1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата предложи смена на двајца министри

ДТЗ
8 февруари 2024

На нивно место се предлагаат Илир Демири како министер за здравство и Наим Бајрами за информатичко општество

влада
Владата предложи да се разрешат министрите за здравство и за инфоматичко општествоФотографија: DW/P. Stojanovsk

По турбуленциите во Алијанса за Албанците, Владата предложи да се разрешат министрите за здравство, Фатмир Меџити и за информатичко општество - Азир Алиу. На нивно место се предлагаат Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.

Ваквите предлози техничкиот премиер, Талат Џафери ги достави до претседателот на Собранието, Јован Митрески. Во дописот се наведува дека согласно член 94, став 2 од Уставот, се предлага Собранието, на првата наредна седница, да ги разреши двајцата министри на Алијанса.

„Работев чесно“

Ваквиот развој на настаните следи откако денеска на брифинг со новинарите, министерот за здравство Фатмир Меџити порача дека не планира да се повлече од функцијата.

„Не поднесувам оставкa, оставка се поднесува кога не се работи чесно“, изјави Меџити. Министерот смета дека чесно и морално ја извршувал функцијата и ќе остане на министерската позиција се додека не го разрешат пратениците.

„Собранието и пратениците ќе одлучат кој ќе биде министер”, рече Меџити.

Тој беше министер за здравство помалку од една година, како кадар на Алијанса за Албанците. Но, откако почна поделбата на два табори во партијата, почна притисокот за смена на дел од партиските кадри кои се на раководни позиции. На владина седница деновиве веќе беа разрешени дел од директорите - кадри на Алијанса за Албанците.

„Не поднесувам оставкa, оставка се поднесува кога не се работи чесно“, изјави Меџити.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој ќе го наследи?

Алијанса за Албанците одлучи да постави нови кандидати за министри за здравство и за информатичко општество и администрација на местата на Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои останаа како министри и во преодната влада до изборите на 8 мај. 

Партијата го предложи, а Владата ги потврди како кандидати за министер за здравство Илир Демири, актуелен директор на Клиничка болница во Тетово, а за министер за информатичко општество и администрација е предложен Наим Бајрами, магистер по политички науки.

Досегашните министри за информатичко општество и администрација и за здравство од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, пред неколку дена тврдеа дека партијата е единствена, има легитимни органи и легитимен претседател Арбен Таравари. Но, сепак признаа дека постои една група во партијата, која според нив, се здружила со ДУИ и прави таков притисок за АА да оди заедно со ДУИ на изборите.

Владата предложи да се разрешат министрите за здравство, Фатми Меџити и за информатичко општество - Азир Алиу.Фотографија: Government of North Macedonia

„Таравари е легитимен претседател“

Легитимен претседател на Алијанса за Албанците е Арбен Таравари и партијата има легитимно Собрание, изјави денеска Меџити, кој ги обвини ДУИ за опструкции на неговата работа.  

„Во Алијансата на Албанците има едно едно централно собрание и тоа ќе биде вечерва во Куманово и тоа ќе биде и собир со граѓаните, легитимните избрани органи или легитимниот претседател на партијата е господинот Таравари“, рече Меџити. Тој е дециден дека 83 членови на Собранието се на нивна страна. 

Според него, конечно е дојдено време кога „граѓаните и симпатизерите може да направат разлика и да бидат сигурни дека нема да има тројански коњи на ДУИ кои ќе ја уништат партијата“. 

Политиката да ги тргне рацете од здравството

Меџити денеска апелираше политиката да ги тргне работите од здравството и од образованието. Тој тврди дека се соочувал со опструкции за катните гаражи и спојувањето на Клинички, но и за други проекти. 

„Се соочувам со опструкции по препорака од Артан Груби за да не можеме да ги реализираме проектите. Знаете, во оваа држава сѐ може да ти простат, само успехот не. Јас навистина се борев, се борев за правата на здравствените работици и граѓаните да добиваат подобри услуги“, вели Меџити.    

„Патиштата ни се разделија“

Судирот меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата, Арбен Таравари и Зијадин Села, деновиве се прелеа и врз членството, коешто јасно се подели на два табора. Министрите за информатичко општество и за здравство, Азир Алиу и Фатмир Меџити, му дадоа поддршка на партискиот лидер Арбен Таравари, кој се залага за соработка со опозициските партии на Албанците, кои го форсираат како кандидат за претседател. 

Третиот министер во техничката влада, министерот за правда Кренар Лога застана на страната на поранешниот лидер на Алијанса и актуелниот претседател на Централното собрание на партијата, Зијадин Села. Тој пак повика на самостоен настап на партијата на изборите. 

За министерот за правда Кренар Лога, кој е на страната на Села, Меџити денеска порача дека е негов другар и има голема почит кон него и го чуствува како брат, но дека некогаш патиштата се двојат. 

Откако во Собранието ќе биде доставен владин предлог за разрешување на двајца министри од Алијанса за Албанците и именување на нови од таа партија, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека ќе гласаат согласно предлогот на Владата.

„Пратеничката група на СДСМ ќе гласа согласно предлогот на Владата и врз основа на ставот на пратениците од Алијанса за Албанците“, изјави денеска Ковачевски при посета на компанијата Лапласт - М.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми