1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ внимава какви кадри се предлагаат во преговорите

25 мај 2024

Разговорите со Вреди се во напредна фаза, но сѐ уште нема конечен договор, и сѐ до официјализирањето на договорот нема да соопштуваме детали, велат од победничката партија.

Nordmazedonien Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Избор на кадри со високи морални вредности, кои вредно ќе работат на реформските процеси, е една од главните цели во разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди во изборот на персонални решенија за состав на идната влада. Иако имаше шпекулации дека разговорите се пред крај,  од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сѐ уште нема конечен договор,  но дека разговорите се во напредна фаза. 

„Преговарачкиот процес се базира на принципи, пред сѐ, на евроинтегративниот процес, потоа на борбата против корупцијата како и на потребата од реформи за економски развој“, објаснува за ДВ висок извор од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија кои се нудат во коалициските преговори, при што истите не треба да бидат компромитирани на кој било начин и да се посветени на работа и реформи. Засега она што може да се каже, е дека преговорите се во напредна фаза, но сѐ уште нема конечен договор, и сѐ до официјализирањето на договорот нема да соопштуваме детали. Се разговара за ресори кои се од економска и политичка природа, но најважното е тие  да ги прифатат принципите на владата  и генералните програмски определби. Во преговорите се внимава на квалитетот на самата поделба и бројката која ВМРО-ДПМНЕ ја има на  освоени пратеници.  Преговорите продолжуваат и во наредните денови“, објаснува нашиот соговорник.

Морал и вредности

Со сличен тон вчера се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од свеченоста по повод одбележувањето на 24-ти мај во струшко Калишта.

„Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати. Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува“, посочи Мицкоски.

Според него,  формирањето на владата  е лесниот чекор, а најважниот е да се испорача она што е ветено пред граѓаните.

„За брзо отсега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме. Многумина се гледаат на  различни позиции, функции и места,  но никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој што ја дава оваа власт, а тоа е народот“, посочи Мицкоски.

Предупреди дека секое потфрлање на  идните носители на власт  ќе биде разочарување за граѓаните пред кои се обврзале да стават крај на досегашното владеење.

„Добиената поддршка мора да се заслужи и одработи. Мора да се покаже задолжителна доблест, пример во владеењето и одговорност. Работете беспоштедно од првиот ден, решавајте што е можно повеќе проблеми и бидете промената која може и мора да се види од првиот час. Секој ќе добие шанса, секој од вас, но таа шанса е обврска која морате да ја исполните. Знајте дека ја имате мојата доверба, но и ќе ја имате мојата апсолутна жестокост без пардон доколку било кој од вас влезе во коруптивни или заткулисни игри“, порача Мицкоски пред присутните, меѓу кои беа голем број негови сопартијци.

Претседател на Собранието

Додека сѐ уште течат  разговорите за состав на владата,  она што најпрво треба да го договорат потенцијалните партнери, е кој ќе биде претседател на Собранието, бидејќи конститутивната седница на новиот состав на парламентот ќе почне на 28-ми мај (вторник). Според новиот Деловник таа не може да трае подолго од три дена и треба да заврши со избор на претседател на Собранието.

Дали лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ќе ја преземе функцијата претседател на Собранието?Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Она што засега ниедна страна ниту го потврдува, ниту го демантира, е дека наводно е постигнат договор лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, да ја преземе функцијата претседател на Собранието. Ниту тој во завчерашното гостување на ТВ Аласт не даде конкретен одговор.

„Нам ни беше важно Албанците да продолжат да вршат една од трите функции во државата и секако, бидејќи се знае кој ќе биде премиерот и шефот на државата, побаравме претседателот на Собранието да им припадне на Албанците. Договорот сè уште не е конечен, начелно се договоривме за некои позиции. Правилно е да се почека она што го договоривме со ВМРО-ДПМНЕ да помине на нашите партиски органи и верувам дека во законскиот уставен рок, а тоа е 28-ми мај, денот кога ќе се конституира парламентот, сите ќе имаме јасна претстава кој е заедничкиот предлог на коалицијата за претседател на парламентот“, рече Гаши.

Седницата на 28-ми мај ќе има три точки на дневен ред: избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието. Откако ќе биде избран претседател на Собранието, тој треба да ја извести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дека се верификувани мандатите на пратениците. Оттогаш почнуваат да течат десетте денови во кои претседателката треба да го додели мандатот за состав на влада, на кандидатот на партијата или на партиите кои имаат мнозинство во Собранието.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми