1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО се повика на значењето на ДПМНЕ

19 април 2024

Левица и ЗНАМ повеќе нема да слушнат лош збор од ВМРО-ДПМНЕ. Во битка за национално единство, Мицкоски обзнани мораториум на сите напади кон овие две партии.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДППМНЕ
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДППМНЕ обзнани мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМФотографија: Boris Georgievski/DW

Во согласност со името ВМРО - Демократска партија за македонско национално единство, на првиот ден од кампањата за парламентарните избори нејзиниот претседател од синоќешниот (18.04) митинг во Охрид повика на обединување.

„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партиите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“, рече Христијан Мицкоски.

Иако ВМРО-ДПМНЕ имала разлики со Левица и ЗНАМ по повеќе прашања - и од идеолошка, и од принципиелна природа - сепак, Мицкоски смета дека во моментов нешто друго е поважно.

„Ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мора да наоѓаме заеднички јазик без разлика на лични и партиски суети и интереси. Од нив не очекувам да го направат истото. Дури можеби и ќе ме нападнат за овој гест, можеби некои оправдано ќе кажат дека е задоцнет, но и покрај тоа, како и да се однесуваат споменатите партии, ние како партија ќе опстоиме на нашиот збор“, порача Мицкоски.

Притоа Мицкоски обелодени сценарио/заговор кое било подготвувано од актуелната власт.

„А, тоа е, ќе имале СДСМ 28 пратеници, а албанските партии ќе добиеле 33 заедно и ќе правеле влада заедно. Замислете каква багра е тоа и како размислува за иднината на Македонија! Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји - нема откажување од фотелјите - треба да им е слоганот. Дури и им ветувале на ДУИ дека наместо како досега 50 проценти од државните институции, СДСМ би се задоволиле со 30 проценти, а ДУИ и останатите партии да преземат сѐ до 70 проценти“, рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните да излезат во што поголем број на изборите и актуелната власт да ја испратат на буништето на историјата.

„Нема влада без Левица“

Мицкоски и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, досега само еднаш беа на иста страна - во ноември 2021 година, кога објавија дека имаат обезбедено ново мнозинство во парламентот, заедно со Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива, и Левица, но тој обид сепак не успеа.

Според промовираниот спот за парламентарните избори, Левица е критична кон владејачките партии, ама и кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Доаѓаат со план за власт за да возат луксузни коли, ненаситно да се дебелат и да градат палати“, порачува во спотот гласот на Димитар Апасиев, при што делот со палатите е инсертиран само со партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ (Белата палата).

Под слоганот „Неподмитливите во Собранието“ и „Нема влада без Левица“, од партијата искажуваат верба само во планот на народот.

„Со децении веќе доаѓаат со план за власт, да земаат, да пустошат и да крадат! Татковината која ја сакаме ја претворија во перална за нивните црни пари! (...) И сега ќе пробаат да дојдат со нивниот расипан план за власт, но нека знаат - овој пат, македонскиот народ има свој план!“, порачува Левица.

ЗНАМ исклучува соработка со СДСМ

Од друга страна, претседателот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски, веќе децидно изјави дека „постизборно исклучува каква било соработка со актуелно раководство на СДСМ“.

„Тоа (раководство на СДСМ -н.з.) ја сноси најголемата одговорност зошто една државотворна партија се трансформираше во ваква партија каква што е денеска, партија која се откажа од Крушевските и АСНОМ-ските принципи. Едноставно згази сѐ“, изјави Димитриевски за „А1 он“.

Вели дека пораснал во таа партија и има контакти со поединци од неа, но не се согласува со нејзиното актуелно и со претходното раководство, ниту остава простор за соработка со нив. Иако не даде конкретен одговор дали тоа значи дека остава простор за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш повтори дека не доаѓа предвид соработка со СДСМ.

„Гледајќи ги нештата како се одвиваат помеѓу двата големи политички субјекти, нема да ме изненади и коалиција помеѓу актуелново раководство на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во тој случај ЗНАМ ќе остане со граѓаните, ќе бидеме конструктивна опозиција. Во секој случај, отфрлам каква било можна постизборна коалиција со актуелното раководство на СДСМ, бидејќи сметам дека треба да понесат една огромна одговорност за сето тоа што се случува и што се случуваше во минатото и многу од поединците кои имплементираа власт треба да одговараат пред законот“, рече Димитриевски.

Претседателот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски изјави дека „постизборно исклучува каква било соработка со актуелно раководство на СДСМ“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Димитриевски/ЗНАМ со ВМРО-ДПМНЕ ги спојува исто залагање - уставните измени да имаат важност од моментот кога членството на РСМ ќе биде ратификувано во парламентите на земјите членки на ЕУ. Со таа разлика, што Димитриевски потенцира дека тој прв ја соопштил оваа идеја во интервју, а Мицкоски ја препишал.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми