Владина криза во Франција: Кои се последиците за Германија?
10 октомври 2025
Во Франција владее најсериозната политичка криза во последните децении. И нема брз излез на повидок. По помалку од четири недели на функцијата, премиерот Себастијан Лекорну си поднесе оставка. Неговиот неуспех беше условен од поделбата меѓу левиот и десниот блок во националното собрание, уште пред воопшто да има шанса да формира влада. Со заминувањето на Лекорну, претседателот Емануел Макрон губи трет премиер за само една година, иако Лекорну сега ќе стартува уште еден обид за формирање влада. Во таква ситуација не може да биде одобрен буџетот за следната година. Итно потребните заштеди повторно се одложуваат. Задолжувањето и буџетскиот дефицит на Франција се речиси двојно поголеми од тоа што критериумите за стабилност на ЕУ дозволуваат. Финансиските пазари реагираат нервозно и бараат зголемување на премиите за ризик за државните обврзници издадени од втората најголема економија во ЕУ по Германија.
Макрон под притисок
Сојузната влада во Берлин сепак е смирена. „Би предупредил да не се драматизира премногу во овој момент“, вели за ДВ Гинтер Крихбаум, државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи.
„Германско-француското пријателство останува сигурна константа во Европа. Тесни консултации меѓу политичарите и властите на нашите две земји се одвиваат на сите нивоа на владина соработка; сегашната ситуација не менува ништо во тој поглед", објаснува тој. Без разлика на турбуленциите во Париз, Фридрих Мерц и натаму ќе соработува со Емануел Макрон. Надворешната политика во Франција е комплетно во рацете на претседателот. А, позицијата на Макрон не е доведена во прашање во оваа владина криза, или барем не примарно. Мандатот на Макрон официјално завршува во 2027 година, а тој има намера да остане до крај. Сепак, неговата позиција сега е сериозно разнишана. Негова оставка бара не само левата и десната опозиција, туку сега и Едуар Филип, еден од неговите поранешни премиери. И анкета од крајот на септември покажува дека 78 проценти од Французите го сметаат Макрон за лош претседател.
Што ќе стане од заедничкиот борбен авион?
Со кризата на домашен терен, се намалува и влијанието на Макрон на меѓународната сцена. Макрон постојано бараше суверена Европа која може самоуверено да настапи и наспроти Русија под Путин и САД под Трамп.
„Сега Макрон се разбира веќе не е толку моќен како во 2017 година, кога ја презеде функцијата“, вели за ДВ Штефан Зајдендорф, заменик-директор на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург. „Франција сепак останува исклучително важен играч на европско ниво“, дури иако другите европски премиери можеби ќе го потсетат „дека нема парламентарно мнозинство, ниту влада и дека буџетот на Франција и натаму е надвор од контрола“, вели Зајдендорф.
А, француско-германските проекти? Макрон и Мерц сакаа нов почеток на нивното блиско партнерство; тоа му беше особено важно на германскиот канцелар по неговиот избор, со оглед на тоа дека работите не функционираа добро меѓу Макрон и претходникот на Мерц, канцеларот од СПД, Олаф Шолц. Двете влади на заедничкиот министерски состанок во Тулон неодамна составија список на заеднички проекти, од поблиска координација во енергетската политика до поддршка на вештачката интелигенција и подобрени можности за финансирање на стартапи. Плановите и натаму имаат важност. Но, Зајдендорф посочува дека „на проектите што особено зависат од политичка поддршка или политички притисок, сега им фали таквата политичка поддршка “. Тоа на пример важи за планираните заеднички борбени авиони, со кои неодамна имаше големи проблеми.
Долг што убива
Дали постојат паралели меѓу двете земји - и покрај сите разлики во политичките системи? Со оглед на големото национално задолжување на Франција од околу 115 проценти од бруто домашниот производ и дефицит од 5,8 проценти, земјата е принудена драстично да ги намали јавните трошоци следната година, без оглед кој ќе биде во владата. Според Гинтер Крихбаум од германското Министерство за надворешни работи, ова сепак не е проблематично за еврозоната. „Франција е солидна држава. Во последните три години, француската економија за разлика од нашата всушност и порасна. И еврозоната како целина е исто така поотпорна од било кога благодарение на инструментите воведени во изминатите години“, врли Крихбаум. Во Германија индикаторите за долг и дефицит - сѐ уште - се значително подобри, но поради новото големо задолжувње, Германија во иднина ќе мора да плаќа значително повеќе за камата. Канцеларот Мерц веќе го подготвува населението за болни мерки за штедење и „повеќе работа“.
Се „суши“ политичкиот центар
Потоа, тука е и темата со силните крајно десни партии. Притисокот во двете земји се зголемува. Во неодамнешната анкета во Франција за посакуваниот иден претседател, двајца претставници на десно-популистичката РН беа на врвот - лидерката на парламентарната фракција, Марин Ле Пен, и лидерот на партијата, Џордан Бардела, иако на Ле Пен ѝ е забрането да извршува политичка функција во период од пет години откако беше осудена за проневера на јавни средства. За Зајдендорф иден претседател од РН е „тешко замисливо“, но „не и сосема исклучено“.
Во Германија системот е различен и фокусот на политичкото дејствување не е кај претседателот, туку кај канцеларот, кој вообичаено произлегува од најсилната партија во Бундестагот. Иако канцелар од делумно екстремно десната АфД во моментов е незамислив бидејќи ниедна друга партија во Бундестагот не сака да соработува со неа, во неколку неодамнешни анкети АфД има тесна предност пред ЦДУ на Фридрих Мерц.
Политичката дилема во двете земји Штефан Зајдендорф ја сумира како „дел од перципираниот проблем во Франција, дека двата крајно левичарски и крајно десничарски блока даваат радикални предлози, со што не доаѓаат во позиција да преземат одговорност, додека истовремено центарот што презема одговорност да владее е толку намален што сите мора да се обединат за да формираат влада, а ни во Германија не сме многу далеку од таква констелација.“ Гинтер Крихбаум, државниот министер за Европа, и во тој поглед бара да не се драматизира, иако согледува опасности. „Франција е жива демократија. Она што се случува таму е дел од демократската дебата. Развојот на настаните сепак покажува дека нашите европски демократии се соочуваат со различни предизвици. Наша колективна задача мора да биде да го обезбедиме функционирањето на нашите демократии и, заедно да им вдахнеме живот“, вели Крихбаум.