ВМРО-ДПМНЕ наводно бара измени во Кривичниот законик, кои би воделе кон застарување на обвиненија за „злоупотреба на службена положба и овластување“, а со тоа кон индиректна амнестија на нејзини високи функционери.
Реклама
Ниту Договорот со Грција, ниту законот за финансирање на политичките партии и барањето за „пржинска влада“ пред избори, најверојатно не се вистинските причини поради кои ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот на новиот состав на ДИК. Како што тврдат за ДВ извори упатени во преговорите, притисокот на ВМРО-ДПМНЕ зад сцената бил насочен кон барање на одредени измени во Кривичниот законик. Поконкретно, најголемата опозициска партија наводно барала промена и редефинирање на кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и намалување на висината на предвидените санкции, со што би се скратил и рокот во кој застаруваат делата извршени по тој основ.
„Амнестијата за учесниците во настаните од 27-ми април е 'нафрлена' само како параван за амнестијата што всушност се бара исклучиво за високи партиски функционери на партијата, кои се опфатени со предметите на СЈО или ОЈО. Со такви измени во Кривичниот законик, обвиненијата за голем дел од нив веќе би станале застарени или би го стакнале тој статус многу брзо во следниот период. На таков начин, би се обезбедила тивка, индиректна амнестија, без многу 'врева'“, објаснуваат нашите извори.
Мицкоски неколку дена е недостапен да ги потврди или дементира ваквите наводи. Но, дел од вчерашните одговори на премиерот Заев дадени по завршувањето на лидерската средба, индицираат дека има такви обиди. Говорејќи во контекст на очекуваниот договор за деблокирање на процесите кои треба да овозможат одржување на референдум, Заев се осврна на ваков можен аспект.
„За (давање-н.з.) амнестија - директна, индиректна, заобиколена, немам право ниту јас, ниту Мицкоски. Во држава, во која се бориме за најзначајната реформа во правосудството - владеење на правото и законот да важи еднакво за сите, ова е незамисливо. За вакви работи нормално дека не можеме да разговараме. Немаме право, немаме мандат!“, изјави Заев.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
Што сака да каже Мицкоски во потесен состав?
Оваа изјава помина незабележна од медиумите, кои претежно се фокусираа на прашањето како се изјаснила на средбата Социјалистичката партија, дали премиерот останува на ставот за предвремени избори во пакет со референдум, и како ќе се реши прашањето за ДИК.
„Оставам простор на лидерската средба во четврток да продолжиме со разговорите“, одговори премиерот.
Но, дали навистина овие прашања ќе бидат во фокусот на денешната лидерска средба што ќе се одржи напладне? Уште една индиција дека теми на разговор не би биле само оние што се јавно декларирани, повторно дојде преку изјава на премиерот.
„Што е тоа што Мицкоски не сакаше да го каже пред сите политички лидери, а е подготвен да го каже на лидерска средба во помал состав?“, праша Заев.
Изјавата уследи по завршувањето на лидерската средба, која Мицкоски ја напушти пo еден час, со барање да се одржи нова лидерска средба, во најтесен состав на главната лидерска четворка. Неговите забелешки за форматот на вчерашната средба беа крајно контрадикторни. Од една страна, реагираше зошто сите политички парламентарни партии не биле застапени на состанокот, а од друга страна дека вчерашниот формат бил преголем, и дека треба да заседаваат само лидерите на двете најголеми партии во власта (македонска и албанска) и на двете најголеми партии од опозицијата (македонска и албанска).
Мицкоски бил единствениот кој на синоќешната средба не се изјаснил каков е неговиот став за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Сите ние, кои останавме до крај на лидерската средба, сите сме за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Потенцирам, сите што останавме сме за успешен референдум како процес (...) Ако е Мицкоски за НАТО и ЕУ, и за просперитетна иднина на Република Македонија, требаше да седи рамо до рамо со лидерите на политичките партии и да носи одлуки во интерес на граѓаните. Наместо тоа, Мицкоски одлучи да избега од лидерската средба, а со тоа и да избега од одговорноста за ова историски најважно прашање за македонската иднина. Затоа, закажав уште една лидерска средба во помал состав, на која што Мицкоски ќе има уште една можност да се изјасни за тоа дали е за Македонија во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните непречено да одлучуваат за иднината на Македонија“, рече Заев по средбата.
Однесување што го демонстрирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Заев го нарече „несериозно, неодговорно и навредливо кон сите политички субјекти и кон сите граѓани на Република Македонија".
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
Премиерот синоќа соопшти дека на средбата се разговарало и за можна формулација на референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.
„Јас немам против, или не сум без разбирање, ако граѓани гласаат против вака формулирано прашање, иако сум убеден дека е огромно мнозинството кое ќе ги поддржи процесите што стојат пред нас. Но, демократско право во демократска земја е да им обезбедиме на граѓаните да се изјаснат на референдум. Историски гледано, зад прашањето за референдум најпрво стоела ВМРО-ДПМНЕ. И редно е да се бори за успешен процес на референдум. Тоа го очекуваме“, изјави Заев во предвечерјето на новата лидерска средба.
Тој потенцираше дека според член 27 од Законот за референдум, во услови кога Собранието треба допрва да донесе исклучително важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за важното прашање пред да се донесе одлуката, а согласно со Договорот со Грција - тоа е одлуката за уставни промени.
„Во секој случај волјата на мнозинството граѓани изразена на референдум ќе биде конечна за сите политички чинители“, нагласи Заев.