1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата предлага буџет од 5,5 милијарди евра за 2024 година

ДТЗ
14 ноември 2023

Премиерот Димитар Ковачевски најавува развоен и одржлив буџет. Предвидени се средства за раст на пензиите, но не и за зголемување на функционерските плати во март

Symbolbild Wirtschaft und Finanzen
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Владата најавува развоен и одржлив буџет за 2024 година. Тој ќе треба да го поддржи развојот, но и да обезбеди фискална одржливост. Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари (5,5 милијарди евра), што е за 5,8 проценти  повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на годинава. Тоа, според Владата, ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра.  

Очекувањата се дека опоравувањето на домашната економија идната година ќе забрза, со проектиран раст од 3,4 проценти во услови на раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. 

Инфлацијата проектирана на 3,6% 

Стапката на инфлација во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација. 

„Предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија. Со него се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата“, рече премиерот Димитар Ковачевски. 

Димитар Ковачевски најавува развоен и одржлив буџет. Предвидени се средства за зголемување на пензиите и платитеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Економско заздравување 

Тој на прес-конференција со министерот за финансии, Фатмир Бесими, информираше дека буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. 

Вкупните даночни приходи се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Најголем пораст е планиран кај приходите од данокот на личен доход кои се проектирани на 31,1 милијарди денари, што претставува раст од 17,4 проценти во однос на годинава. Приходите од данокот на добивка се проектирани на ниво од 19,5 милијарди денари, приходите од данокот на додадена вредност на ниво од 80,7 милијарди денари, а приходите по основ на акцизи е предвидено да изнесуваат 31 милијарда денари.

Во 2024 година се очекува да продолжат и позитивните движења на пазарот на труд со раст на бројот на вработени за 2 проценти, што ќе резултатира со дополнително намалување на стапката на невработеност.  

Во буџетот не се предвидени средства за зголемување на функционерските плати во мартФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Плати и лекови 

Во буџетот за идната година се предвидени средства за покачување на платите во јавниот сектор, согласно Општиот колективен договор, како и за покачување на пензиите. Околу 45 милиони евра повеќе се обезбедени и за набавка на лекови, меѓу кои околу 12 милиони евра за лекот „Трикафта“.  

Но, според Бесими, не се предвидени средства за зголемување на платите на функционерите во март. Идната година, која што е изборна, ќе значи и ограничување на вработувањата во изборниот период, како и забрана за започнување на нови проекти или нивно промовирање коешто би можело да влијае на изборниот циклус. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми