини за да се задолжува:

„Мислам дена не постои ниту една земја во која една Влада ги користи сите можни инструменти за задолжување. Очигледно нема потешка ситуација од онаа што ја имаме кај нас, никој вака не ги користи сите инструменти за задолжување на државата како што тоа го прави актуелната власт. Да ги користи сите инструменти без оглед што се плаќаат високи камати. А од друга страна гледаме каков ни е економскиот раст, најслаб во регионот и во Европа, што значи само загуби. Помалку растеме, а повеќе се задолжуваме“, реагира Хајредини во изјавата за Дојче веле.

Ретко каде, вели Џевдет Хајредини, некоја влада користи секакви начини за да се задолжуваФотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Проектни и зелени обврзници

Освен граѓански обврзници, од Владата најавуваат дека до крајот на годината ќе се воведат и уште два други инструмента. Станува збор за т.н. проектна обврзница која би се понудила на другите инвеститори, а за прв пат се планира да почнат подготовки за издавање и на „зелени обрзници“. Од Министерството за финансии велат дека станува збор за тренд во кој би се вклучила и државата, а за кој веќе има заинтересираност ка инвеститорите. За подготовките на целиот процес потребни се од шест до осум месеци, велат од Министерството.

Товар по товар за буџетот

Планот за новиот инструмент за задолжување и кај граѓаните владата го обелоденува во период кога се исплаќаат првите средства за проектот со „Бехтел и Енка“ кој ќе ја чини државата минимум 1,3 милијарди евра. Но и среде растот на функционерските плати за 78%,  што предизвикува бура реакции и критики во јавноста. Колку дополнително ќе се оптовари буџетот само по овој основ, засега не кажува никој поконкретно. Но со оглед дека станува збор за бројка од 500 до 600 избрани и именувани функционери на кои платите драстично им се веќе зголемени, сумата ќе биде доста висока. Тука се и пратениците, директорите на јавните претпријатија, градоначалниците, советниците во општини, судии, јавни обвинители, сите кои се опфатени со одлуката на Уставниот суд.

Јавен долг

На почетокот на март државата се задолжи на меѓународниот финансиски пазар со издавање на еврообврзница, деветта по ред до сега, во износ од 500 милиони евра со т.н. купонска каматна стапка од 6,96 отсто. Со другите трошоци, фактички каматата е 7,25 отсто, со рок на отплата од четири години.

Колкави се долговите на државата покажуваат статистичките податоци. Заклучно со првиот квартал годинава, вкупниот јавен долг изнесува 8,275 милијарди евра, што според податоците на Министерството за финансии е 57,5% од бруто домашниот производ. Овој долг ги содржи сите пари кои ги должи државата, плус долговите кои се гарантирани од страна на Јавните претпријатија и Акционерските друштва во државна сопственост како и негарантираниот долг. Паралелно со јавниот долг кој ја покажува вистинската слика на задолжувањето, во јавноста се оперира и со терминот државен долг кој всушност е долгот на централната влада, фондовите и општините. Тој изнесува 7,2 милијарди евра или 50,5% од Бруто домашниот производ.

Во последните шест годинијавниот долг во апсолутен износ е безмалку двојно зголемен. Или пет пати повисок од 2008 година кога тој изнесуваше 1,55 милијарди евра.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми