1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Мора да биде поисплатливо да се работи легално

18 февруари 2026

Владата најавува засилени мерки против сивата економија. Целта е неформалната економија да се намали од 28,9% на 26% од БДП до крајот на 2027 година.

Премиерот Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски најавува засилени мерки против сивата економијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата најавува засилена борба против сивата економија во Македонија. Целта е неформалната економија да се намали од 28,9% на 26% од БДП до крајот на 2027 година.

„Ќе бидеме и цврсти и праведни — и кон оние што избегнуваат обврски и кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите. Нашата цел е економија со ред, пазар со правила и држава со достоинство“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ во Скопје.

Како ќе се намалува сивата економија во Македонија?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Владините приоритети во справувањето со сивата економија

Сивата економија, истакна тој, не е апстрактен поим, туку директно значи изгубени приходи за државата и пропуштена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта и посигурни пензии. Таа создава нелојална конкуренција и ја нарушува довербата во институциите.

„Нашата цел е формалната економија да стане попривлечна од неформалната — да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално“, рече Мицкоски.

Анализите во 2023 година покажаа дека поради сивата економија државата губи милиони евра годишно. Само државниот буџет секоја година губи околу половина милијарда евра коишто би можеле да се инвестираат во здравството, образованието или инфраструктурата. 

Институтот за економски истражувања и  политики „Фајнанс тинк“ измери дека сивата економија во 2020 година опфаќа 23,2 проценти од БДП.  Според нивното истражување, недовербата во системот, односно нискиот даночен морал на населението, високата корупција и неефикасните институции, се главните причини граѓаните место легално, да се обидуваат да заработат заобиколувајќи го системот.

Целта е неформалната економија да се намали од 28,9% на 26% од БДП до крајот на 2027 година.Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Системски реформи и дигитализација

Мицкоски смета дека борбата против сивата економија не смее да се сведува само на инспекциски надзор, туку мора да биде системска. Во таа насока, Владата работи на дигитализација на процесите (е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци), намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулирање на формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите.

„Стратегијата се темели на три принципи: поедноставување, правичност и поддршка“, додаде Мицкоски.

Контрола на цените и маржите

Покрај сивата економија, Владата ќе се фокусира и на високите цени во маркетите.

„Глобалните кризи влијаат на пазарите, но тоа не смее да биде алиби за неоправдано високи маржи и прекумерни профити“, истакна премиерот, додавајќи дека пазарната економија не значи пазар без контрола. Во таа насока се најавува засилен мониторинг на цените на основните производи, анализа на трговските маржи, координација со институциите за спречување на злоупотреби и дијалог со трговците и производителите.

Цели до 2027: Намалување на неформалната економија

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека со ревидираниот акциски план за 2026–2027 година, целта е неформалната економија да се намали од 28,9% на 26% од БДП до крајот на 2027 година.

„Клучна е активната вклученост на сите релевантни институции. Преку потпишување на декларацијата за партнерство и акција испраќаме јасна порака за заедничка посветеност во борбата против неформалната економија“, изјави министерката.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми