1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Принципи на правна државаЕвропа

Недоволно правна држава - ЕУ со укор за Полска и Унгарија

Бернд Ригерт
8 јули 2023

Европската комисија во годишниот извештај за владеењето на правото со тешки обвинувања за Полска и Унгарија кои ќедобијат помалку средства од европскиот буџет, но тие сепак не попуштаат.

Еврокомесарите Вера Јурова и Дидие Рејндерс ЕУ
Еврокомесарите Вера Јурова и Дидие Рејндерс при претставувањето на годишниот извештај за владеењето на правото во УнијатаФотографија: Lukasz Kobus/EU

Еврокомесарите Вера Јурова и Дидие Рејндерс при претставувањето на годишниот извештај за владеењето на правото во Унијата се потрудија да не ги споменуваат премногу често експлицитно Полска и Унгарија. Еврокомесарите задолжени за ресорот „Вредности, транспарентност и правда” порадо зборуваа воопштено за земји членки кои загрижуваат.
Според Рејндерс, тука спаѓаат и други земји како на пример Шпанија, која доцни со реформата во правосудството или Германија, која е мета на критики заради компаративно погледнато ниските плати на судиите. Позитивни примери пак се Луксембург, Австрија и Хрватска, кои ги спровеле препораките на Комисијата за подобрување на независната позиција на судиите и постигнале напредок.
Како да сака да превенира поплаки од Унгарија и Полска за неправеден третман од Брисел, еврокомесарот потенцираше дека сите 27 членки подлежат на оценување според истите критериуми.
Против Будимпешта и Варшава се водат постапки според член 7 од Европските договори поради повреди на владеењето на правото кои теориски може да доведат и до суспензија на членството во Унијата.
Нивниот годишен извештај за состојбата со владеењето на правото во ЕУ експертите го изготвуваат и претставуваат од 2020 година. И по прегледот на последниов извештај е јаснодека Полска е најпроблематична,а веднаш по неа следи Унгарија.

Дали спорот преоѓа во нова рунда?

Во јуни Европскиот суд пресуди дека полската реформа во правосудството е противправна и дека мора да биде укината. Тамошните власти не ја следеа препораката функцијата Државен обвинител и министер за правда да бидат раздвоени, ниту пак беа вратени на работа судии кои бесправно биле отпуштени. Па така и тенорот на пресудата се провлекува низ извештајот на ЕК кога се вели дека постои „сериозна загриженост за независноста на полското судство”.

Врховниот суд во Полска делумно ги игнорира пресудите на Европскиот судФотографија: picture-alliance/ZumaPress/O. Marques


Врховниот суд во Полска делумно не ги признава пресудите на Европскиот суд, иако е обврзан на тоа со Европските договори. Полски судии кои се повикуваат на европско право мора да стравуваат од дисциплински постапки.
Поради непочитување на пресудите на Европскиот суд со седиште во Луксембург, Полска уште во 2021 година мораше да плати 360 милиони евра казна, односно ЕК ги задржува средствата кои инаку би и` следувале на Полска од европскиот буџет.

Кога ќе има промени во Полска?

Европските чиновници во моментов не очекуваат од Полска да попушти, затоа што владејачката националконзервативна ПиС е во изборен модус во пресрет на парламентарните избори во септември годинава и Брисел е на тапет, а простор за отстапки нема.
Полскиот министер за правда, Збигњев Зиобро месецов изјави дека Европскиот суд си припишува ингеренции кои ги нема. „Пресудата не ја пишувале судии, туку политичари”, напаѓаше Зиобро, претседател на владиниот коалиционен партнер, десноекстремната партија „Солидарна Полска”.
Стручните лица во ЕК се чини дека се надеваат на промена на власта во Полска, оти дури тогаш може да се смета на сериозен напредок, велат од Брисел.
Извештајот содржи критика и за нов закон во Полска, против кој ЕК уште во јуни отпочна постапка, а кој може да цели на тоа во тековната предизборна кампања да се замолчи лидерот на опозицијата, демохристијанот Доналд Туск. Полскиот министер за Европа ги отфрли обвинувањата од ЕК.
Во Извештајот, Брисел на полската влада годинава и` ги дава истите задачи како и минатата година. Покрај правосудството, погоден е и медиумскиот сектор, каде што се забележува дека издавањето лиценци е нетранспарентно, а јавниот радиодифузен сервис премногу зависен од владата.
Полската влада до сега не е импресионирана од финансиските последици на недостигот од подготвеност за соработка од нејзина страна. ЕК и натаму не и` исплатува средства во висина од 35 милиони евра од Фондот за обнова по пандемијата, кои ќе бидат ставени на располагање дури откако Полска ќе исполни серија услови, меѓу кои и повторно воспоставување на независноста на судиите.



Помалку пари и за Унгарија

Развојот во Унгарија Комисијата го оценува нешто попозитивно отколку во Полска. Унгарскиот парламент во согласност со препораките на ЕК донесе закони за приспособување на судството на европските стандарди.
„Новите правила за Врховниот суд ќе придонесат за транспарентност, а се намалува и можноста за политичко влијание”, со пофалби реагира Комисијата. Наспроти тоа, мрачни се состојбите со сузбивањето на корупцијата и независноста на медиумите. ЕК бара гонење, истрага и осуда во случаи на тешка корупција. Санкциите против Унгарија остануваат на сила сѐ додека познати сторители од опкружувањето на политичкото раководство се на слобода. Земјата заради корупцијата која е забележана дури и во однос на европски фондови, добива само 55% од средствата што инаку би и` следувале од европската каса, а не се исплатуваат ниту парите од корона-фондот со што Будимпешта пропушта околу 12 милијарди евра.
Премиерот Виктор Орбан пак, прави притисок врз Комисијата со тоа што блокира заклучоци во други сфери. Во ЕК неофицијално се зборува за обиди за уцена.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан врши притисок врз Комисијата, блокирајќи заклучоци на ЕУФотографија: Olivier Matthys/AP/dpa/picture alliance
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми