1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин сака нови војници, но нема ни луѓе, ни пари

Кирил Букетов
1 февруари 2023

Со најавената воена реформа од Кремљ се предвидува зголемување на армијата за 350 илјади нови војници. Од каде ќе се регрутираат и како ќе се финансира толку многу нова опрема?

Владимир Путин Сергеј Шојгу Валери Герасимов
Владимир Путин со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и шефот на генералштабот Валери ГерасимовФотографија: Alexei Nikolsky/dpa/picture alliance

Русија сака да ја зголеми својата војска за дополнителни 350 илјади војници на вкупно 1,5 милиони. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, како оправдување за одлуката изјави дека „воената безбедност на државата“ како и на „новите субјекти“, со што се мисли на нелегално анектираните области од Украина, но и безбедноста на „критичната инфраструктура“ на земјата, може да се гарантираат само „доколку се зајакнат најважните структурни компоненти на воените сили“.  

Според него, реформата која започнува годинава треба да заврши во 2026 година. Како дел од неа треба да се обноват поранешните воени окрузи Москва и Ленинград (денешен Санкт Петербург), да се создадат нови формации во областите под руска окупација во Украина, како и да се формираат нови дванаесет мобилни дивизии.  

Нов армиски корпус во регионот Карелија 

Треба да се формира и нов армиски корпус во регионот Карелија. Тој треба да вклучува три моторизирани стрелачки дивизии како дел од пешадијата, како и две дивизии од воздушно-десантни трупи. 

„Корпусот во Карелија е одговор на проширувањето на НАТО“, вели израелскиот воен експерт Давид Шарп, кој потекнува од Украина. Рускиот регион Карелија се граничи со Финска, која заедно со Шведска поднесе барање за членство во НАТО. Според Шарп, руските напади во Украина покажаа дека руската армија бројно не е способна да ја изврши својата мисија за окупација на Украина. Покрај засилувањето на армијата, Москва сака да спроведе и реорганизација на трупите. 

„Реформата треба да го забрза преминот од бригади во дивизии, давајќи им на единиците поголема автономија. Промените се насочени кон долгорочни цели, а помалку кон корекција на моменталната ситуација на фронтот,“ смета експертот. 

Од каде да се најдат дополнителните војници? 

Сепак најважната точка во најавената реформа – проширување на армијата со нови 350 илјади војници– за набљудувачите отвора повеќе прашања. Од каде ќе ги најдат тие дополнителни војници? Во Русија во моментов сите мажи меѓу 18 и 27 години се обврзани да служат воен рок. Годишно, напролет и наесен се регрутираат по речиси 270 илјади лица на едногодишна служба што е само дел од оваа возрасна група. 

Руски воени регрутиФотографија: Stringer/AA/picture alliance

Досега многу мажи успеваа да избегнат регрутација со потврда дека студираат или со поткуп. Притоа се предлага задолжителната воена обврскаy, која сега важи за мажи од 18 до 27 години, да се смени со 21 до 30.  „Ова е дел од оваа реформа. 18-годишните регрути се сѐ уште ‘деца’ и не се способни за борба, додека оние со 27 или 30 години се физички посилни и веќе имаат поминато обука која може да ја употребат во армијата“, вели Давид Шарп. Тој претпоставува дека во иднина ќе се повикуваат значително повеќе регрути. 

Како прв чекор, напролет ќе се зголеми горната граница за задолжителна регрутација на 30 години. Поместување на долната граница ќе се случи подоцна. Со ова се очекува кругот на лица со задолжителна воена обврска да се зголеми на 2 милиони мажи.   

Ќе следи ли уште една мобилизација? 

Во меѓувреме продолжува дебатата за натамошна мобилизација во Русија, со оглед на тоа дека Кремљ неодамна потврди дека сѐ уште е на сила одлуката на претседателот издадена минатиот септември за „делумна мобилизација“. 

„Ако зборуваме за текот на оваа војна, тогаш најавената реформа може да биде заменета само со дополнителна мобилизација. За да се зголеми армијата на 1,5 милиони војници, мора да се регрутираат стотици илјади. Бројот на војници е единствениот адут кој сѐ уште го има Русија“, смета Шарп.

Украинскиот експерт Андреј Ришченко, поранешен заменик началник на морнарицата во неговата земја, пак, смета дека дополнителна мобилизација во Русија нема да донесе ништо. Според него, рускиот Генералштаб сѐ уште е зафатен со распоредување на регрутите од првиот бран мобилизација. 

Студенти од Сибир за време на регрутација во руската армија, јуни 2022Фотографија: Yevgeny Sofiychuk/TASS/dpa/picture alliance

„Новите војници само ќе седат наоколу и нема ништо да прават“, смета експертот. Според него, Кремљ досега неуспешно се обидува досегашните загуби во војната да ги надомести со мобилизација. И реформата, вели Ришченко, краткорочно нема ништо да донесе. „Русија од почетокот на војната претрпе тешки загуби кои треба да се компензираат. Но, новите војници на фронтот може да се очекуваат дури пред следната зима.“  

Дали реформата може да се финансира? 

Планираното зголемување на руската армија е веќе второ додека трае војната во Украина. Во август 2022 година претседателот Владимир Путин најави зголемување на војската за 140.000 мажи. Ова, заедно со сега планираните 350.000 нови војници, ќе биде речиси половина милион нови војници кои треба да се опремат со униформи и оружје што би значело огромен товар за буџетот. 

Со оглед на падот од приходите од нафта и гас, може ли Москва ова воопшто да си го дозволи? 

„Овие реформи бараат и многу ресурси, не само пари и персонал. Потребна е и опрема и инфраструктура за овие 350.000 мажи. Притоа треба да бидат обучени и специјалисти кои ќе ги водат регрутите“, посочува Шарп. Тој не исклучува дека многу новосоздадени единици ќе постојат само на хартија или нема да добијат воена опрема. 

„Реформата во голем дел изгледа нереална според она што се ветува“, смета Шарп. Андреј Ришченко смета дека се потребни 80.000 долари за еден војник целосно да е опремен. Со оглед на високите трошоци и падот на приходите од државниот буџет, и тој се сомнева дека реформата може да се спроведе. Тој исто така истакнува дека Русија е зависна и од странски компоненти за воена опрема. А таквата мерка секако не е популарна кај народот: „На крајот на краиштата, многу Руси не се подготвени да војуваат“, вели Ришченко.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми