1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин: Против Русија се води „вистинска војна“

БГ /АФП
9 мај 2023

Рускиот претседател Путин им порача на своите сонародници дека војната во Украина е клучна за нивната и егзистенцијата на државата. Додека Путин држеше говор, Русија изведе серија воздушни напади врз Украина.

Владимир Путин Москва
Претседателот Владимир Путин им порача на Русите во вторникот дека светот е на пресвртна точкаФотографија: Gavriil Grigorov/Sputnik/Kremlin Pool Photo/AP

Претседателот Владимир Путин им порача на Русите во вторникот дека светот е на пресвртна точка и дека се соочени со патриотска битка за иднината на нивната земја, на одбележувањето на годишнината од победата врз нацистичка Германија во Втората светска војна. 

„Денес, цивилизацијата повторно е на клучна пресвртна точка. Вистинска војна се води против нашата татковина. Го одбивме меѓународниот тероризам, ќе ги заштитиме жителите на Донбас, ќе ја осигураме нашата безбедност“, рече Путин во говорот по повод Денот на победата.

Во 10-минутниот говор на Црвениот плоштад во Москва, Путин ги повтори познатите пораки кои ги испрати многупати во изминатите 15 месеци од почетокот на руската инвазија врз Украина. 

Тој рече дека „западните глобалистички елити“ шират русофобија и агресивен национализам, додека украинскиот народ станал „заложник на државен пуч“ и на амбициите на Западот. 

Според официјалните податоци, на парадата во Москва учествувале околу 8.000 војнициФотографија: Grigory Sysoyev/POOL/TASS/imago images

„Нивната цел, и тоа не е ништо ново, е да постигнат колапс и уништување на нашата земја“, додаде Путин. 

Егзистенцијален конфликт 

Тој не се осврна на предизвиците со кои се соочува Русија додека нејзините воени единици се подготвуваат за очекуваната контра-офанзива на Украинците, ниту пак претстави пат за победа. 

Рускиот лидер зачестено ја портретира кампањата во Украина како егзистенцијален конфликт, кој Западот го ескалирал со поддршката на украинската влада. Путин им порача на војниците кои учествуваат во воената кампања, дека „целата земја е со нив“. 
„Нема ништо поважно од вашите воени напори“, рече тој.
„Безбедноста на земјата денес зависи од вас, иднината на нашата државност и на нашиот народ зависи од вас“. 

За разлика од минатите години, овојпат немаше воздухопловно шоу, ниту по улиците продефилираа главните борбени тенковиФотографија: Mikhail Metzel/TASS/imago images

Говорот, по кој следуваше огромна воена парада на Црвениот плоштад, се случува по серијата напади во Русија изминатиот месец, вклучително и наводен напад со дрон врз Кремљ пред помалку од една недела. 

Според официјалните податоци, на парадата во Москва учествувале околу 8.000 војници, но за разлика од минатите години, овојпат немаше воздухопловно шоу, ниту по улиците продефилираа главните борбени тенкови, освен историскиот Т-34. Иако начелно не се најавуваше присуство на странски државници, на церемонијата биле лидерите на поранешните советски републики Беларусија, Казахстан, Таџикистан, Туркменистан, Киргистан, Узбекистан и Ерменија. 

Пред самиот почеток на свеченоста во Москва, Украина соопшти дека соборила 23 од 25 ракети кои Русија ги насочила кон главниот град Киев. Нема информации за жртви.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми