1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влијанието на Кина врз Путин е ограничено

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
14 октомври 2022

Претседателот на Русија се заканува со атомски напад. Во таква ситуација потребни се разумни чинители кои имаат пристап до Путин. Но, кинескиот претседател Ши Џингпинг е сѐ подистанциран од него, смета Александер Герлах.

Колку имаат да си кажат еден на друг? Кинескиот лидер Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Шангајската организација за соработка, септември 2022 годинаФотографија: Sergei Bobylyov/Sputnik/AFP

На руската одмазда поради уништувањето на важниот мост за снабдување на, од 2014 година, анектираниот Крим, не се чекаше долго. Киев беше бомбардиран, загинаа повеќе лица. Тоа беа први ракети кои го погодија главниот украински град од јуни до сега. Путин вети одмазда и ја испорача. Тоа пак фрла сосема ново светло на една друга закана која лебди во воздухот - дека Русија ќе ја реши војната во Украина во своја корист со помош на атомски напад.

Кој воопшто уште има пристап до Путин?

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека светот од кубанската криза во 1962-та досега никогаш не бил поблиску до нуклеарен „Армагедон” отколку што е денес. Но, од Пентагон говорот на врховниот командант го коментираа во насока дека засега нема нови сознанија и дека американската војска не го става нејзиното оружје во состојба на готовност.

Александер ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Во актуелната констелација на односи потребни се чинители кои имаат пристап до рускиот претседател и кои може да го убедат дека нуклеарен напад ќе има стравични последици за Русија. Кина и Индија, како две нации со најголемо население на светот и земји кои и натаму имаат релации со воинот од Кремљ, доаѓаат предвид за таа задача. Индија досега профитираше од руската испорака на нафта и на меѓународната сцена не се постави против Путин. Лидерот на Кина, Ши, во изминатите недели постепено се дистанцираше од Путин. Нуклеарните закани од Путин веројатно ги засилиле таквите тенденции во Пекинг и Њу Делхи.

Магазинот „Политико“ пишува дека САД се обидуваат да влијаат врз партнерите на Москва во соседството, како и врз Индија. Вашингтон се надева дека чинителите може на рускиот властодржец да му разјаснат дека економските и дипломатските последици од нуклеарен напад ќе бидат масивни и драстични. Администрацијата на Бајден, и покрај реториката на претседателот за крај на светот, се чини смета на тоа дека потенцијален атомски напад со тактичко оружје би можел да биде спроведен, но разорното влијание на таков напад би се чувствувало во непосредна близина на експлозијата, а не би било закана за територија на НАТО-членка. Експертите, пак, посочуваат дека со таков тактички напад не би можела да биде поразена украинската армија. Напад со тактичко, односно „мало“ атомско оружје би имал само симболично значење: Ако сега не се откажете, ќе употребиме оружје од поголем калибар.

Надежите се полагаат во Кина

И во НАТО се надеваат дека лидерот на Кина,Ши Џинпинг ќе може да го убеди својот пријател Путин да се повлече од заканата за атомски напад. Централноазиските држави, кои за време на Советскиот сојуз беа окупирани од Русија и во кои денес Пекинг сака да има поголемо влијание, со оглед на војната во Украина се чувствуваат потсетени на советските времиња. Немири во непосредна близина не ѝ се потребни на Народна Република Кина. Само во Казахстан, Комунистичката партија на Кина, преку својата алатка за влијание, „Новиот пат на свилата”, има вложено околу 19 милијарди долари во железнички станици и шини. Сонот на Пекинг е да се изгради комерцијална железничка траса во правец на Европа. Но, тоа нема да функционира без поранешните советски републики.

Кинеските државни медиуми во меѓувреме смеат отворено да ја критикуваат мобилизацијата во Русија и заканата на Путин со атомски напад, што е новитет, бидејќи државните гласила на комунистичките отци досега се служеа со истиот наратив како и Кремљ и војната ја нарекуваа „специјална воена операција”. Коментатор во партискиот весник Global Times вели деказаканата на Путин со атомски напад го загрозува мирот во светот. „Ако господин Путин мисли дека војната може да ја добие само со користење на тактичко атомско оружје, тогаш тој и неговата влада ќе паднат”, се вели во преводот на Азија Њус.

Медиумите во Пекинг не ја критикуваа директно руската анексија на украински територии преку фалсификувани референдуми. Нив Путин сака да ги употреби за да оправда нуклеарен напад, бидејќи секој обид на Украина да ја врати сопствената територија од страна на Кремљ ќе биде третиран како напад врз своја територија. Во таков случај Русија си го задржува правото на „самоодбрана”. Но, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на маргините на Генералното собрание на ОН, на крајот на септември, рече дека секоја земја заслужува почитување на нејзиниот суверенитет. Тоа се толкуваше како критика на анектирањето украинска територија од страна на Русија.

Дипломатски обид од Њу Делхи?

Во текот на изминатата недела премиерот на Индија и претседателот на Украина, Моди и Зеленски, разговараа телефонски. Од објавите на двата кабинета по разговорот може да се заклучи дека Делхи сака да влезе како посредник помеѓу Русија и Украина. Наренда Моди рекол дека не постои воено решение за конфликтот и дека двете страни треба да преговараат. Зеленски одбил, посочувајќи на лажните референдуми во Донбас. Со оглед на анексијата и насилното отцепување на делови од земјата, според Зеленски, преговарање веќе не е можно, а Украина нема да отстапи своја територија на Русија.

И индискиот премиер Моди досега не успеа да го одврати Путин од неговиот курсФотографија: Alexandr Demyanchuk/SPUTNIK/AFP

Моди и Путин последен пат се сретнаа на 16 септември, на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка, рунда од земји во Централна Азија под водство на Пекинг. При кратката средба индискиот претседател му рекол на Путин дека сегашната ера не е време за војни. За таквата изјава беше пофален од демократските шефови на држави или влади. Но сепак, индиската иницијатива не успеа да го одврати рускиот властодржец од неговиот воен курс.

Погрешно е и натаму да се полагаат надежи во Пекинг. Таму со полна пареа се подготвува 20-тиот партиски конгрес, кој ќе започне на 16 октомври и на кој Ши повторно треба да биде прогласен за претседател. Релациите меѓу Ши и Путин не се партнерство на исто ниво. Меѓусебната поддршка, од Путин за Тајван и од Ши за Украина, досега функционираше само затоа што интересите на двајцата диктатори не се преклопуваа. Штом тоа ќе се промени, ќе има промена и во поддршката. Кина, поради страв од западни санкции, одби да ја снабдува Русија со оружје, па Кремљ веројатно ќе ја смета Кина за соодговорна доколку руската армија навистина изврши атомски напад.

Александар Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика во меѓународните односи и научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми