1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денови на одлука за новата техничка влада

ДТЗ
8 јануари 2024

ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во техничката влада, но најавуваат дека ќе се воздржат од гласање. Христијан Мицкоски е дециден дека Талат Џафери не ја заслужил нивната поддршка.

македонско собрание
Денови на одлука за новата техничка владаФотографија: Government of North Macedonia

Северна Македонија е се поблиску до изборот на новата техничка влада која што треба да раководи со државата во последните 100 дена пред пролетните избори, коишто треба да се одржат на 8 мај. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сè уште не ги обелоденува имињата на двајцата министри и замениците со коишто треба да партиципира во „Пржинската влада'.  Одлуката треба да се финализира в четврток (11 јануари) за кога партијата има закажано средби на највисоките органи на партијата - Извршниот и Централниот комитет на партијата, каде ќе се разговара за имињата на партиските кандидати за министри и заменици-министри. 

Кои се адутите на опозицијата?

Како можен кандидат за нов министер за внатрешни работи се споменува Наќе Чулев, кој претходно беше технички министер на чело на МВР. Тој деновиве е зачестено присутен во јавноста, изразувајќи критики за работата на МВР за кое оценува дека е „високо партизирано, пренатрупано со нововработен, неквалитетен и нестручен кадар, кој не може да испорача резултати, а немотивираноста и апатијата е главна карактеристика на безбедносниот систем“.

„Приоритет на новата влада и МВР ќе биде бескомпромисна и неселективна борба против сите кои постапуваат спротивно на законот“, најави Чулев на социјалните мрежи и во изјави за дел од медиумите. 

Опозицијата ќе партиципира во 100 дена влада, но не е расположена да му ја даде поддршката на Талат Џафери за технички премиер.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Проверени кадри

Што се однесува до СДСМ, нивните предлози за министри и помошници министри во техничката влада се познати од пред Нова година. Митко Бојмацалиев, кој е актуелен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, е избран за кандидат за дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, а Славица Грковска е кандидат за заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење. Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ остануваат во игра за вицепремиери за економски и европски прашања.

Централниот одбор на СДСМ одлучи актуелните министри за култура, за животна средна, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за одбрана, Бисера Костадиновска Стојчевска, Каја Шукова, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска, да продолжат да раководат со ресорите и во техничката влада.

Мицкоски се уште ја чека поканата на премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Воздржани за Талат Џафери

Опозицијата ќе партиципира во 100 дена влада, но не е расположена да му ја даде поддршката на Талат Џафери за технички премиер. За време на Божиќните празници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за техничката влада, одговори дека неговиот став е јасен и ќе го соопшти и на Централниот и на Извршниот комитет на партијата.

„Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДМНЕ и ќе се воздржиме од гласање“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред Соборниот храм во Скопје.

Во декември минатата година во гостувањето во Клик Плус на ТВ21, Талат Џафери, за противењето тој да биде премиер во последните 100 дена Влада, изјави дека имало слични реакции и кога беше предложен за министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски, а имало реакции и кога беше предложен за претседател на Собранието.

„ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година го 'голтна' моментот Талат Џафери да стане министер за одбрана во владата на Никола Груевски, влада раководена токму од ВМРО“, порача Џафери.

Наредните денови, Талат Џафери треба да поднесе оставка од пратеник, а неговото место ќе го заземе Јован Митрески од СДСМ.

Наредните денови, Талат Џафери треба да поднесе оставка од пратеник, а неговото место ќе го заземе Јован Митрески од СДСМ.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерска средба

Мицкоски се уште ја чека поканата на премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба. Лидерот на опозицијата му порача деновиве на премиерот дека не се согласува на тајни средби, а тој пак му одговори дека „може да се сретнат и на улица Македонија или пак во некое кафуле“. Засега разговорите се водат на ниво на потпретседатели. 

Формирањето на преодната влада е предвидено со Пржинскиот договор и таа ќе функционира 100 дена пред парламентарните избори. Законот со кој се предвидува ваква влада пред избори е дел од таканаречениот Пржински договор постигнат во 2016 година. Според него, Владата ќе добие технички премиер по предлог на ДУИ, а двајца министри (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) треба да бидат назначени по предлог на најголемата опозициска партија - ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата треба да добие и тројца заменици министри и тоа во министерствата за земјоделство, финансии и администрација и информатичко општество.

Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања и инвестиции.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми